Контраспин: Ако СДСМ удирал врз „два темела“ од државата, ВМРО-ДПМНЕ удира по „третиот“ – ЕУ
Спинот произлегува од погрешното интерпретирање на терминот темели на државата, бидејќи Николоски во интервјуто тврди дека темелите на Македонија биле кај трите сериозни партнери што ги има државата – САД, Велика Британија и Европската унија
Спинот произлегува од погрешното интерпретирање на терминот темели на државата, бидејќи Николоски во интервјуто тврди дека темелите на Македонија биле кај трите сериозни партнери што ги има државата – САД, Велика Британија и Европската Унија. По оваа логика во тезата, ако СДСМ удрил врз „двата темела“ (Трамп/САД и Велика Британија), тогаш ВМРО-ДПМНЕ удира врз „третиот темел“ – ЕУ
Пишува: Теофил Блажевски
Во дел од телевизиско интервју на вицепремиерот Александар Николоски може да се регистрира спин поврзан со темелите на македонската државност и со стратешките партнери на државата:
Спин: Без разлика кој колку сака да си ја задржи фотељата во политичката партија и колку одредена политичка партија е слаба во одреден момент, не смее да се удира во темелите на државноста. Ние во моментов имаме три сериозни партнери. Тоа се САД, Велика Британија и Европската Унија. Удирањето по било кој од овие партнери ги удира темелите на Македонија, а имавме скоро удар по првиот и вториот партнер. Интелектуалци многу блиски до СДСМ сериозно удираа по претседателот Трамп и САД…, а лично претседателот на СДСМ Венко Филипче удри по Велика Британија…
[Извор: Сител Тв/Тема на денот – А. Николоски/интервју (после 10 мин.) – Датум: 13.01.2026]

Контраспин: Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски ја извртува вистината – т.е. спинува дека критиката од интелектуалци блиски до СДСМ и од СДСМ кон политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и кон договорите на Владата со Велика Британија биле удирање врз темелите на македонската држава. Спинот е на две нивоа – самите критики или ставовите како такви и во однос на значењето на терминот темели на државата.
Всушност, спинот произлегува од погрешното интерпретирање на терминот темели на државата, бидејќи Николоски во интервјуто тврди дека темелите на Македонија биле кај трите сериозни партнери што ги има државата – САД, Велика Британија и Европската Унија. Од ставот на Николоски вистина е дека тоа се три сериозни партнери низ целото постоење на независната македонска држава од 1991, па и пред тоа, бидејќи особено САД од 1991 г. па досега, имале секогаш изразена најпринципиелна поддршка за државата.
Но, да се тврди дека овие три субјекта – САД, Велика Британија и ЕУ се темелите на македонската држава е едноставно неточно. Зашто на секој граѓанин на државата му е познато, а и во секој учебник по историја секако е запишано, дека темелите на државата лежат во одлуките донесени на првото заседание на АСНОМ, одлуките донесени во 1991 година, Декларацијата за сувереност, а потоа и за прогласување на независна и суверена држава Република Македонија врз основа на резултатите од референдумот од 8 септември 1991 г.. Секако, значаен темел е и современиот Устав на државата донесен на 17 ноември 1991 година, а во него во преамбулата се споменати и претходните настани значајни за македонската државност.
Затоа, тврдењето дека критиките кон Трамп или кон Велика Британија значат и удирање врз темелите на државата изнесени од Николоски се спин поврзан со темелноста на македонската држава.
Вториот спин се однесува на самите критики. Според Николоски удар врз темелноста, односно удар врз САД било доколку се изрази критичко мислење за политиките на актуелниот американски претседател, нешто за што владејачката партија реагираше во февруари 2025 г. по еден јавен настап на С. Орданоски, како и доколку се изрази критичко мислење или сомневање во делови од договорите со Велика Британија, нешто што го стори претседателот на СДСМ Венко Филипче во мај 2025 г., по што се соочи со критики од ВМРО-ДПМНЕ и мораше да се дообјаснува дека станува збор за нетранспарентните услови за понудениот заем и за евентуален договор за мигранти.
Оттука, вака претставената теза на Николоски околу дефинирање на критиките кон Трамп или кон договорите со Велика Британија како напад врз темелите на македонската држава се извртување на вистината или спин. Спин, кој го отвора и следното прашање. Што со критиките кон ЕУ што доаѓаат од претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кои по некогаш знаат да бидат многу остри или од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, кои исто така знаат да бидат остри?
Ако се следи логиката на Николоски тогаш нападите врз ЕУ се исто така напад врз темелите на македонската држава. Или ако СДСМ удрил врз „двата темела“ (Трамп/САД и Велика Британија), тогаш ВМРО-ДПМНЕ удира врз „третиот темел“ – ЕУ. Конечно, критикување на критиката или изразеното сомневање како такво, па и како политички поглед, само по себе е авторитарност која нема никакви основи демократските принципи врз кои, барем на хартија, сè уште се темели современата македонска држава.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар