Контраспин: Ако началник на СВР Скопје нема врска со изборите, тогаш кој има?

Фото:META

МВР е и директно вмешана во организација и спроведувањето на изборите, иако главното тело е ДИК. МВР го обезбедува гласачкиот материјал, МВР се грижи за јавниот ред и мир и мирно спроведување на чинот на самото гласање, за обезбедување на изборните материјали по чинот на гласањето, за прогон на прекршителите на изборниот процес и за многу други работи поврзани со изборите и затоа началникот на едно СВР не може, а да не е кадровско решение поврзано со изборите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Државната изборна комисија излезе со став околу проблемот во функционирњето на актуелната техничка влада во ресорот на МВР, при што во образложението се препознава спин:

Спин:(именувањето на началникот на СВР Скопје – н.з.) не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите од член 46, став 3 од Законот за Влада. Да не биде дека некого кудиме, меѓутоа ние во овој случај немаме надлежност, бидејќи ова прашање не се однесува на организација и спроведување на изборите.

[Извор: Канал 5 – Дик се прогласи ненадлежна…. – датум: 14.01.2020]

 

 

КОНТРАСПИН:

Ставот на Државната изборна комисија дека не е надлежна за прашањето околу несогласувањето кој да биде началник на СВР Скопје, бидејќи тоа прашање не било поврзано со организација на изборите, е спин, т.е. извртување на вистината.

Тие се повикуваат на Законот за Влада и го цитираат член 46, во чиј став 3 се наведува дека министерoт и дополнителниoт заменик министер треба заеднички и рамноправно да ги разгледуваат и да ги потпишуваат сите одлуки и решенија….а кои се однесуваат „на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Образложението дека министерот Наќе Чулев има право на именувањето и разрешување на 15 раководни кадри во МВР кое произлегува од член 44 од истиот закон, е игра на зборови, бидејќи министерот секако го прави тоа, како и другите министри, заради проверка на самиот изборен процес, односно за да не се случуваат злоупотреби околу организација и спроведување на изборите.

Впрочем, смислата на сите овие додадени членови од 2016 година наваму, договорени со „Пржинскиот процес“, е, всушност, токму таа и јасно е дека сите права што им се даваат на техничките министри и на дополнителните заменици министри се во насока на заемна контрола при спроведување на изборите.

Но, освен ова, полицијата е и директно вмешана во спроведувањето на изборите. Дали ќе го крстите организација на изборен процес, за кој најнадлежна е ДИК или спроведување на изборите, за кој, исто така, е надлежна ДИК, надлежни во организацијата и спроведувањето се и многу други органи и институции, а една од поглавните секако е МВР. МВР го обезбедува гласачкиот материјал, МВР се грижи за јавниот ред и мир и мирно спроведување на чинот на самото гласање, за прогон на прекршителите на изборниот процес, за обезбедување на изборните материјали по чинот на гласањето и за многу други работи. Впрочем, надлежностите на МВР се споменати и во Изборниот законик на неколку места (6), а за самот изборен ден се вели дека ДИК, во соработка со МВР изготвува Правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите.

Оттука, да се прогласи поединечниот акт за именување, односно неименување на началник на најголемиот сектор за внатрешни работи во земјата, СВР Скопје, за акт кој нема врска со став 3 од член 46 од Законот за Влада, е извртување на вистината, т.е. спин. Тоа значи дека ДИК не го смета назначувањето на началникот на СВР Скопје за кадровско решение кое е поврзано со организацијата (и спроведувањето) на изборите.

Иако ова повеќе личи на „ишкање на мувата од капата“, т.е. префрлување на одговорноста на друг, ако заменичката министерка сега не го потпише решението на Чулев за именување на дотичното лице за началник на СВР Скопје, според истиот Закон за Влада, надлежен ќе биде Управен суд. Што значи развлекување и недоверба во целата институција „техничка влада“.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција