Контраспин: Ахмети ја прејудицира судската одлука за Груби во случајот „Државна лотарија“ (ДОПОЛНЕТО)

Според презумпцијата на невиност, Груби е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука. Но, за вината на Груби не може да „пресуди“ Али Ахмети. 

Категоричното прејудицирање на судска одлука – кога постапката фактички само што влегла во фазата во која обвинителството допрва треба да ги презентира материјалните докази и сведоци – од страна на Али Ахмети како лидер на ДУИ, чиј истакнат член беше Артан Груби, е политичка манипулација и извртување на вистината околу одговорноста на обвинетиот. Според презумпцијата на невиност, Груби е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука. Но, за вината на Груби не може да „пресуди“ Али Ахмети 

 

Пишува: Стојан Синадинов 

 

Напомена: написот е дополнет со засилена и проширена аргументација. Редакцијата сметаше дека во претходната верзија нивото и обемот на аргументите е недоволен за целосно и сеопфатно разоткривање на спинот и токму тоа е причината за извршените дополнувања.

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на почетокот на судската постапка против поранешниот вицепремиер Артан Груби во случајот поврзан со Државна лотарија, изјави дека Груби е невин. Во интервју за А2 Си-Ен-Ен, пренесено од „Тетова Сот“, Ахмети изразува уверување дека судската постапка против Груби ќе заврши без осудителна пресуда за него. Во оваа изјава на Ахмети може да се препознае спин.

Спин: Артан Груби е невин и ќе биде прогласен за невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата.

[Извор: Инбокс 7 Ахмети: Артан Груби е невин и ќе биде ослободен од обвинението; Датум – 18.09.2026] 

Контраспин: Изјавата на Али Ахмети доаѓа во период кога пред судот се води постапка за случајот „Државна лотарија“, а во кој поранешниот вицепремиер Артан Груби е меѓу обвинетите. Ахмети може да дава изјави во духот на презумпцијата на невиност, како основно човеково право во правосудниот систем – која претпоставува дека секој е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука, а товарот на докажување е на страната на обвинителството, а не на обвинетиот – но во неговата изјава се препознава манипулација и извртување вистината околу одговорноста на обвинетиот, кого предвреме ги прогласува за невин, бидејќи „не ги прекршил законите на земјата“.

Тоа допрва треба да го изрече судот, почитувајќи ја дотогаш презумпцијата на невиност. Споредречникот на медиумската писменост, „спинот преку изјави на одреден, пристрасен начин има за цел да  влијае на јавното мислење“, а Ахмети со оваа изјава го прави тоа.

Ахмети на 10.08.2026 во емисијата на РТВ21изјави дека токму тој побарал од Груби да се врати во земјава и дека се надева дека Груби ќе биде ослободен, но доколку ја злоупотребил неговата доверба, тогаш ќе одговара.

Но, Ахмети сега го менува ставот за Груби – од одговорност ако е виновен, до категоричен став дека е невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата. Само пред еден месец, тој за приштинска телевизија изјави оти на Груби му рекол „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа.“

Кој утврдува вина? 

Прејудицирање на судски пресуди, односно вршење на притисок врз тековен судски процес претставува политичка манипулација и спин и тоа особено во овој случај кога станува збор за изјава на висок политичар, претседател на партија (Ахмети), за сопартиец (Груби), кој во периодот на инкриминираното дело за кое се товари му беше најблизок соработник, „десна рака“. Политичарите, особено, треба да се свесни дека вакви изјави, и тоа насред судење, се неприфатливи, бидејќи се сметаат за влијание врз процесот, обвинетите, сведоците и јавноста.

Во правната наука и во меѓународната судска практика поврзана со човековите права, постапката на политичар од висок ранг, кој однапред носи заклучок за тековен судски процес претежно се смета за тешка повреда на претпоставката за невиност и за директна закана по правото на правично судење. Ова прашање се наоѓа на пресекот меѓу уставното право (поделбата на власта), правото за човекови права и судската етика. Правните експерти и меѓународните судови го анализираат ова прашање преку неколку основни рамки.

На пример, во аналите на Европски суд за човекови права (ЕСЧП)се наоѓа пресудата во случајот Алене де Рибемон против Франција (1995), каде што прејудицирањето на пресуда од страна на политичар (минситер за внатрешни работи) има одиграно негативна улога, односно токму таквото однесување на политичарот е причина за отворањето на целиот спор. Во оваа пресуда судот вели:

Политичарите и јавните органи мора да ја почитуваат независноста на судот и да се воздржуваат од давање изјави за тековни судски постапки што би можеле да ја загрозат непристрасноста на судот, да влијаат врз перцепцијата на јавноста или да извршат недозволен притисок врз учесниците во постапката.

Понатаму, Венецијанска комисија на Советот на Европа во својот извештај за независноста на правосудниот систем од 2010 година, во кој се воспоставуваат основните европски стандарди со кои се обезбедува судиите да можат да функционираат ослободени од внатрешни или надворешни политички или владини притисоци, се вели:

Во процесот на одлучување, судиите треба да бидат независни и да можат да постапуваат без какви било ограничувања, несоодветни влијанија, поттици, притисоци, закани или мешања – директни или индиректни – од која било страна или поради која било причина… Политичарите мора да ја почитуваат независноста на судството и да се воздржуваат од давање изјави што би можеле да ја поткопаат довербата на јавноста во спроведувањето на правдата.

Со изнесените тврдења и предвидување („Артан Груби е невин и ќе биде прогласен за невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата“), сите во иста насока, Ахмети бездруго прејудицира пресуда пред тоа да го стори судот и пред воопшто да заврши изнесувањето на доказите.

Ваквите ставови на високи меѓународни правни тела се вообичаени кога станува збор за прејудицирање пресуди. Лордот Бингам од Конхил, поранешен врховен судија за Англија и Велс, во Велика Британија, својата книга „Владеење на правото“ (2010) во издание на Penguine Books вели:

Владеењето на правото бара извршната власт да ја почитува исклучителната улога на судовите. Кога политичарите однапред носат заклучоци за судска постапка што е во тек, тие ја узурпираат судската функција, ги заменуваат доказите со политичка реторика и создаваат системска закана за уставната рамнотежа на власта.

Токму заради тоа, прејудицирањето одлуки, не само судски, туку исходи на службени истраги и слично, по правило се избегнува од најразлични страни. Од новинарите се бара да не прејудицираат вина во своите написи, државниот јавен обвинител се оградува од прејудицирање вина, кога станува збор за службена истрага за надоместоци на обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство, а кое ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, министерот за внатрешни работи лани се огради дека разрешувањето на началниците од ОВР Кочани и СВР Штип прејудицира нивна вина во трагичниот пожар во Кочани, додавајќи дека тоа е сторено со цел да се обезбеди целосно независна и ефикасна истрага, а Комисијата за заштита на конкуренцијата пред неколку недели дури и издаде официјално соопштение во кое известува за отворена истрага за начинот на користење на делот од паркингот пред влезот во скопскиот аеродром, додавајќи дека во таа првична фаза од истрагата, веднаш по нејзиното отворање „не прејудицира постоење на повреда на правилата на конкуренцијата“. Сето ова покажува дека во општеството постои оправдано воздржување од прејудицирање на службени и официјални одлуки од најразлични видови, а тоа особено се однесува на судските. За жал, ова не е испочитувано од претседателот на ДУИ, Али Ахмети во судскиот спор кој се води против Артан Груби.

 

Судење преку медиумите

Политичарите често ги користат медиумските платформи за да влијаат врз јавното мислење. Со тоа што однапред ја прејудицираат пресудата, тие го мобилизираат „судот на јавното мислење“. Се врши притисок врз судството, бидејќи судиите треба да судат исклучиво според законот и доказите, а тие се, сепак, луѓе кои живеат во тоа општество. Силниот јавен притисок можат, свесно или несвесно, да влијаат врз процесот.

Институционалната доверба еродира, па доколку конечната правна одлука не се совпадне со „пресудата“ што ја донела јавноста, репутацијата на судот е трајно оштетена. Граѓаните почнуваат да веруваат дека правдата е селективна или купена, дури и кога судот постапил строго според правото. Политичарите често го користат популизмот како алатка за брзи политички поени, бидејќи за нив е полесно да се понуди едноставно „решение“, отколку да се чека сложениот и често бавен правен процес.

 

Права и привилегии

Затоа во одредени земји постои правниот принцип Sub judice (латински термин: „под судење“ или „пред судија“), според кој, додека одреден предмет е активен пред суд, постојат ограничувања за јавно коментирање или расправа за него, особено ако таквото коментирање може да влијае врз судската постапка или да го доведе во прашање правичното судење.

Основна цел на овој принципе заштита на правични судења преку спречување надворешни информации или јавни предрасуди да влијаат врз поротниците или судиите; зачувување на непристрасноста, односно осигурување дека одлуките се засноваат исклучиво на доказите изнесени во судницата, а не на јавниот притисок; како и спречување поединци однапред да донесуваат заклучоци за одредено прашање или да ја попречуваат работата на правосудството.

Правилата не се исти во сите правни системи. На пример, во Обединетото Кралство постои специфичен режим за sub judice во Парламентот, додека во други држави ограничувањата може да произлегуваат од процесното право, правилата за непочитување на судот или други прописи.

Принципот за sub judice ги ограничува политичарите во доменот на парламентарната привилегија. Според уставното право, пратениците уживаат апсолутен имунитет од граѓанска или кривична одговорност (како што се тужби за клевета) за сè што ќе кажат во законодавната сала.

Без правилото за sub judice,парламентарната привилегија би создала опасна дупка во законот: политичарите би можеле да ја користат парламентарната сала за да прогласат обвинет за виновен, да откријат недозволени докази или да нападнат учесници во судењето – целосно имуни на правни последици.

Правилото за субјудис ги принудува политичарите да ја ограничат сопствената уставна привилегија за да ја поддржат поделбата на властите и да го заштитат правото на фер судење.

Во правниот систем на Македонија не постои формално дефинирано правило наречено „sub judice“. Како изворно англосаксонски концепт својствен за Вестминстерскиот модел, терминот sub judice не се користи во македонското законодавство или во Деловникот на Собранието.

Суштината на овој принцип е целосно инкорпорирана во македонското уставно и кривично право, но под други правни институти и начела, како што се начелото на презумпција на невиност, како најблизок пандан на sub judice.

Член 2 одЗаконот за кривичната постапка(ЗКП) вели:

Државните органи, медиумите и сите други лица се должни со своите јавни изјави за постапката што е во тек да не ги прекршуваат правата на обвинетиот, како и судската независност и непристрасност. Ова значи дека политичарите (како претставници на државни органи) законски не смеат јавно да прогласуваат некого за виновен или да коментираат активни судски предмети на начин што би влијаел врз исходот.

 

За што е обвинет Артан Груби?

Судењето за случајот „Државна лотарија“ започна на 07.09.2026 г. со поднесување на обвинението застапувано од јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинението се однесува на дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари (близу 10 милиони евра), и тие се се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека со незаконски дејствија поврзани со работењето и набавките во Државна лотарија била предизвикана значителна финансиска штета.

Конкретно, обвинението тврди дека Груби заедно со поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, и уште шест други лица (Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски), во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле своите службени овластувања во врска со спорните јавни набавки и договори за набавка на ВЛТ апарати, кои според Обвинителството воопшто не биле потребни и не се искористиле.

Груби и останатите обвинети веднаш на почетокот на судењето на 7 септември се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а одбраната ги оспорува обвиненијата и најавува дека во текот на постапката ќе докажува дека Груби не сторил кривично дело. И додека одбраната на Груби најавува дека ќе ја докажува невиноста на Груби, Ахмети уште на почетокот на судската постапка тврди дека „Груби е невин и ќе биде прогласен за невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата“.

Во текот на неговото бегство, по него беше распишана меѓународна потреница, а Груби се најде на „црната листа на САД“ поради други сомненија за сторен криминал. Тој заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени и на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 09.12.2025, поради „вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството“, односно сомнението дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување, еден од најголемите политички скандали кој ескалираше во јавноста во февруари 2015 година.

Инаку, за случајот „Државна лотарија“, Јавното обвинителство во оваа фаза на судската постапка најави изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци. Претходно, Обвинителство го намали степенот на квалификацијата на обвинението – од проневера на 10 милиони евра во злоупотреба на службената положба и овластување.

Во изјавата на Али Ахмети се забележува спин, поконкретно политичка манипулација и извртување на вистината околу одговорноста на обвинатиот. Таа претставува категорично прејудицирање на судска одлука кога постапката фактички само што влегла во фазата во која обвинителството допрва треба да ги презентира материјалните докази и сведоци во процесот против Артан Груби. Според презумпцијата на невиност, Груби е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука. Но, за вината на Груби не може да „пресуди“ Али Ахмети. 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција