Контраспин: Чиј јавен интерес е повалиден – на Дебрца или на 220 илјади жители?

Градоначалникот Зоран Ногачески. Фото: Општина Дебрца

Тежината на референдумот во политичка смисла е огромна, па, сепак, не може секогаш јавниот интерес да се поситоветува со резултатите од референдумот, особено ако сликата е покомпозитна и посложена. А, тука имаме токму таква слика, која го поставува прашањето што е вистинскиот јавен интерес

Тежината на референдумот во политичка смисла е огромна, па, сепак, не може секогаш јавниот интерес да се поситоветува со резултатите од референдумот, особено ако сликата е покомпозитна и посложена. А, тука имаме токму таква слика, која го поставува прашањето што е вистинскиот јавен интерес

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, за време на протестниот собир против плановите на Владата за изградба на регионална депонија на територијата на таа општина, меѓу другото, ја даде и оваа извртена вистина, што ја сметаме за спин:

 

Спин: Никој нема право ниту јас како градоначалник ниту советот на општината да дерoгира една таква одлука (се мисли на референдумот минатиот октомври на кој 87 отсто од гласачите гласале против), која што е донесена на најдемократски начин.

[Извор: Alsat-M, Изјава на градоначалникот, датум: 22.04.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996
Контраспин: Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, кој што е избран како кандидат на СДСМ на локалните избори во ноември, сосема со право го поддржува ставот на жителите од сопствената општина, кои на референдум, спроведен заедно со локалните избори на 15 октомври 2017 година, со над двотретинско мнозинство го дадоа својот глас против изградбата на депонија во нивната општина.

Ногачески, всушност, размислува политички и донел одлука дека треба да ги следи гласачите од својата општина и затоа го предводеше протестот оддржан во неделата на 22.04.2017 година, кога во траење од два часа беше блокиран магистралниот пат Кичево-Охрид. Но, тоа што го прави Ногачески и она за кое се заложиле граѓаните на општина Дебрца не значи автоматски дека се во право. Изјавата на Ногачески дека „никој нема право да дерогира една таква одлука“ (референдумската), всушност е извртена вистина, спин и тоа од следниве аспекти.

 

РЕФЕРЕНДУМСКО ИЗЈАСНУВАЊЕ НЕ ЗНАЧИ И ВИСТИНСКИ ЈАВЕН ИНТЕРЕС

Референдумот и според Устав и според закон е основно право на граѓаните на РМ и на државно и на локално ниво. Исто како и на државно, и на локално ниво, референдумската одлука е должна да биде спроведена од локалната самоуправа, во случајов од градоначалникот и Советот на Општина Дебрца, во смисла дека „советот е  должен во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, по кое се одлучувало на референдумот во согласност со резултатите од референдумот. (член 41 од Законот за референдум)

Но, тоа не значи дека граѓаните по автоматизам, се во право. Тежината на референдумот во политичка смисла е огромна, па, сепак, не може секогаш јавниот интерес да се поситоветува со резултатите од референдумот, особено ако сликата е покомпозитна и посложена. А, тука имаме токму таква слика, која го поставува прашањето што е вистинскиот јавен интерес.

Станува збор за цел еден регион – Југозападен плански регион во РМ и прашање од кое се засегнати жители на 9 општини. Притоа, жителите на Дебрца се меѓу најмалубројните – според проценката на Државниот завод за статистика, во 2015 година во општината живееле околу 4.000 жители. Во истата година, според истата проценка во Охрид живеле 50 илјади жители, во Струга околу 65 илјади, во Дебар над 20 илјади и во Кичево околу 57 илјади. Или вкупно во четирите поголеми општини живеат околу 192 илјади жители. Ако се земат уште Македонски брод, Пласница, Вевчани и Центар Жупа, според податоците објавени на веб страната на Југозападниот плански регион, таму живеат над 220 илјади жители.

И сега се наметнува прашањето, што особено треба да го одоговорат градоначалникот на Дебрца и граѓаните од таа општина, но, на пример и градоначалникот на Охрид, кој според охридските медиуми бил на протестот и му изразил поддршка на колегата од Дебрца: Чиј јавен интерес е поголем? Дали на 4.000-те илјади жители на Дебарца или на околу 220-те илјади на другите општини од регионот?

Да тргнеме од претпоставка дека граѓаните на Дебрца најдобро си го познаваат јавниот интерес, иако и тука може да се најдат аргументи против, па според резултатите од гласањето тие велат – депонија кај нас НЕ!

Да тргнеме од претпоставка дека секоја од другите поголеми четири општини ќе одржи референдуми и дека нивните жители ќе кажат депонија кај нас НЕ!

Што ќе прават и како во тој случај властите на овие општини ќе се справуваат со отпадот? Или ќе чекаат Владата да го носи во Дрисла, која е со лимитирани капацитети? Или, пак, ќе чекаат Владата да го извезува ѓубрето и да плаќа за депонирање во друга држава?

 

СОВРЕМЕНИТЕ ДЕПОНИИ СЕ ЕКОЛОШКА И ЕКОНОМСКА БЛАГОДЕТ

Со отпадот, со ѓубрето колоквијално кажано, мораме да се справуваме сами. Справувањето со отпадот и негово правилно третирање и употреба, не само што не е еколошки опасна работа денес, туку може да биде и добар профитабилен бизнис, да отвори нови работни места и да генерира раст на приходите и во држвата и во локалната самоуправа. Сопствени пари за такво нешто Македонија нема доволно, ниту пак, општините се моќни тоа сами да го средат. Затоа, со малку фиинансиски средства од локалната самоуправа, со малку од државата, со малку од ИПА од ЕУ, или во крајна линија со комерцијален кредит, депонијата/иите може да биде ем решение за најголемата загроза на природата и нашата околина, ем да носи пари – профит.

Арно ама, на Дебрчани, на Ногачески и на жителите од „најеколошката општина во југозападниот регион“ некој тоа треба да им го објасни и да ги едуцира. Малку помала е нивната вина ако лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, во предизборната кампања можеби им рекол дека ќе се злаожи да нема депонија кај нив, а сега Владата носи поинаква одлука.

 

ЗАКОНОТ ДОЗВОЛУВА ОДЗЕМАЊЕ ИНГЕРЕНЦИИ

Втората причина зошто изјавата на Ногачески е спин, всушност е Законот за управување со отпад, кој кажува дека Владата има право да ја „дерогира“ референдумската одлука, преточена преку несоглaсност на Советот на Општина Дебрца. И тоа „Вистиномер“ веќе го појасни во еден претходен текст на оваа тема.

И конечно, дерогирањето на одлуката во смисла на нејзината валидност доаѓа од самиот проект. Ако се погледне внимателно многу опсежната студија за влијанието врз животната средина како дел од потребните документи за интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпадот, односно изведување на проектот регионална депонија во Годивје, ќе се видат две работи: Прво – локацијата е избрана откако внимателно се разгледувани уште 11 други локации. Второ, решението предвидува депонија со највисоки заштитни стандарди за почвата и воздухот, погон за преработка и рециклажа на отпадот и погон за произведување компост, т.е. природно ѓубриво од т.н. зелен отпад. Ова значи дека депонијата која е со капацитет за следните 50-тина години да го задоволи целиот Југозападен регион, покрај тоа што ќе го реши проблемот со отпадот во општините, ќе произведува и работни места и ќе создава пари!

Поради погоре наведените причини цениме дека зборовите на Ногачески околу тоа дека никој нема право да дерогира резултати од референдум се извртена вистина, односно спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција