Контраспин: Џафери не може да го претпочита Деловникот наместо Уставот

Според Уставот со верификација на мандат на пратениците Собранието е констиутирано. Уставот е највисок правен акт во државата и е хиерархиски далеку над Деловникот на Собранието. Оттука, тврдењето на Талат Џафери дека Собранието не е констиутирано, е спин

Според Уставот со верификација на мандат на пратениците Собранието е констиутирано. Уставот е највисок правен акт во државата и е хиерархиски далеку над Деловникот на Собранието. Оттука, тврдењето на Талат Џафери дека Собранието не е констиутирано, е спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во изјава за ТВ21 претседавачот со новиот состав на Собраниет на РСМ, Талат Џафери, даде изјава со која толкува дали Собранието е конститутирано, при што се препознава извртена вистина, т.е. спин:

Спин: Не може без избран нов претседател на Собранието да се смета дека парламентот е конституиран. Ова значи дека сѐ уште нема кој да го информира шефот на државата за тоа дека е формирано ново парламентарно мнозинство и роковите затоа се уште не се почнати.

[Извор: ТВ 21 – До кога е рокот за давање мандат? Џафери:.., датум: 10.08.2020]

 

Контраспин: Пратеникот и претседавач со конститутивната седница на новиот состав на Собранието на РСМ, Талат Џафери, ја извртува вистината, т.е. спинува околу прашањето дали Собранието е констиутирано или не со тоа што вели дека сѐ додека не биде избран нов претседател, тоа не е конституирано.

Ваквото толкување на Џафери треба да резултира со поместување на роковите за давање мандат за состав на новата Влада од страна на Претседателот Стево Пендаровски, чиј кабинет, пак, веќе неколку пати повтори дека роковите, според Уставот, течат од 5 август, ден по конститутивната седница на Собранието која е прекината, откако мандатот на пратениците беше верификуван. Кабинетот на Претседателот, министерката за правда во Владата во заминување, Рената Дексоска и други експерти и политички лидери, кои тврдат дека роковите веќе течат се во право, а Џафери и другите што го тврдат спротивното спинуваат – произлегува од фактите што ги проверивме.

Факт број 1 е Уставот на РСМ. Членот 63, став 1  од Главата III, Организација на државната власт, точка 1, Собрание на РСМ, е јасен:

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Бидејќи претходниот претседател Џафери ја закажа седницата за 4-ти август и на нејзе по пребројувањето присуствуваа мнозинството нови пратеници, чиј мандат беше верификуван откако новоизбрната верификациона комисија го потврди мандатот на пратениците, сосема е јасно дека Собранието е констиутирано. Тоа што седницата не е завршена и не е избрана Комисија за избори и именувања, како ни претседател на Собранието, не го менува фактот дека Република Северна Македонија веќе има Собрание. Па, оттука, веќе течат роковите што ги има Пендаровски, согласно член 90, став еден, исто така, од Уставот.

Талат Џафери не го известил Претседателот дека Собранието е констиутирано (најверјатно) зашто тоа го прави Претседателот на Собранието. Но, бидејќи претседател не може да се избере ако нема договор за формирање мнозинство, состојбата е апсурдна и можеби упатува на заклучок дека во иднина овие одредби од Уставот треба да се допрецизираат. Но, ништо од сето ова не го менува фактот дека Собранието е конституирано со самото тоа што е верифициран мандатот на пратениците и дека роковите течат.

Џафери, односно други експерти и политичари кои стојат зад ставот дека Собранието не е конституирано, како поранешниот претседател Трајко Вељановски, на пример, се повикуваат на Деловникот на Собранието, кој предвидува дека на конститутивната седница се избира и претседател и Комисија за избори и именувања, па додаваат дека на тој начин Собранието не било функционално, итн. Но, сите тие забораваат два факта: Собранието одлуките ги носи со мнозинство од пратениците кои можат да се организираат и без избран претседател, како и фактот дека Деловникот на Собранието е пропис кој е далеку под Уставот на државата како највисок правен акт, со кој треба да бидат усогласени сите други законски и подзаконски акти.

Впрочем, самиот Трајко Вељановски истакнува дека во современата историја на државата на два пати претседавачот го известувал Претседателот на државата дека Собранието е конституирано, иако не била завршена конститутивната седница. Еднаш тоа го направил Стојан Андов во 2006 година, а вториот пат самиот Вељановски во 2016 година во декември.

Според тоа, праксата постои, Уставот е над Деловникот и навистина не се докрај јасни вистинските причини зошто Џафери не го известува претседателот Пендаровски дека Собранието е конституирано, односно тие можат само да се претпоставуваат во доменот на политичкото, но не и уставно-правното.

Но, тоа не го менува фактот дека неговото тврдење дека Собранието не е конституирано е извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција