Контраспин: Декларативните борци против корупцијата отсекогаш ги имало

Ако изјавата на Артан Груби се погледне малку пошироко и ако се проанализира во подолг временски контекст, во неа можат да се најдат очигледни траги од она што се нарекува извртување на вистината, односно спинување. Што е уште еден доказ дека декларативно имаме инфлација од политички изјави за борба против корупција, но на практичен план, политичките елити редовно потфрлале

 

Ако изјавата на Артан Груби се погледне малку пошироко и ако се проанализира во подолг временски контекст, во неа можат да се најдат очигледни траги од она што се нарекува извртување на вистината, односно спинување. Што е уште еден доказ дека декларативно имаме инфлација од политички изјави за борба против корупција, но на практичен план, политичките елити редовно потфрлале

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникот Артан Груби вчера даде изјава во која сметаме дека има извртување на вистината:

Спин: Владеењето на правото е апсолутен приоритет на ДУИ и ДУИ е единствената политичка партија во Република Северна Македонија, која што отворено побара и од СЈО и од Јавното обвинителство да отвори истраги за сите свои функционери – од 2002 г. па се до денеска. Тоа го нема направено ниту една друга политичка партија. Било тоа парламентарна или вонпаралемнтарна. И затоа, безбрезервно се ставаме на располагање за поддршка на работата на органите на правдата. Бараме неселективна правда и бараме правда која што не е диктиранa од политиката, ниту од корупцијата, ниту од било кој друг повод, туку спoред словото на закoнот…

[Извор: Макфакс – Изјава на Артан Груби –датум: 05.03.2019]

 

 

Контраспин: Читајќи ја од збор до збор и без поширок контекст погледната, изјавата на пратеникот и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, околу заложбите за борбата против корупцијата и организираниот криминал, делува сосема принципиелно, милозвучно за секој граѓанин и за оние кои решаваат за нашите евро-атлантски интеграции.

Но, сепак, ако се погледне малку пошироко и се види и актуелниот, контекст во кој е дадена изјавата, но и контекстот во месеците, неделите, па и годините наназад, во оваа изјава може да се најдат јасни траги од она што се нарекува извртување на вистината, односно спинување.

 

КОНТЕКСТОТ СЈО

Најпрво за актуелниот контекст. Изјавата е дадена по повод постигнатата согласност меѓу владините коалициони партнери за иднината на СЈО и усвојувањето на новиот предлог-закон за јавно обвинителство на владинита седница, со што е решено што ќе биде во иднина со СЈО. Како што пренесуваат повеќе медиуми, главниот момент е селењето на СЈО под капата на Јавното обвинителство и без оглед што ќе ја задржи автономијата, му се одземаат два битни моменти: a) нелегално снимените материјали, кои беа основа за истраги, обвиненија, па и за веќе донесени правосилни судски пресуди. Тие повеќе нема да можат да се користат како докази во истрагите или идните судски процеси врз основа на покренати обвиненија, сметајќи по 30 јуни 2017 година; б) Советот на јавни обвинители по предлог на главниот обвинител ќе ги именува и менува обвинителите во СЈО, вклучувајќи ја и специјалната обвинителка Јанева, по извесен утврден рок од ситуирањето на СЈО во рамките на редовното ЈО…

Што значи ова? Медиумите доволно јасно ја разбраа пораката, а со тоа и севкупната јавност. Еве што пишува денеска Радио Слободна Европа, на пример, во текст со наслов „Нов политички пазар за судбината на СЈО”:

Империја, Талир, Пациент, Попис, Актор, Пропаганда, Моќник, Подарок и Хармонија се дел од истрагите на Специјалното јавно обвинителство за чија иднина ќе се одлучува во Собранието, во зависност од тоа како ќе помине новиот предлог закон за јавно обвинителство во кој е одреден и мандатот на СЈО. Пратениците од опозицијата ќе го имаат клучниот збор за тоа дали СЈО ќе продолжи кривично да ги гони вицепремиерот Бујар Османи, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговите бизнис соработници Јордан Камчев и десетмина други, како и поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески и пратеникот Антонио Милошоски, кои се главните осомничени во овие истраги. Откако Врховниот суд ги ослободи од куќен притвор дел од осомничените во Империја, прогласувајќи ги обвинителите за неовластен тужител, повторно се стави на тест иднината на Специјалното јавно обвинителство, која сега се спасува со ново законско решение, а и се прави обид да се исполнат и критериумите за препораката од ЕУ која бара реформи во судскиот систем.

Или, еве што пишува Истражувачката репортерска лабораторија Македонија, под наслов: Владата од СЈО прави опашка на ОЈО – бомбите ќе станат неупотребливи:

Тоа значи дека во истрагите кои беа отворени за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пропаднатиот попис, или пак предметот „Пациент“ во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, бомбите нема да бидат доказ. Иако од нив СЈО ги црпеше клучните аргументи како основа за отворање на истрага.

Понатаму, под знак прашање се доведуваат и истрагите за случајот „Хармонија“ во кој е осомничен екс градоначалникот Стевчо Јакимовски, потоа истрагата за поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески осомничен во предметот „Подарок“. Како и други случаи кои се во истрага и предистражна постапка во кои се осомничени Жарко Луковски, директор на Т-мобиле, пратеникот Антонијо Милошоски и други.

Од ова е сосема јасно дека има огромни шанси истрагите што се работат по 30 јуни 2017, а меѓу кои се и такви што се многу значајни за врвот на ДУИ, но и за другите, особено поранешни коалициони партнери, каква што е онаа за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. за „Белата палата“, да останат на климави нозе и можеби да не стигнат на ниво на обвинение.

 

КОНЕТКСТ „АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ“ ЗА СЈО

Откако Врховниот суд донесе начелно правно мислење дека сè што работи СЈО во смисла на истраги после 30 јуни 2017 е незаконско (едноставно кажано-н.з.), по барање на Кривичниот суд во Скопје, Јавниот обвинител Љубомир Јовевски на 13.02.2019 побара автентично толкување од Законодавно правната комисија на Собранието. Ова беше шанса со брза постапка да се анулира мислењето на Врховниот суд врз основа на кое веќе се ослободени од домашен притвор дел од осомничените во случајот „Империја“.

Парламентот, од упатени извори кои што му потврдија на „Вистиномер“ телефонски, на 19.02.2019 (значи после 6 дена), го добил барањето и веднаш, по некоја процедура, го препратиле до Владата на РСМ за нивен став. Владата, велат истите извори на „Вистиномер“, досега, 06.03.2019 г. се нема произнесено и токму поради тоа, барањето, кога е пишуван овој текст, не е ставено ниту на сајтот на Собранието, ниту, пак, стигнало до пратеничката Соња Мираковска, која претседава со Законодавно-правната комисија. Ова ни го потврди телефонски и г-ѓа Мираковска.

Официјално меѓутоа, авторот на овој текст на „Вистиномер“, на 06.03.2019 година доби порака по електронска пошта од Генералниот секретар Цветанка Иванова, во која таа нè упатува за процедуралната судбина на барањето на г-дин Јовевски да му се обратиме на Собранието преку стандардизиран формулар за Барање информација согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер!!??

Во меѓувреме, како што пренесуваат медиумите, со новиот предлог закон за ЈО, со кој се решава и судбината на СЈО, ќе се премостело начелното правно мислење на Врховен суд. Со тоа, барањето на ЈО за автентично толкување можеби ќе стане депласирано и можеби никогаш нема да стигне до Собранието мислењето од Владата, но штетата е веќе направена и може да има последици. За можноста за избегнувањето на казната и фаворизирање на принципот на селективна правда и неказнивост,  Вистиномер веќе пишуваше.

 

КОНТЕКСТ ВЕЛЈАНОВСКИ

Изјавата на Груби може да се разгледа и во контекстот околу неносењето на одлука од страна на Собранието по барањето на надлежниот суд за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски, што се случи неодамна. Зо оваа „необјаснива“ разврска во Парламентот,  претседателот Талат Џафери немаше баш уверливо толкување (оценката е исто така на дел од медиумите), зошто не е донесена таква одлука на седница закажана во недела во 21.30 часот. Но, првата реакција и на дел од пратениците на СДСМ на седницата, како што пренесоа медиумите, и на дел од јавноста, беше дека проработела старата коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Ние не можеме да проникнеме во тајната зошто обично многу ефикасниот Џафери не ја приведе успешно седницата до степен на гласање и дали можеби станувало збор за намерен акт од сите учесници или само од некои во таа неделна вечер, но можеме да потсетиме на две работи.

Прво, исто вакво неносење одлука за одземање на имунитет се случи малку порано и со пратеникот Љупчо Димовски. Второ, повторно е создадена шанса за избегнување на одговорноста со евентуално бегство на Велјановски или Димовски, на што јавноста има право да се сомнева по бегствата на Груевски, Грујовски, Бошковски – случаи од СЈО. На ова Џафери непоткрепено изјави дека тоа ќе било одговорност на судот, став што „Вистинимер“, го деспинуваше.

Можеме да продолжиме со редење на контекстите како да се гледа изјавата на Груби. На пример, можеме да ја гледаме и во контекст на реакцијата на вицепремиерот Бујар Османи и сите поврзани случувања, кога министерката Мила Царовска поднесе кривична пријава против непознат сторител за случувањата со околу 19-те милиони евра од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Можеме да се навратиме и на контекст од поскоро, од вчера што се вели – со дивата платформа на почетокот на кањонот Матка, Општина Сарај, каде што после толку перипетии и молк, градоначалникот Беџети побарал дивоградбата да се легализира, но сега во контекст и на други две платформи….

Оттука, оценувајќи ја изјавата на Артан Груби во многу поширок контекст од она што е декларативно кажано вчера, може да се оцени дека станува збор за извртена вистина, т.е. спин. Дотолку повеќе што оваа земја никогаш немала проблем со декларативните заложби за борба со организираниот криминал и корупцијата, но, политичките елити редовно потфрлале во имплементацијата на таквите заложби.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција