Контраспин: „Бродот Македонија“ го водат институции и луѓе кои се во 24-часовен ангажман против „Ковид 19“

По неброено многу пати во последните недели, ВМРО-ДПМНЕ, која декларативно на прво место се грижи за граѓаните, од заднина, веќе во вториот пасус, шири суптилна несигурност и можна паника, критикувајќи во најголем дел неосновано, дека институциите не се справуваат добро со глобалната закана од корона вирусот, т.е „Ковид 19“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во партиско соопштение дистрибуирано до јавноста и на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ, се детектира спин поврзан со работата на институциите а во врска со справувањето со корона вирусот:

Спин: Во 18 часот претседателот Стево Пендаровски вика сè е добро, нема нови случаи не информираше министерот Венко Филипче. Во 21 часот излегува министерот Венко Филипче на прес конференција и соопштува дека имаме 7 нови случаи на корона вирус. Вистинското прашање е каде плови овој брод?

Зошто власта толку задоцнето презема мерки кои ги предлагаме? ВМРО-ДПМНЕ предупреди на жариштето кое може да се распламти и затоа дадовме сет на мерки. Се што требаше да направат е да ги применат. Уште еднаш алармираме за сериозноста на состојбите. Грешки не смее да има. За граѓаните се работи.

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ – Соопштение, датум: 16.03.2020]

 

 

КОНТРАСПИН:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од пред неколку дена во првите реченици во своите јавни настапи повторува дека „во овие моменти го одбирам, без трошка колебање, интересот на државата и граѓаните“. Но во истовреме, веќе во вториот пасус или уште во истата реченица, ниту тој, ниту одговорните лица во неговата партија никако да се откажат од жестока критика кон институциите што ја раководат во моментов државата, а тоа е техничката Влада предвoдена од СДСМ, но во која има претставници и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ и од некои помали партии. Тоа, самото по себе е извртување на вистината, зашто грижата секако не претпоставува ширење недоверба кон институциите без потрепени докази и факти во врска со справувањето со корона вирусот.

Еден таков еклатантен спин се случи доцна синоќа (16.03.2020), само дванаесетина часа по изјавата на Мицкоски. Под наслов „Каде плови овој брод, Пендаровски вика нема криза…,“ во ставот на партијата се сака да се потенцира дека Претседателот на државата Стево Пендаровски не е во дослух со министерот за здравство Венко Филипче (и со Владата) и дека нивните ставови биле спротивставени или неточни, само поради тоа што во рок од три-четири часа се потврдиле пет нови случаи на заразени:

Во 18 часот претседателот Стево Пендаровски вика се е добро нема нови случаи не информираше министерот Венко Филипче. Во 21 часот излегува министерот Венко Филипче на прес конференција и соопштува дека имаме 7 нови случаи на корона вирус. Вистинското прашање е каде плови овој брод?

Извртувањето на вистината, односно спинувањето околу тоа дека „бродот нема капетан“е многу лесно и проѕирно за секој со сè уште добар вид и здраво расудување.

 

ШТО КАЖАА ВЧЕРА ФИЛИПЧЕ И ПЕНДАРОВСКИ?

Ниту, Филипче рекол некогаш дека нема да има новоинфицирани или заболени, ниту Пендарвоски го кажа тоа на вчерашната прес конференција.

Ако се погледне разговорот за Утрински брифинг на Филипче воден вчера и ако се погледне одново снимката од прес конференцијата на Пендаровски, на која тој ги кажуваше причините зошто Советот за безбедност не донел предлог до Владата да прогласи кризна или вонредна ситуација во земјата, ќе се види дека ниту еден од нив не велат дека сме го достигнале пикот на кризата или дека нема да има ново заразени или заболени.

Филипче во разговорт буквалнно го кажа следното:

Очекуваме секое можно сценарио. Во Дебар и околината тоа е можно. Имаме вирус кај кој нема правила, сè уште има непознати. Излезе дека се пренесува не само преку воздухот, туку и со валкани раце, повеќе денови останува на површините, дури и на асфалтот. 

Пендаровски рече:

Заклучокот на Советот за безбедност во однос на целокупната ситуација и во однос на она што министерот за здравство го изнесе како можна проценка за евентуално ширење на болеста понатаму на нашата територија, е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна, адекватна на ризиците на коишто сме изложени, за што впрочем зборуваат проценките, оценките и коментарите на Светската здравствена организација, кои до ден денешен тврдат дека ние сме сигурно државата во целиот поширок регион која најдобро, најдоследно ги имплементира мерките кои се наложени од Светската здравствена организација

И двајцата политичари кои се високо инволвирани во кризата зборуваат за „секое можно сценарио“ и „поставеноста на државата во овој момент“.

Да не потсетуваме на мерките што се донесени синоќа од Владата како уредби и прописи, а тоа е целосно затворање на границите за влез на странски државјани, освен за товарниот транспорт или, пак, за замрзнување на цените на основните прехрамбени продукти или за наредбата за реорганизација на здравствениот персонал и капацитетите во јавното и приватното здравство….

Конечно, Пендаровски посочи дека од кризна состојба во еден регион може да се прогласи во повеќе или на ниво на цела држава, дека третиот степен е вонредна состојба, но, исто така, посочи и дека според постојните законски прописи Владата може да забрани движење од една општина во друга и без прогласување на кризна или вонредна состојба во цела држава.

 

НАМЕСТО СПИНУВАЊЕ И НЕСИГУРНОСТ – ЕДИНСТВО

Оттука, спинување е, од страна на партија која тврди дека е одговорна и која креира јавно мислење на стотици илјади луѓе – среде криза да поставува пршање „каде плови овој брод“. „Бродот Македонија“, фигуративно речено, го водат легални институции и луѓе именувани на тие позиции, а системот не е од вчера па допрва да се гради. Се разбира дека никој не вели оти сè е идеално или дека не е можно да се направи и погрешна проценка, но најмалку што треба во вакви времиња се извртени вистини со кои суптилно се поткрева несигурноста кај населението која лесно може да прерасне во паника. Зарем треба да се потсетува што зборуваше Мицкоски пред 20 дена за корона вирусот и за тоа „кој молел бога“ да се прошири?

Не е одвишно да се повтори – наместо спинови и политички поени, во овие моменти е потребно единство на политичите елити во земјава, зашто ова се навистина тешки денови за сите нас.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција