Контраспин: Антиевропеецот Груевски нека не ја повикува ЕУ

Кај биле ЕУ и НАТО!? Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб сајт

Оној кој со својата политика најмалку во последните 8 години нè оддалечи од ЕУ и НАТО, сега не би требало да повикува на итно отворање на портите. Многу од Копенхашките критериуми, веќе се урнати, токму од Груевски

 

Оној кој со својата политика најмалку во последните 8 години нè оддалечи од ЕУ и НАТО, сега не би требало да повикува на итно отворање на портите. Многу од Копенхашките критериуми, веќе се урнати, токму од Груевски

 

Пишува: Tеофил Блажевски

 

Лидерот на опозицијата Никола Груевски даде изјава во врска со евро-атлантските позиции на Македонија во која препознаваме извртена вистина или спин:

Спин: Да се упати поканата на Македонија за членство во НАТО веднаш, годинава и да се започнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа ќе даде нова сила, нова енергија и верувам дека многу од негативните процеси што се случија во минатиот период немаше да се случат доколку во 2008 година, кога ги исполнивме сите услови за членство во НАТО, ја добивме поканата, станевме членка на НАТО и доколку во 2009 кога Европската комисија првпат кажа дека сме ги исполниле условите за да ги почнеме преговорите и ги почневме, работите ќе одеа во една подобра насока

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб странадатум: 25.05.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Никола Груевски, човекот кој беше на врвот во Македонија и доминираше не само со извршната, туку и со другите полуги на власта, одговарајќи на новинарско прашање побара од ЕУ и НАТО веднаш да ги отворат портите за Македонија и да се отпочнат преговори со првата, односно да стане членкa на втората организација.

Гледано изолирано, надвор од времетo и просторот, нема граѓанин на Македонија што не би ја поддржал ваквата изјава. Но, гледано во времето наназад и сите политики водени од страна на Груевски и неговите сопартијци, гледано во просторот – Република Македонија и регионот, сосема е јасно дека станува збор за недоследна изјава на екс-премиерот.

 

НАСИЛНО ПЛЕТКАЊЕ ВО ИСТОРИЈАТА

Вистина е дека Република Грција го стави ветото за влез во НАТО во Букурешт во 2008-та година, иако Македонија се согласи(ла) дури и да влезе со името Република Македонија (Скопје). Но, вистина е дека после тоа следуваа изјави дека поканата за земјата е отворена, штом постигнеме некаква солуција со Грција. Тоа е непринципиелна политика и тука нема сомневање, бидејќи и според резолуциите на ООН и според пресудата од Меѓународниот суд за правдата во Хаг од 2011г., Грција нема право да ја спречува Македонија да се зачленува во меѓународни организации под референцата одредена во 1993 г.

Но, истата таа Грција во декември 2005 година се согласи Република Македонија да започне претпристапни прегововори за во ЕУ и да добие статус на кандидат. Што се случи по преземањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, шест месеци по овој настан?

Преименувањето на аеродромот Петровец во „Александар Велики“ во декември 2006, не веруваме дека е потег кои директно ја иритирал Грција за да стави вето за членство во НАТО во 2008 г., но секако не е потег кој ја оставил рамнодушна политичката елита во Атина. Дури подоцна (2008 г. по самитот на НАТО) следеа преименувањето на автопатот од Табановце до Богородица во „Александар Македонски“, па преименувањето на Градскиот стадион во Арената „Филип Втори“, па „Воинот на коњ“, итн.

Дури и од тогашна перспектива, политиката на Груевски беше беспотребно нагласување на прашања за кои историјата сè уште води дебата – дали граѓаните во РМ имаат доминантно словенски или пак антички корени. Иако имињата на големите ликови од историјата се општо историско наследство, со нивното пренагласено користење во краток период, Груевски како носител на таа политика изврши насилно вплеткување во историјата, и не предизвика само контроверзи во односите со Грција, туку и сериозна дебата и поделеност меѓу сопствените граѓани.

 

ПОДЕЛБА, НЕЗАКОНИЕ, НЕОДГОВОРНОСТ

Токму од тој период почнуваат корените на политиката на поделби, па на злоупотреби и на неотчетност, која доведе до дерогирање на севкупниот демократски систем и правен поредок во државата, за да дојдеме до денешнот дереџе. Сега треба да се почне речиси од дното, за да се вратат во функција некои од т.н. „копенхашки критериуми“, за да може да отпочнеме преговори за зачленување во ЕУ.

Самата Европска унија веќе призна индиректно и директно дека е виновна во еден дел, со тоа што од 2009 г. до 2012 г. испорачуваше извештаи во кои „земјата остваруваше прогрес“ и добиваше препорака за започнување на преговри. Но, веќе во извештајот од 2013 година, иако имаше повторно препорака за преговори, за прв пат се нотира она што се случи на „Црниот понеделник“, на 24.12.2012 година, кога пратеници на опозицијата беа брутално исфрлени од Собранието.

Тоа, пак, се случи по бруталното затворање на А1 ТВ и на серија печатени весници од истиот сопственик (Велија Рамковски) во 2011 година.

Од овие години на пресврт (2008/2011/2012 г.) Република Македонија се движеше цело време надолу во два погледа – слобода на медиуми и на изразување, основни човекови слободи и права и владеење на правото. Политиката што ја водеше и ја води Никола Груевски, е директно виновна за ваквата состојба. Ако нема слободни медиуми и ако има проблем со слободата на изразување нема шанса да станува збор за демократски поредок. Ако има вплеткување во судството, обвинителството, полицијата, ако има партизирани и корумпирани институции, нема шанса да се зборува за човекови слободи и за правна држава или држава во која владее правото.

Тој период резултираше со кризата од 2014/2015/2016 г. и сè до 27 април 2017 година, до „Крвавиот четврток“ и претепувањето на пратеници. Одбивање да се дозволи мирен трансфер на власта, кавги со странски амбасадори и со пријателски земји, ловење вештерки по невладини организации и барање на „соросови платеници“. Сето тоа во услови кога во последниот извештај на ЕУ, Македонија е без ограда наречена „заробена држава“ (стр.4). Држава во која, на пример, буџетот за полицијата е со години двојно поголем од буџетот на армијата, додека во исто време се декларира дека е подготвена за полноправна членка во НАТО!?

Чија политика доведе до ова? На тој што владеел. А, речиси неприкосновено владееше ВМРО-ДПМНЕ, каде што Никола Груевски ги држеше сите полуги и управуваше со нив на еден нескриен автократски цврст начин.

Оттука, кога истиот тој човек кој барем во последните 8 години во суштина водел антиевропска и анти-НАТО политика, сега ќе побара итен пробив во евроатлантските интеграции, тоа е извртена вистина и недоследност, односно недвосмислен спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција