Контраспин: Ако ВМРО ДПМНЕ бара казни од едно евро, што не ги сменат медиумските закони во Собранието?

Тодоров: кој е на страната на новинарите? Фото: Гугл

Изјавата на Никола Тодоров дека владејачката партија е многу либерална по прашањето на медиумите е чисто извртување на вистината, кое Прличев во едно од своите дела (1762 Лето) го опишува како „Лицем светци, срцем в’лци“. Ова е така зашто сите досегашни постапки во текот на изминатите години, но и постапките во текот на тековнта политичка криза, покажуваат лажен и неискрен однос на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и правото на слободата на печатот и говорот

 

Изјавата на Никола Тодоров дека владејачката партија е многу либерална по прашањето на медиумите е чисто извртување на вистината, кое Прличев во едно од своите дела (1762 Лето) го опишува како „Лицем светци, срцем в’лци“. Ова е така зашто сите досегашни постапки во текот на изминатите години, но и постапките во текот на тековнта политичка криза, покажуваат лажен и неискрен однос на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и правото на слободата на печатот и говорот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По возобновувањето на преговорите на ниво на високи партиски делегации околу излезот од политичката криза, шефот на преговрачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ, актуелен вицепремиер и министер за здравство, Никола Тодоров, ја даде следнава изјава, за која тврдиме дека е извртување на вистината или спин:

Спин: Околу медиумите, нашата партија има став дека ниту еден медиум и новинар не треба да биде казнет за напишан текст или прилог. Формирање на некое централно цензорско тело што ќе одлучува дали некој прилог е во ред е сосема непотребно. Не сакаме медиумите да бидат доведени во ситуација да се казнуваат и да пишуваат по порачки. Исто така, бараме сериозно намалување на казните.

[Извор: META, Датум, 07.07.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Изјавата на Никола Тодоров дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ бил оти ниту еден новинар или медиум не треба да биде казнет за напишан текст или прилог, за сите што ги познаваат односите и состојбите во медиумската сфера звучи како цинична шега и исмевање, а тука ќе се обидеме да докажеме дека е и извртување на вистината или спин. Таа изјава, според други медиуми, завршува со предлогот или залагањето на ВМРО-ДПМНЕ, за драстични намалувања на казните за медиумите или новинарите од едно евро!

Постапката на деспинување на ова тврдење на Тодоров не е тешка задача и за почеток треба да се појде од тоа кој е на власт во последниве 10 години и кој имал можност да ги докаже своите намери или јавни политики во однос на некој сектор, во случајот медиуми и новинари. Се разбира, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, која и кога се носеа последните верзиии за законите гласаше за казните во нив, вклучувајќи го тука и последниот закон, т.е. измените и и дополнувањата на Изборниот законик, каде што се предвидени казни и до 8 илјади евра, неселективно и не земајќи предвид дека медиумите се различни и по своето влијание и по својата економска моќ.

Впрочем ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинарите веднаш реагираа против ваквата казнена политика околу која ни ВМРО-ДПМНЕ немала ништо против, штом законот помина во Собрание.

 

ЗАКОНИ ЗА МЕДИУМСКО КАЗНУВАЊЕ

Да се вратиме малку поназад. Во 2013 и 2014, кога беа носени основниот, па потоа и измените и дополнувањата и на Законот за електронски и на законот за печатени медиуми, кои инаку се викаат Закон за аудио визуелни медиуми и медиумски услуги и Закон за медиуми. Во овие законски решенија се пропишани значително високи казни во дадени околности за електронските медиуми. Овие високи казни главно се однесуваат на непочитување на одредбите од членот 92 од првиот закон, кој се однесува на снимањето и емитувањето на играна и музичка програма од домашна продукција и недозволувањето надзор и слични прекршоци, со кои Агенцијата има право да казни медиуми до 20 илјади евра. Една ваква казна добија телевизија Телма и Сител ТВ, пред две години, при што кај Телма прашањето беше 45 минути разлика во измереното време за пуштање на музика од домашна продукција.

Да се вратиме уште малку поназад, во 2012 година, кога од Кривичниот законик беше извадено речиси во целост делото клевета и делото навреда и беа трансферирани во Граѓански закон за одговорност за навреда и клевета, во кој се пропишани казни и до 27 илјади евра за сопственикот, главниот уредник и новинарот или одделно 15.000, 10.000 и 2.000 евра.

Со ваквите казни, кои за една помала редакција се огромни, остана стравот кај сопствениците, а особено кај главните уредници и новинарите, па според проценки на струкови организации врз основи на анкети, тоа придонесува за загрижувачкиот тренд на самоцензура. Впрочем, ваквите законски решенија веднаш беа пробани од голем број претставници од власта врз одделни уредници и медиуми, а случај за паметење ќе биде казната на судот од 9 илјади евра досудена против главнот уредник на Фокус Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов, по тужба од Сашо Мијалков, поранешен шеф на тајната полиција и братучед на експремиерот Никола Груевски.

И сега, Никола Тодоров сака да ја убеди јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ е многу либерална кон медиумските права и слободи и обидувајќи се да изврши замена на тези дека божем се предлага некакво централно цензорско тело, а тие биле против цензура и високи казни, нудат симболични казни од едно евро. За што? За медиумите и новинарите, вели Тодоров.

 

ПРОМЕНАТА НА ЗАКОНИТЕ ПОВАЖНА ОД РЕТОРИКАТА

Каков е односот на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и посебно на сопствениците на одредени медиуми кон функционери од ВМРО-ДПМНЕ, може најубаво да се разбере од неколку објавени телефонски разговори кои минатата година ги пласираше во јавноста опозицискиот СДСМ. Особено „бомбите“ број 4 и број 24.

Впочем, ако ВМРО-ДПМНЕ има токму таков искрен и заштитнички однос кон медиумите и новинарите, зошто не ги измени законите кои ги споменавме погоре преку своето мнозинство во Собранието на РМ и во отсуство на опозицијата од парламентот? Ако одговорот биде дека не сакаат сами, туку дека тоа сакаат да го сторат во договор со опозицијата, повторно изјавата е недоследна и не држи вода, зашто без договор со оопозицијата, тие веќе го туркаат во собраниска процедура законот за рекламирање на јавни кампањи или популарно наречениот закон за владини реклами, кој без дилеми од меѓународната и домашната експертска јавност е оценет како груба форма на купување на медиуми и упад на слободниот пазар, со што се нарушуваат законитостите на пазарот на штета на медиумите.

Оттука, потсетувајќи се на оценката на поранешниот посредник во преговорите кој не им чинеше на ВМРО-ДПМНЕ, но и на дел од другите партии, Питер Ванхојте, за тоа каков е односот на политичките елити, особено на владејачката кон медиумите и новинарите, а земајќи го предвид сето погоре изречено како аргументи, изјавата на Никола Тодоров ја оценуваме како извртување на вистината или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција