Контраспин: Бранејќи го „талогот“ на Ковачки, Петрушевски „закопа“ и редица свои партиски колеги

Објавата на Петрушевски е спин бидејќи прашањето што Исмаил му го постави на Ковачки се однесува на хипокризијата на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што и во таа партија има многу луѓе кои не работеле во реалната економија, туку на државни универзитети и во политиката, односно биле „на плата од државниот буџет“.

Објавата на Петрушевски е спин, бидејќи прашањето што Исмаил му го постави на Ковачки се однесува на хипокризијата на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што и во таа партија има многу луѓе кои не работеле во реалната економија, туку на државни универзитети и во политиката, односно биле „на плата од државниот буџет“

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на реакцијата на партијата Левица до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки (кој претходно го употреби терминот „талог“ во политичка расправа за функционерите од СДСМ) ја даде следната изјава  во која се препознава спин:

Спин: Очигледно во Левица ги заболела метафората „талог“, употребена од Драган Ковачки, повеќе отколку луѓето од врхушката на СДС на кои се однесуваше, па веднаш се впуштија во нивна одбрана.

Ама кога веќе решиле да делат лекции за тоа кој што работел пред да влезе во политика, ајде да ја примениме нивната логика и кај нив.

По истата логика, нивниот лидер Апасиев, пред да стане пратеник, што работел?

Професор на државен универзитет и стручен соработник во криминалното СЈО.

И толку.

Или можеби Левица има некоја скриена биографија во која Апасиев, пред да стане пратеник, мешал малтер, нижел тутун, работел на шалтер или истоварувал камиони, па ја немаат објавено?

Не може Левица да глуми морален арбитер за „талог“, а истовремено да заборава дека нивниот политички врв е составен од луѓе кои кариерата ја градат во политиката и во државните институции, а не со мотика, лопата или во приватниот сектор.

Човекот се мери по тоа што направил, за што се залагал и каква трага оставил зад себе.

А Драган Ковачки, покрај Воената академија, се дошколувал на Командно-штабна академија во Хрватска и на Кралскиот колеџ за одбранбени студии во Лондон.

Бил припадник на специјалната единица „Волци“, учесник во конфликтот во 2001 година и во повеќе меѓународни мисии.

Тоа е биографија!

Затоа, „другари“ од Левица, пред да делите лекции за тоа кој што направил и кој колку вреди, може прво да одговорите на едно едноставно прашање:

Што направивте вие за Македонија, освен гол популизам, ширење вулгарен речник и омраза, и блокирање на развојни процеси, а на сметка на големите привилегии што ги уживате и дебелите државни плати и хонорари што ги наплаќате од граѓаните?

[Извор: Петрушевски: Левица да престане со лекции за морал и да каже што направила за Македонија; ВМРО-ДПМНЕ/соопштение; ФБ профил на Бране Петрушевски Датум: 09.082026]

Контраспин: Драган Ковачки, пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од неодамна генерален секретар на таа партија, преку објава на социјалните мрежи и на партиската веб-страница на 05.08.2026 упати остри критики кон функционери од СДСМ кои, според него, „сами се препознале како талогот“ кои „со децении ја влечеа државата во кал“.

Пратеникот во Собранието од редовите на Левица, Реџеп Исмаил, јавно го праша Ковачки дали кога зборува за „талогот“ кој нема ниту еден ден работен стаж надвор од политиката и за луѓе кои со децении ја влечат државата назад, мисли и на свои сопартијци од сопствените редови, наведувајќи ги биографиите на 12 високи функционери на ДПМНЕ, кои со години живеат исклучиво од плата од државниот буџет, односно од парите на граѓаните.

Објавата на Петрушевски е спин, бидејќи прашањето што Исмаил му го постави на Ковачки се однесува на хипокризијата на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што и во таа партија има многу луѓе кои не работеле во реалната економија, туку на државни универзитети и во политиката, односно биле „на плата од државниот буџет“. Да се напаѓа политичкиот противник за работа која е реалност и во партијата на напаѓачот, претставува искривување на вистината, односно манипулација. Во сите партии има функционери кои цел живот работеле во државни институции или во политиката, а не во реалната економија.

Според изјавата на Петрушевски, испаѓа дека освен оние кои работат физичка работа, сите други се „талог“ на општеството. Но, во стилот на изреката „со свој камен по глава“, ироничното прашање на Петрушевски до Левица, дали Апасиев мешал малтер, нижел тутун, работел на шалтер или истоварувал камиони пред да стане пратеник – може да им биде поставено и на многумина фукционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Заради сето ова, изјавата на Петрушевски претставува спин. Или, пак, илустрирано со народна умотворба, тоа значи дека Петрушевски, бркајќи го зајакот од шумата, ја истера мечката…

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција