Контраспин: Амбицијата Македонија да стане сериозна држава, не значи дека таа сега е несериозна
Од обраќањето на Мицкоски пред 81. Генерално собрание на ОН во Њујорк не може да се изведе заклучок дека „Македонија е несериозна држава“, туку ја потенцира амбицијата Македонија „да стане сериозна држава“, што не е исто што со оценката на СДСМ дека рекол „Македонија не е сериозна држава“
Мицкоски во неговото обраќање пред 81. Генерално собрание на ОН во Њујорк ја опишува „сериозната држава“ како држава која ужива доверба од сојузниците, им овозможува на младите да ја планираат иднината, го почитува мултикултурниот карактер, го брани сопствениот идентитет без да го негира идентитетот на другите, ја знае својата историја, но не е заробена во неа, не очекува други да ја изградат наместо неа. Од неговото обраќање не може да се изведе заклучок дека „Македонија е несериозна држава“, туку ја потенцира амбицијата Македонија „да стане сериозна држава“, што не е исто што со оценката на СДСМ дека рекол „Македонија не е сериозна држава“
Пишува: Стојан Синадинов
Опозициската партија СДСМ издаде соопштение во кое жестоко го критикува обраќањето на премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 81. Генерално собрание на ОН во Њујорк. Во делови од соопштението на СДСМ се извртува вистината, односно се користи спин:
Спин: Арамијата пред светот рече дека Македонија не е сериозна држава – голем срам за нашата татковина
Христијан Мицкоски се врати од екскурзијата во Америка.
Помина и „френетичниот“ аплауз од Тимчо Муцунски, пред празната сала на ОН.
Пред целиот свет кажа: „Имаме намера да станеме сериозна држава.“
Државите се сериозни по автоматизам. Несериозна е власта. Тој ја понижи земјата за да се издигне себеси…
На крај: Ќе станеме сериозни. Пред светот рече дека не сме.
Тоа ли е одбрана на идентитетот? Да ја наречеш сопствената држава несериозна пред Генералното собрание на ОН?…
Извор: Арамијата пред светот рече дека Македонија не е сериозна држава – голем срам за нашата татковина СДСМ/Соопштенија – Датум: 28.09.2026]

Контраспин: СДСМ во нејзиното соопштение чиј фокус, како и во соопштенијата во неколкуте изминати денови, е посетата на државната делегација на С. Македонија на 81. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, жестоко ги коментира и критикува активностите на премиерот Христијан Мицкоски. Но, во делот од партиското соопштение што се однесува на неговото обраќање на 81. Генерално собрание на ОН, може да се препоознае спин, т.е. извртување на вистината, нагласувајќи одреден аспект за да го постигне посакуваниот впечаток кај јавноста.
СДСМ уште во насловот на соопштението категорично сугерира дека „Мицкоски пред светот рече дека Македонија не е сериозна држава“, притоа нарекувајќи го со погрдни зборови – арамија. Потоа подолу во соопштението спинува дека Мицкоски рекол дека ќе станеме сериозни, а пред светот рекол дека не сме, повторувајќи уште еднаш дека ја нарекол сопствената држава несериозна пред Генералното собрание на ОН.
Мицкоски во неговиот говор се осврна на неколку актуелни проблеми во светот: Војните и глобалната безбедност; Мултилатерализмот и улогата на ОН; Македонија, НАТО и стратешките партнерства; Европската интеграција и барањето за „предвидлив пат“; Идентитетот и односите со соседите; Економијата, технологијата, дата-центрите и вештачката интелигенција…
Во делот од обраќањето кој го посочува СДСМ, Мицкоски вели:
Ние сме мала земја. Но одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција.
Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа.
За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност.
Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“.
Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа….
СДСМ ја претставува изјавата на Мицкоски во поинакво светло поинакво од она што навистина го кажал.
Мицкоски во неговото обраќање ја опишува „сериозната држава“ како држава која ужива доверба од сојузниците, им овозможува на младите да ја планираат иднината, го почитува мултикултурниот карактер, го брани сопствениот идентитет без да го негира идентитетот на другите, ја знае својата историја, но не е заробена во неа, не очекува други да ја изградат наместо неа. Од неговото обраќање не може да се изведе заклучок дека „Македонија е несериозна држава“, туку ја потенцира амбицијата Македонија „да стане сериозна држава“, што не е исто што и оценката на СДСМ дека рекол „Македонија не е сериозна држава“. Имено, СДСМ во соопштението категорично тврди дека Мицкоски „пред светот рече дека Македонија не е сериозна држава“, што го изместува контекстот на она што е навистина кажано.
Делот со амбицијата на Македонија да стане сериозна држава во обраќањето на Мицкоски не е изолиран момент, туку е претставен како цел за посигурна, посамостојна, доверлива за сојузниците и држава способна сама да ја гради својата иднина.
Мицкоски на почетокот од неговото обраќање ја посочува Македонија како „мала земја“, велејќи:
Затоа вистинското прашање пред ова Собрание не е само како ќе управуваме со кризите во 2026 година. Вистинското прашање е: каков меѓународен поредок ќе ѝ оставиме на генерацијата што денес тргнува на училиште?
За мала земја како мојата, ова не е академско прашање. Ова е прашање на опстанок…
Подоцна во обраќањето вели дека „мултилатерализмот не започнува во Њујорк. Тој започнува со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк, додека во завршната порака го посочува залагањето за „свет во кој мала држава има право на истото достоинство, на истите правила и на истиот глас како и голема сила. Тоа е ветувањето што вреди да се обнови“.
Според горе образложеното, Мицкоски не ја опишува Македонија како „несериозна држава“. Во неговото обраќање пред 81. Генерално собрание на ОН „сериозната држава“ е опишана како држава која има доверба од сојузниците, младите кои ја планираат иднината во неа, има мултикултурен карактер, го брани сопствениот идентитет и не го негира идентитетот на другите, со своја историја, но не е заробена во неа, и без очекувања дека други ќе ја изградат наместо неа.
Од неговото обраќање не може да се изведе заклучок дека рекол „Македонија е несериозна држава“, туку ја потенцира амбицијата Македонија „да стане сериозна држава“, што не е исто што и оценката на СДСМ дека рекол дека „ние сме несериозна држава“, која претставува спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар