Контраспин: Чекајќи ги убавите вести станавме „луда куќа“

Фото: Принтскрин видео

Зачудува тоа што Мицкоски нема одговор како ни се случи овој американски препад со царините, дотолку повеќе што тој гордо кажуваше дека Македонија навреме фаќа приклучок со „новото  нормално“ и се мести во првите редови на теренот. Но, што е со нашите пријатели во САД со кои премиерот и неговата свита гордо се сликаше, се обидоа ли да помогнат, да излобираат за нас, или да нè предупредат што ни се спрема? И, додека ги чекаме убавите вести на Мицкоски, државата сè повеќе наликува на „луда куќа“ – како што сликовито се изрази таткото на Теодора Ристовска, кој веќе три години очајнички ја бара правдата за својата 22 годишна ќерка чиј живот згасна на пешачки премин во Тетово

Зачудува тоа што Мицкоски нема одговор како ни се случи овој американски препад со царините, дотолку повеќе што тој гордо кажуваше дека Македонија навреме фаќа приклучок со „новото  нормално“ и се мести во првите редови на теренот. Но, што е со нашите пријатели во САД со кои премиерот и неговата свита гордо се сликаше, се обидоа ли да помогнат, да излобираат за нас, или да нè предупредат што ни се спрема? И, додека ги чекаме убавите вести на Мицкоски, државата сè повеќе наликува на „луда куќа“ – како што сликовито се изрази таткото на Теодора Ристовска, кој веќе три години очајнички ја бара правдата за својата 22 годишна ќерка чиј живот згасна на пешачки премин во Тетово

 

 

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве (06.04,2025) при посета на Општина Тетово, прашан дали и како зголемените даноци од САД ќе влијаат на македонската економија, даде изјава во која ја спинуваше вистината:

Спин: Работиме и на таа тема и многу скоро очекувам убава вест за македонските компании и македонската економија. Со нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави сме во постојана комуникација, и со Министерството за економија кое го предводи Хауард Лутник, којшто е мојот личен пријател, и со Министерството за финансии, и со Стејт Департментот, и со Кабинетот на претседателот  Трамп. И Министерот Муцунски имаше кратка средба со Државниот секретар во Брисел,  една од темите беше и оваа. На дневна основа работат тимови, телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро, денеска, убава вест за македонските граѓани и македонската економија

[Извор: Тајм.мк; Официјален ФБ профил на премиерот Христијан Мицкоски (од 18,33 до 19,18 минута од видеото) – Датум: 06.04.2025]

 

Контраспин: Убавата вест за македонските граѓани и македонската економија, која премиерот Христијан Мицкоски ја најави во неделата на 6 април при увидот во изградбата на новиот дел од булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во Тетово, и која тој очекуваше да пристигне уште во текот на истиот ден, сè уште ја нема. Наспроти уверувањето на Мицкоски, од стратешкиот партнер САД  досега (до моментот на објавувањето на овој текст – 9 април 15 часот) не стаса абер за можно ревидирање на зголемените даноци при увоз на македонски производи и услуги. Според најавите, новиот пакет тарифи кон речиси сите земји од светот, којшто американскиот претседател Доналд Трамп го презентираше минатата недела на т.н. „Ден на ослободувањето“, треба да стартува од денес – 9 април.

Па, во целата ситуација делува чудно тоа што премиерот Мицкоски нè убедува дека одлуката на САД за воведување висока царинска стапка за увоз на македонски производи и услуги е резултат на „некаква грешка“, која очекува да биде коригирана. Мицкоски такви очекувања искажа и на 7 април, говорејќи за новите царински стапки од САД на прес-конференцијата во Владата:

Ние работиме со нашите партнери, со САД, очекувам многу скоро да се коригира ова коешто е очигледно е резултат на некаква грешка или погрешни информации.

Имајќи предвид дека нашата трговска размена со САД во 2024 година е во негатива, односно сме [С. Македонија] во дефицит, а тие држави коишто се во дефицит практично немаат ваков тип на зголемување на давачките. И сега се споредуваат податоците, во контакт сме и со амбасадата, и со Министерството за економија и со кабинетот на претседателот на Трамп. И тоа беше дел од разговорите што ги имаа накратко во Брисел на министерот Муцунски и државниот секретар Рубио. Така што во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба. (од 21,00 до 21,50 минута од видеото):

Инаку С. Македонија се вбројува меѓу земјите од регионот со највисоки тарифи кон САД  – 33 отсто. Со повисоки царини се Босна и Херцеговина со 35 и Србија со 37 отсто. Царините што се воведуваат за Косово, Албанија и за Црна Гора се 10 отсто. Подетално за тоа што претставуваат американските реципрочни тарифи, Вистиномер пишуваше во својата анализа: Како функционираат новите царини на Трамп, објавена на 7 април.

 

Први во редот на „новото нормално“

Зачудува тоа што Мицкоски нема одговор како ни се случи овој американснки препад со царините, дотолку повеќе што тој уште во февруари по неговата посета на Вашингтон, гордо кажуваше дека Македонија навреме фаќа приклучок  со „новото  нормално“ кое доаѓа во САД и се мести во првите редови на теренот.

Таа е линијата, тоа е новото нормално коешто доаѓа во Вашингтон и коешто ќе го преплави светот да знаеме, тука нема играње. Сега, ние сме први коишто го запоседнуваат теренот, тоа мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па после кој и да дојде, втор, трет, се реди позади тебе. Ние мораме да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во тоа некое ново нормално, говореше пред два месеца премиерот

Па ако сме застанале меѓу првите на линијата на „новото нормално“ од Вашингтон, како се случи да ни закачат вакви царини? Што е со нашите пријатели во САД со кои премиерот и неговата свита гордо се сликаше, се обидоа ли да помогнат, да излобираат за нас, или да нè предупредат што ни се спрема? Колкави ли ќе беа тарифите за нас ако не бевме први „коишто го запоседнуваат теренот“?

 

С.Македонија нуди нула царини со САД

Пред најавениот старт на новиот тарифен модел на САД, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, вчера – 8 април, излезе со став дека Македонија може да ги намали и до нула царинските стапки за САД, бидејќи трговската размена со нив е многу ниска. Според неа, ова може државата да го понуди на Вашингтон и ваквиот потег нема да има негативно влијание на буџетот.

Инаку, на прес-конференцијата  во Владата и министерката Димитриеска Кочоска, исто така кажа дека во случајот со високите царини од САД се работи за грешка:

Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула зашто ефектот нема воопшто да биде голем, бидејќи целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Било каква промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на Буџетот, … Тоа во овој момент може да им го понудиме на САД. Станува збор за грешка бидејќи и по поединечни тарифи кога ќе се погледнат во Република Македонија, не постои царинска тарифа од 65 проценти.

Министерката наведе дека отежнувачка околност е што немаме договор за слободна трговија со САД и додаде дека се работи на тоа да се издејствува потпишување на таков договор.

Верувам дека на крајот Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе успее да потпише таков договор со чие потпишување ќе имаме промени и на царинските тарифи. Доколку не успееме да потпишеме таков договор, ќе видиме што ќе правиме понатаму. Од наша страна првично ќе понудиме намалување на царинските тарифи, уверуваше вчера  Димитриеска Кочоска.

 

70 земји бараат трговски преговори со САД

Околу драмата со новите тарифни правила на игра во текот на вчерашниот ден ( 8 април), се огласи и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, која соопшти  дека речиси 70 земји ѝ пристапиле на администрацијата на американскиот претседател Трамп со барање за почеток на трговски преговори. Според неа, историскиот „Ден на ослободувањето“ покажал дека „ерата на американско економско предавање заврши“.

 Овие земји имаат огромна почит кон претседателот, рече таа, додавајќи дека трговски договори ќе се склучуваат само ако тоа е во корист на американските работници, ја пренесоа вчера (8 април) медиумите изјавата на Левит.

И, во меѓувреме додека ги чекаме убавите вести на премиерот, државата сè повеќе ни заличи на „луда куќа“ – како што сликовито се изрази таткото на Теодора Ристовска (0,20 минута од видеото), кој веќе три години очајнички ја бара правдата за својата 22 годишна ќерка чиј живот згасна на пешачки премин во Тетово.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција