Контраспин: Ако има македонски заговор против Албанците зошто и Филипче не е албанофоб?

Тезата на Арбер Адеми дека од 2022 година СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ договориле стратегија за маргинализација на Албанците и заедничко владеење без ДУИ е спин

Тезата на Арбер Адеми дека од 2022 година СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ договориле стратегија за маргинализација на Албанците и заедничко владеење без ДУИ е спин, со крајна цел да се докаже дека сегашната влада е нелегитимна зашто ДУИ не е во нејзе. Останува нејасно зошто при активно пласирање на таа теза, покрај Мицкоски, кој за ДУИ е албанофоб, тоа не е и лидерот на СДСМ Филипче, кој уште во јануари 2025 г. посочи дека нема да има соработка со ДУИ поради нивната корумпираност, а ДУИ тогаш одговори со истата денешна теза дека „албанофибијата е политички проект поттикнат и финансиран од странски интереси“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во интервју за 360 Степени емитувано на МРТ, потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми одговараше на прашања за шансите на ДУИ на локалните избори и за реториката на ДУИ со потсетување на 2001 година и на ОНА, при што изрече и спин:

Спин: Не се само ВМРО и Вреди, таму каде што нема кандидат ВМРО, изненадувачки, нема кандидат ни СДСМ. Сакаат тој договор од 2022 г. – се сеќавате за кој ние многу пати сме зборувале, Албанците да се маргинализираат, да бидат исклучени од сите политички, економски, општествени текови – се реализира од тогаш па до денешен ден. И на овие избори се спроведува на терен тој договор…Не само што кокетира (СДСМ-н.з.), кај што нема кандидат ВМРО-ДПМНЕ, нема ни СДСМ…Премиерот има одлична соработка со СДСМ од 2022 па наваму. Се спроведува таа моноетничка стратегија и платформа за маргинализација на Албанците. Се презентира како ДУИфобија, но всушност е албанофобија, за да се контролира политичкото претставување на Албанците.

[Извор: 360 Степени/МРТ – Интервју Арбер Адеми (од 36.40 мин.); Датум – 07.10.2025]

Контраспин: Арбер Адеми во делот што го издвоивме за рецензија спинува, т.е. ја извртува вистината најмалку двапати. Првиот спин е за наводната тајна моноетничка средба со цел маргинализација на Албанците, а вториот пат е дека соработката помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се спроведе тој план е жива до ден денешен, а доказ за тоа што било СДСМ на исти места во цела Западна Македонија немала свои кандидати таму каде што и ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати.

Тајна средба помеѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев со некаков план за влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без ДУИ можеби се одржала на крајот од 2022 г., можеби и не, иако има повеќе шпекулации дека се одржала, но тоа официјално никој не го потврдил, дури ни партијата што сега се повикува на таа средба и на наводната стратегија што произлегува од нејзе. Она што е потврдено, пак, е средбата која се одржала на почетокот од 2023 година, кога лидерот на ДУИ Али Ахмети бил на ручек во Струмица на средба со Заев на 5 јануари 2023 година. Ова набрзо по средбата го потврди поранешниот вицепремиер и сегашен бегалец од правдата Артан Груби во интервју за ИРЛ на 21.01.2023 г.

Работи што не можеле да се споделат со јавноста

Осум месеци подоцна, запрашан што му рекол Заев на Ахмети на таа средба, и дали имало средба Заев-Мицкоски (во декември 2022 г.), на која била договарана влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без ДУИ, со цел брзи уставни измени и почеток на преговорите со ЕУ, Али Ахмети во интервју за 360 Степени од 18.09.2023 вели : Има работи што не можеме да ги споделиме со јавноста. (види тука, а целото интервју тука). Според тоа, извртување на вистината или само шпекулација е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имале договор од 2022 година кој и денес бил жив, за маргинализација на Албанците. И ако имале, имале средба и обид за договор за други теми.

Уште потенка е тезата дека потврда за таков договор бил фактот што СДСМ на истите места во Западна Македонија немала кандидати за градоначалници каде што свои кандидати не истакнале и од ВМРО-ДПМНЕ. Всушност во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ за првпат не истакнува кандидати поради јавно соопштена одлука дека ќе ги поддржува кандидатите на ВЛЕН (и на ЗНАМ), како и поради јавно соопштена одлука на СДСМ да се фокусира на кампањи онаму каде што со сигурност знаат дека може да остварат добар резултат, а да не истакнува кандидати во мултиетнички општини каде не може да победат – да се тврди дека тоа е доказ за остварување на стратегијата за маргинализација на Албанците е нелогично, неиздржано и е спин.

Адеми: Локалните избори се референдум

Ако се погледнат и тврдењата од другите делови од интервју со Адеми, каде што тој зборува за факторизација на албанскиот глас од изборите во 2024 година, бидејќи ВЛЕН со помалку гласови од ДУИ се партнер во Владата на Мицкоски, станува јасно дека исказите за стратегија на маргинализација не се ништо друго освен повторување на тезата дека ДУИ требало да влезе во Владата по принципот „победник со победник“, наводно договорен уште во 2009 година помеѓу Никола Груевски и Али Ахмети:

…Оваа влада ниту е легална, ниту е легитимна. Ако го анализираме амандман 6 и заклучокот на Пол Вилијамс, авторот на Охридскиот мировен договор, каде што вели дека правична и соодветна застапеност на сите заедници не значи само имплементирање на овој принцип при вработување, туку и при процесот на носење одлуки, особено на органи кои произлегуваат од волјата на граѓаните…вели во еден дел од интервјуто Арбер Адеми.

Ваквите тези за факторизација на гласот на Албанците се всушност континуитет на тврдењето на ДУИ рецензиран и порано во Вистиномер, доминираат и на овие избори, бидејќи и ДУИ (покрај другите партии) изборите ги сметаат за референдум:

Овие избори се референдум, општонароден референдум за да им се одговори на овие етнички провокации и политики кои се од минатото, кои се од 80-те, 90-те години, кога Милошевиќ без легитимитетот на Албанците ги стави Раман Морина, Синан Хасани, Али Шукрија како претставници на Албанците вели Адеми.

Поради погоре посочените аргументи, тезата дека од 2022 година СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ договориле стратегија за маргинализација на Албанците и заедничко владеење без ДУИ е спин, со крајна цел да се докаже дека сегашната Влада е нелегитимна зашто ДУИ не е во нејзе. Останува нејасно зошто при денешно активно пласирање на таа теза, покрај Мицкоски, кој за ДУИ е албанофоб, тоа не е и лидерот на СДСМ Филипче, кој уште во јануари 2025 г. посочи дека нема да има соработка со ДУИ поради нивната корумпираност, а ДУИ тогаш одговори со истата денешна теза дека „албанофибијата е политички проект поттикнат и финансиран од странски интереси“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција