Контраспин: Барањето на одговори за дата центри не значи дека сте „на линија на Кина“, а против САД
ВМРО-ДПМНЕ, „честејќи“ го политичкиот противник со непримерни епитети дека е „хистерична“ и само декларативно прозападно ориентирана партија, и обвинувајќи ја без докази дека се позиционирала „на линијата на Кина“, а против САД како наш стратешки партнер, во соопштението не одговара на дилемите во јавноста околу изградбата на дата центрите во државата, туку ја спинува вистината.
ВМРО-ДПМНЕ, „честејќи“ го политичкиот противник со непримерни епитети дека е „хистерична“ и само декларативно прозападно ориентирана партија, и обвинувајќи ја без докази дека се позиционирала „на линијата на Кина“, а против САД како наш стратешки партнер, во соопштението не одговара на дилемите во јавноста околу изградбата на дата центрите во државата, туку ја спинува вистината
Пишува: Стојан Синадинов
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на прес-конференцијата на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче – на која тој постави низа прашања околу најавената изградба на дата центри (центри за податоци) во земјава и нивното влијание врз животната средина и условите за живот на граѓаните – издаде соопштение во кое се препознава спин:
Спин: Кој е интересот на талогот на СДС и Филипче да се стават на линија на Кина, против нашиот стратешки партнер, САД?
СДС хистерична само декларативно е прозападно ориентирана партија, затоа во пракса се покажува дека е на линија на Кина и против САД. Тоа се гледа во нивното делување, лажењето, заплашувањето и хистерија која ја креираат во државата за да се спротивстават на можноста во Македонија да се градат дата центри и да се развива ИТ индустријата.
Изговорите им се дека со тоа ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија, ќе се зголеми цената на струјата и дека ќе се загрозела водата за пиење. Која случајност, истите овие тези, како што известуваат американски медиуми, ги користат кинески ботови по социјалните мрежи во САД со цел да ги свртат Американците против изградбата на дата центри и системи за вештачка интелигенција. На нас не ни требаат кинески ботови, за тоа го имаме талогот на СДС на чело со Венко Филипче кои се на иста линија со Кина, против нашиот стратешки партнер САД и против развојот на нашата држава. Кампањата на Кина преку ботови на социјалните мрежи, со цел во Америка да се спречи дополнителен развој на вештачката интелигенција и дата центрите е затоа што тие им се најголема конкуренција.
Но, тоа што не е јасно која е целта и интересот на талогот на СДС за истото да го прават во Македонија и оттука да делуваат против нашиот стратешки партнер. Дали СДС повеќе би сакале во држава да инвестираат кинески компании отколку напредни ИТ компании од САД? Или пак СДС единствено што знае е развој на марихуана економија за свои клановски интереси, нешто што го видовме за седум години власт кога доделија околу 70 лиценци за производство на марихуана на нивни луѓе.
Македонија мора да развива и да обезбедува напредни и добро платени работни места, преку инвестиции во вештачката интелигенција и ИТ секторот, затоа што тоа е иднината и во таа насока се движи светот.
[Извор: Кој е интересот на талогот на СДС и Филипче да се стават на линија на Кина, против нашиот стратешки партнер, САД? Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – Датум: 02.09.2026]

Контраспин: Лидерот на СДСМ Филипче во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата одржана на 01.09.2026 посочи дека најавите за дата центрите се претставуваат како развој, но остануваат неодговорени низа конкретни прашања за нивното влијание и за тоа каква корист ќе имаат граѓаните. Тој, меѓу другото, истакна дека дата центрите имаат нејонизирачко електромагнетно зрачење, силна бучава во нивната околина, поставувајќи прашања дали имаме доволен капацитет на струја за тие дата центри, дали тоа ќе ја повлече целата струја од регионот, што ќе се случи со цената на струјата кога ќе има еден таков потрошувач на струја од соодветна околина, ќе се уништи ли природниот свет во реките, ќе има ли вода за наводнување на земјоделските површини?
ВМРО-ДПМНЕ, „честејќи“ го политичкиот противник со непримерни епитети дека е „хистерична“ и само декларативно прозападно ориентирана партија, и обвинувајќи ја без докази дека се позиционирала „на линијата на Кина“, а против САД како наш стратешки партнер, во соопштението не одговара на дилемите во јавноста околу изградбата на дата центрите во државата, туку ја спинува вистината.
Во домашната јавност се разгоре полемиката околу изградбата на дата центри по отфрлувањето на приватната иницијатива за изградба на еден таков објект со селото Панчарево, близу Пехчево. Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на свеченото потпишување на договорот за реализација за интерконективниот гасовод Северна Македонија – Србија, изјави дека како инженер се обидува да не ги коментира наводите на опозицијата – „тоа што го слушам претставува тотална невистина, незнаење и непознавање“ – дека Владата преговара со најмалку 5-6 потенцијални инвеститори, меѓу кои и голема мултинационална компанија и дека нема да отстапи ни милиметар околу дата центрите. Меѓутоа, до денес нема податоци во јавноста кои се тие компании.
Дали навистина сте „прокинески бот“ ако поставите прашање дали ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија, цената на струјата и дали водата за пиење може да биде загрозена?
Одговорите на овие прашања ги бара и јавноста во САД. Сојузната држава Њујорк донесе привремена, едногодишна пауза за изградба на дата центри ниво на целата држава. Во тој период службените лица ги проучуваат влијанијата на дата центрите врз електричната мрежа и животната средина.
Потоа, државата Тексас привремено ги запре новите мрежни поврзувања и(ли) одобрувања на дата центри додека ги ревидира предложените проекти, што сепак не претставува општа забрана за физичка изградба на центри за податоци низ целата држава. Државата Пенсилванија, пак, воведе строги нови барања и ги отстрани дата центрите од својот процес на брзо издавање дозволи, но не ја забрани изградбата низ целата држава.
Многу други држави имаат локални градови и(ли) окрузи кои вовеле мораториуми или отфрлиле проекти, и се работи за околу 40 држави. Таа бројка вклучува локални акции, промени во стимулациите, предложени закони и други ограничувања, но сепак не и забрани за градење низ целата држава (подетални информации и мапа можете да видите тука).
За овие активности, како што може да прочитаме, известуваат релевантни американски и светски медиуми. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се посочува „известувањето на американски медиуми“ за кинески ботови кои по социјалните мрежи во САД ги користат тезите за зголемена потрошувачката на електрична енергија, зголемена цена на струјата и загрозеноста на водата за пиење „со цел да ги свртат Американците против изградбата на дата центри и системи за вештачка интелигенција“.
Контроверзиите околу дата центрите секако дека не се само актуелна „специјалност“ на домашната јавност. Според синтетизираните податоци од Меѓународната агенција за енергија (International Energy Agency/IEA), Американското министерство за енергетика (U.S. Department of Energy), водечките научни институти на американските универзитети и новински агенции (Ројтерс, Асошиејтед прес) и специјализирани медиуми (Фејненшл тајмс), најголемите дилеми во јавноста околу огромните дата центри се сведуваат на тоа: кој плаќа за нив, кој ги добива придобивките и што се случува со локалните ресурси и животната средина.
Најголемите контроверзии околу дата центрите
Големите дата центри со вештачка интелигенција имаат потреба од стотици мегавати континуирана енергија, потоа потреба од нови електрани, далноводи, трафостаници и друга инфраструктура… Прашањето што се поставува е дали обичните домаќинства и бизниси на крајот плаќаат за инфраструктура изградена главно за да им служи на компаниите за хиперскална технологија кои масовно се прошируваат. На пример, ова стана големо политичко прашање во Тексас бидејќи предложената побарувачка за центри за податоци може да биде огромна во однос на капацитетот на локалната мрежа.
Потоа, прашањето за тоа кој плаќа за електричната инфраструктура? Финансиерите на дата центри често преговараат за посебни цени за електрична енергија или економски стимулации. Критичарите на оваа деловна политика тврдат дека ако компанијата добие поволна цена додека комуналната компанија инвестира милијарди во инфраструктура, даночните обврзници всушност ефикасно го субвенционираат проектот, а поддржувачите возвраќаат дека големите клиенти можат да донесат значителни приходи за комуналните претпријатија и даночните основи.
Многу дата центри користат ладење базирано на вода и голем објект потенцијално може да потроши милиони кубици вода, што е непосакувано во сушните региони. Изградбата на хиперскален кампус може да бара стотици хектари земјиште, па оттаму и загриженоста за шумите, обработливото земјиште, истекување на атмосферски води, бучавата и загадување на воздухот. Критичарите посочуваат дека, иронично, вештачката интелигенција се продава како дигитална технологија, но нејзината физичка инфраструктура може да има многу голем CO2 отпечаток.
Даночните олеснувања и економски стимулации се таргетирани, бидејќи државите агресивно се натпреваруваат за инвестиции во дата центри, па затоа владите нудат ослободувања од данок на промет, стимулации за данок на имот, евтино земјиште или други бенефиции.
Аргументите на поддржувачите велат дека центрите за податоци создаваат работни места во градежништвото, даночни приходи и економска активност, додека пак опонентите го поставуваат прашањето дали објект што вработува релативно малку постојани работници заслужува стотици милиони или милијарди долари стимулации.
Во светот постои огромната побарувачка за ресурси на вештачката интелигенција, што е различна од традиционалната дебата за дата центрите бидејќи обемот на работа со вештачка интелигенција предизвикува исклучително брз раст на побарувачката за компјутери. Мајкрософт, Гугл, Амазон и Мета градат огромни објекти за поддршка на вештачката интелигенција.
Дата центри – две спротивставени стојалишта
Кога ќе се сведе актуелната полемика околу дата центрите во светот, тогаш гледаме две спротивставени политички стојалишта. Високотехнолошките компании велат дека на светот му се потребни огромни количини на компјутерски капацитет за да ја изгради следната генерација на вештачка интелигенција, со пропратен ефект од инвестиции и економски раст, додека, пак, локалната заедница се прашува зошто таа треба да обезбеди земјиште, електрична енергија, вода и инфраструктура за тој подвиг?
Но, во полемиките околу дата центрите во светот најбитното прашање се врти околу електричната енергија како најголем проблем. Еден дата центар може да се изгради релативно брзо во споредба со времето потребно за изградба на потребната енергетска инфрасктурктура – нови далноводи, трафостаници и производствен капацитет – но проблемот е во расчекорот со деловната филозофија на компаниите за вештачка интелигенција, кои го сакаат компјутерски капацитет сега, додека изградбата на електричната инфраструктура може да потрае со години.
Оттаму држави во САД како Тексас и Пенсилванија многу повеќе се фокусираат на одредувањето на правилата за мрежни инсталации и интерконекција, додека оние како Њујорк имаат порестриктивен пристап кон новиот развој.
Значи, и во „нашиот стратешки партнер“ – како што се посочени САД на неколку места во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ – се водат жолчни дебати околу економскиот и еколошкиот импакт од изградбата на дата центри, но тие не се „на линија на Кина“ и производ на кинески ботови чија цел е „да ги свртат Американците против изградбата на дата центри и системи за вештачка интелигенција“ и САД да ја изгуби битката во овој стратешки домен од Кина.
Според сите горенаведени факти, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое на СДСМ ѝ се импутира дека се позиционирала „на линијата на Кина“, а против САД како наш стратешки партнер, нема одговори на дилемите во јавноста околу изградбата на дата центрите во државата, па затоа во него препознаваме спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар