Контраспин: Јанушев не може да знае дали ќе има избори во јуни

Игор јанушев. Фото: принтскрин

Генсекот на ВМРО-ДПМНЕ не може да знае дали во јуни ќе има или ќе нема избори. Тоа ќе го одредат други фактори, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, но таа партија не е единствен фактор што го одредува датумот. Второ, бидејќи како главен аргумент го нагласуваат здравјето на населението и дека тоа ќе било најбезбедно на крајот од летото или есента, зошто СЗО не го знае тоа?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ оддржа прес со тврдења во чиј дел се забележува спин:

Спин: Избори во јуни НЕМА ДА ИМА! ВМРО-ДПМНЕ е различна, ВМРО-ДПМНЕ се грижи првенствено за здравјето на граѓаните.

… Ќе има избори кога нема да биде загрозено здравјето на граѓаните. Сите релевантни здравствени показатели велат дека тоа ќе се случи кон крајот на летото…

…Имено во Членот 5 е наведено дека спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжат од денот на претстанокот на вонредната состојба. Токму затоа за да се утврди новиот датум за избори, а бидејќи единствен кој тоа може да го направи е претседателот на Собранието, треба да донесе решение со кое што ќе го утврди…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, прес на И. Јанушев – датум: 19.05.2020]

 

Контраспин: Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, децидно тврди дека избори во јуни немало да има и дека избори ќе имало кога здравјето на граѓаните немало да биде загрозено, а тоа, според „сите релевантни здравствени показатели“ ќе било кон крајот на летото.

И првото и второто тврдење на Јанушев, де факто на ВМРО-ДПМНЕ, се спинови, т.е. извртени вистини.

Првото тврдење за иборите дека нема да бидат во јуни не е поткрепено со ниту еден факт, туку е само цврста желба на ВМРО-ДПМНЕ. Но, ВМРО-ДПМНЕ не е единствениот фактор што решава за датумот на изборите. Тој датум зависи од повеќе фактори, на пример и од постигнат конснезус на повеќето партии, на дијалозите кај Пендаровски, при што ВМРО-ДПМНЕ е еден од факторите. Но, ако нема таков договор, решаваат другите фактори, од кои два се најважни. Уставно-законските причини поради кои едни избори ќе се случат на еден или друг датум и општата опасност по здравјето на населението, бидејќи цел свет, па и земјата, се наоѓаат во многу специфична ситуација. Можеби еднаков по важност е и капацитетот на ДИК да ги дозаврши изборните дејства, но за тоа во друга прилика.

За првото, еве не мора да се слушаат толкувањата на Зоран Заев или на Оливер Спасосвски, како пристрасни, иако и двајцата со функциите што ги имаат бездруго се разбираат по нешто во рокови. Но, сепак, толкување со тежина дава професорот по правни науки и експерт за уставно право Светомир Шкариќ, кој вели дека по завршувањето на вонредната состојба има уште 28 дена од датумот кога е распуштено Собранието, па и според него, ако не се продолжи со вонредната состојба по 30-ти мај, изборите секако би требало да се одржат до крајот на јуни за да се запазат уставните норми.

Но, се чини дека дури и раководствоото на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште калкулира со јуни, зашто на директно прашање до Јанушев дали во тој случај ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите, неговиот одговор е можеби НЕ ДИРЕКТНО!

 

Уставниот суд веќе ја решил дилемата за 60-те дена

Имаше уште еден спин во излагањето на Јанушев. Дека уставниот рок за спроведување на изборите 60 дена од распуштањето на Собранието истекол и дека нови избори може да закаже само преседателот на Собранието, Талат Џафери. Јанушев бездруго знае, но за пошироката јавност да се потсети – таа дилема е веќе разрешена.

Уставниот суд разгледуваше таква иницијатива поднесена од Светскиот македонски конгрес и на 15 април 2020 донесе решние У.бр 40/2020 со кое не се поведува постапка за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието. Подносителот на иницијативата, меѓу другото, во образложението го навел токму истиот аргумент што сега преку спин го нуди Јанушев, дека само претседателот на Собранието можел повторно да распише избори.

Освен ова, неколку дена порано и претседателот на Собранието Талат Џафери на последното јавно гостување на ТВ Телма,  јасно кажа дека тој нема мандат да потпишува нов датум за изборите затоа што нема мандат од мнозинството пратеници за такво нешто.

 

СЗО не знае дека вирусот ќе го снема на крај од летото

Второто тврдење на Јанушев е дека сите релевантни здравствени показатели говореле оти здравјето на граѓаните немало да биде загрозено кон крајот на летото, па оттаму, тоа бил вистински период за одржување на изборите. Тоа е, исто така, извртување на вистината, зашто такво децидно тврдење нема никаде. Постојат тврдења дека бројот на новозаразени може да опадне, но не поради летните температури, туку поради зголементата перзистеност на луѓето поради природно зголемениот имунитет преку лето.

Впрочем, во последната препорака од Светската здравствена организација, а која беше пренесена и од нашиот Институт за јавно здравје на едно место вели:

Избегнувајте изложеност на сонце или на температури повисоки од 25°C, бидејќи нема докази дека ова спречува или лекува COVID-19 и го зголемува ризикот од сончање и болести поврзани со топлината. Може да го фатите COVID-19 без оглед колку е сончево или топло времето, затоа заштитувајте се себе си и другите со тоа што редовно ги миете рацете, кашлате во преклопен лакт или ткиво и избегнувајте допирање на лицето.

Дека постои опасност вирусот да остане константно присутен и преку летото, зборуваат опасностите на кои предупредуваат сите и во регионот. Олабавувањето на мерките придонесе во земјата да има зголемен број новозаразени и тоа не само во Македонија туку и во сите соседни земји, а границите сѐ уште не се отворени и ќе се отвораат на први јуни, а веќе од 15 и транзитот кон Грција и другите соседи.

 

Повеќе држави организираат избори

Ваквите, пак, дилеми се присутни и во Србија и во Хрватска, каде во тек се подготовки за одржување на избори, но тие, сепак, се закажани и планирани и засега цврсто стојат заложбите на елитите за нивно одржување, поради истите аргументи кои и на овдешната политичка сцена ги вади СДСМ – сега е најповолен моментот, бидејќи состојбата е стабилна и под контрола. А, тоа го покажуваат бројот на активни случаи кои варира во последните седум-осум дена од 370 до 400 активни пациенти.

Освен ова, како што извести дел од медиумите, наспроти 50-тината откажани и одложени избори, најмалку 18 држави држави организираат или многу брзо ќе ги организираат изборите токму во јуни или јули.

Поради погоре изнесените аргументи може да се оцени дека дел од тврдењата на Јанушев на прес конференцијата се извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција