Контраспин: Ахмети со нов трик во поход по албанските гласови

Фото: Принтскрин колаж

 

ДУИ ќе треба да освои приближно исто гласови колку ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, за да го добие мандатарското право и Ахмети знае дека тоа во моментот е невозможно. Но, тоа  веројатно не го знаат гласачите на ДУИ (или поголемиот дел од нив), ама затоа звучи одлично за време на изборна кампања

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Али Ахмети на прославата по повод 18 годишнината од основањето на неговата партија, ја соопшти својата наредна цел: Република Македонија да го добие првиот премиер Албанец. Изјава во која може да се препознае извртување на вистината, односно спин.

 

СПИН: Раководевме како Албанци и граѓани на оваа држава со Собранието, Министерството за одбрана и за внатрешни работи, Народниот правобранител и Државниот правобранител, Врховниот и Уставниот суд, но сега дојде време за нешто поголемо.Заедно ги одредивме и реализиравме нашите цели на оваа толку важна годишнина за сите нас. Да ја одредиме заедно и нашата следна цел, на изборите што следат да ја оствариме за да избереме ценет лик кој е докажан и прифатлив или кого ќе го избереме заедно за прв премиер Албанец, рече  Ахмети.

 

[Извор:  ТВ 21 ; датум 05.06. 2020]

КОНТРАСПИН: Сосема е легитимно лидерот на најголемата албанска партија во земјава да посакува да го одреди идниот премиер на Република Северна Македонија, односно истиот да биде од редовите на неговата партија, или, пак, лично тој. Впрочем, Северна Македонија е конституирана како повеќе национално општество, во кое сите политички партии имаат легитимно право да учестуваат во изборната битка, а со тоа и да влезат во „барабанот“ за премиерската функција. Арно ама, дали на крајот ќе се добие оваа најпосакувана државна позиција зависи од изборната математика која произлегува од освоените гласовите на изборите, односно од тоа кој ќе биде победникот во изборната трка.

Бројот на гласовите што го освојува ДУИ на досегашните изборни циклуси, воопшто не е за потценување. Всушност, откако  ДУИ е формирана не постојат избори на кои не извојувала победа во албанскиот политички блок. Но, според законските одредби мандатот за составување Влада од претседателот на државата го добива партијата што освоила најмногу гласови на изборите.  А, како што е познато, оваа трка се води меѓу двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои земаат најмногу гласови од гласачкото тело во Република Северна Македонија, а со тоа го одредуваат и идниот мандатар.

Овој податок, како и изборниот систем и целата процедура за добивање мандат за правење Влада, несомнено,  му  се познати на Ахмети. Токму затоа во неговата изјава препознаваме спин, чија цел е популизам  и додворување на албанското гласачко за претстојните избори. Односно, политички трик  за  извојување на уште една изборна победа во албанскиот блок.

За барањето на ДУИ – идниот премиер да биде Албанец, имаше реакции и од албанската опозиција. Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами, инаку предизборен партнер на СДСМ, оваа изјава на Ахмети ја нарече популистичка идеја за собирање на ситни политички поени. Тој уште напиша дека „Албанците во иднина може да имаат премиер во Македонија, но тој сигурно нема да биде од редовите на ДУИ“. Слично размислува и Алијансата на Албанците во чија реакција се вели дека доколку „ДУИ ја исполнила својата обврска кон граѓаните за сите дадени ветувања и ако беше сигурна во идејата за албанско владеење, а не консензуално владеење, ќе поддржеше Албанец кандидат на претседателските избори“. Но, според Алијансата, ДУИ се одлучила за консензуален претседател бидејќи таквата поддршка била политичка игра во замена за партиски интереси,  со цел, како што велат,   да добие неколку општини повеќе на локалните избори за кои знаела дека ги има загубено.

Од реакциите на албанските политички партии може да се види дека тие не ја исклучуваат можноста некој иден премиер да биде Албанец, но не на следните избори, додека изјавата на Али Ахмети ја сметаат исклучиво популистичка и дадена во функција на престојните избори. Во македонскиот политички кампус, очекувано барањето на Ахмети го отфрлија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Така што, лидерот на ДУИ останува осамен и без политички партнер во оваа негова авантура, но истовремено,  и самиот свесен дека неговата партија на изборите не може да освои гласови за да го добие мандатарското право. Само, ова веројатно  не го знаат гласачите на ДУИ  (или поголемиот дел од нив), ама затоа звучи одлично за време на изборна кампања.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција