Контраспин: Додека ги чекаме анализите на водата во Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ бара виновници во опозицијата

Наместо Владата да ги објави анализите за безбедноста на водата во Гостивар кои се од врвен јавно-здравствен интерес, ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија која има апсолутен институционален капацитет и одговорност, во ова соопштение ја спинува вистината на неколку нивоа

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е реакција на соопштенијата и прес-конференциите на СДСМ во кои опозициската партија јавно бара Владата на Христијан Мицкоски да објави официјален документ со анализа на резултати, кој потврдува дека водата во Гостивар е безбедна за пиење. Наместо Владата да ги објави тие анализи кои се од врвен јавно-здравствен интерес, ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија која има апсолутен институционален капацитет и одговорност, во ова соопштение ја спинува вистината на неколку нивоа

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во екот на неколкудневната интензивна политичка препирка со СДСМ, но и други опозициски партии, во врска со одговорноста околу загаденоста на водата во градскиот водовод во Гостивар и начинот на справување со оваа кризна состојба го издаде и следново соопштение во кое се спинува вистината:

Спин: СДС резултатите од анализите нека ги побара од својот градоначалник, ЈП Комуналец е надлежен за објавување на испитувањата

Нам како ВМРО-ДПМНЕ ни е јасно дека СДС многу тешко сфаќа како треба да функционира системот, бидејќи тие работат спротивно од тоа, односно противзаконски, криминално и коруптивно.

Но, еве за граѓаните да образложиме како стојат работите во случајот со Гостивар.

Прво, секоја анализа, секое испитување и негово објавување е директна надлежност на ЈП Комуналец Гостивар. Така да по ова прашање, нека се обратат до Валбон Лимани и нека му кажат да ги објави резултатите.

Второ, надлежна институција која поставува и разрешува директор на ЈП Комуналец е градоначалникот на општината, во случајот Валбон Лимани, градоначалник од редовите на СДС, ДУИ и партијата на Таравари.

Трето, дистрибуцијата на водата до домовите е исклучиво на ЈП Комуналец. Тоа што тие направиле превид во целата ситуација, а со тоа се затруле граѓаните на Гостивар, е директна одговорност на директорката, која патем е приведена.

Четврто, поради тоа што градоначалникот и локалните институции во Гостивар се неспособни, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мораше да интервенира, и за рекорден временски период, да се исчисти водата, да се пушти првенствено водата за техничка употреба, а потоа и за пиење. Во меѓувреме, секојдневно Гостиварчани добиваа флаширана вода за пиење. Од другата страна пак, СДС донираше 0 шишиња вода за граѓаните.

Петто, по месец дена кризата со Гостивар е минато. Одговорноста треба да се преземе од страна на обвинителството и да се казнат сите оние кои имаат и најмала индиректна одговорност во случајот. Исто така, да не се заборави и за молкот на поранешните министри за здравство на СДС, вклучувајќи го и нивниот претседател Филипче, до кој стигнале преку 400 испитувања за загадена вода, а тој не реагирал ниту за една.

Да резимираме, СДС и Филипче се најмалку компетентни да говорат. Со години не реагирале, а денес само обвинуваат. Лицемерието на СДС и Филипче граѓаните го препознаваат.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ Соопштенија/Реакции  – Датум: 19.08.2026]

Контраспин: Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е реакција на соопштенијата и прес-конференциите на СДСМ во кои опозициската партија јавно бара Владата на Христијан Мицкоски да објави официјален документ со анализа на резултати, кој потврдува дека водата во Гостивар е безбедна за пиење. Наместо Владата да ги објави тие анализи кои се од врвен јавно-здравствен интерес, ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија, која има апсолутен институционален капацитет и одговорност, во ова соопштение ја спинува вистината на неколку нивоа.

Најпрвин, тоа што СДСМ со денови настојчиво инсистира да бидат објавени резултатите од испитувањата на квалитетот на гостиварската вода за пиење – односно прашува зошто досега не се објавени – е во јавен интерес и најмалку е важно која партија го поставува прашањето и од чија партија е актуелениот градоначалник на Гостивар.

Понатаму, СДСМ нема зошто „да ги бара резултатите од анализите од својот градоначалник“ (се мисли на Лимани), бидејќи тоа што оваа партија го поддржала актуелниот градоначалник на Гостивар на минатогодишните локални избори (како што постојано импутира ВМРО-ДПМНЕ) не значи дека нема право да бара одговорност од Владата како највисока извршна институција во решавањето на ваква голема здравствена криза. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ во 2021 г. ја поддржа Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје, но набргу по етаблирањето на градската власт постојано беше во конфликт со неа, на штета на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ во ова соопштение го „поучува“ СДСМ како „треба да функционира системот“, потенцирајќи дека „секоја анализа, секое испитување и негово објавување е директна надлежност на ЈП Комуналец Гостивар“ под надлежност на градоначалникот Лимани. Тоа е точно, но факт е и дека за време на здравствената криза со гостиварската вода беше формиран Централен кризен штаб за решавање на кризата со водата во Гостивар, во чие име истапуваа челници на разни институции.

На 23.07.2026 г. изјава за преземените чекори за чистење на гостиварскиот водовод по состанокот на Централниот кризен штаб даде Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, а на 14.08.2026 безбедноста на водата за пиење ја оценија Стојанче Ангелов, шеф на Главниот штаб за управување со кризи, и Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како членови на гостиварскиот кризен штаб.

На прес-конференцијата на Кризниот штаб која се одржа во Гостивар директорот на АХВ Миланов изјави:

По добиените задоволителни резултати од извршените лабораториски испитувања од страна на Институтот за јавно здравје и Лабораторијата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на примероците вода за пиење земени од седум мерни места во понеделник наутро и навечер, како и во вторник наутро, Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денес, петок, 14.08.2026 година, водата може да се користи за пиење.

Секако дека и гостиварскиот градоначалник Лимани учествувал во работата на Кризниот штаб на терен, а во неговата работа се вклучени и претставници на Владата, како и институциите надлежни за здравство, водоснабдување, заштита и спасување и контрола на безбедноста на водата, односно Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Лабораторијата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје како најстручни и најекипирани институции за овој проблем.

Не постои објавена владина одлука или решение со целосен именуван состав на Кризниот штаб за Гостивар, но Зуди Џелили е координатор на Локалниот кризен штаб во Гостивар и член на Централниот кризен штаб. Лимани учествувал во координацијата на активностите на локално ниво, а во локалниот штаб биле вклучени претставници на Општина Гостивар, ЈП „Комуналец“, како и други локални и државни институции. Од овие факти може да се види ЈП Комуналец Гостивар има „директна надлежност“, како што потенцира ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение, но во процесот на санирањето на штетите по јавното здравје предизвикани од загадената вода во Гостивар се вклучени и ИЈЗ и скопски Водовод.

Во секој случај, факт е дека на 21.07.2026 г. Владата  на 195. седница донела одлука за прогласување 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Гостивар, поради состојбата со водоснабдувањето. Одлуката била донесена на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, јави Телма.

Секако дека справувањето со вакви кризи е преголем залак за локални институции и градоначалник на Гостивар, па затоа можеме да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ во соопштението спинува околу исклучивата надлежност и одговорност на Лимани како прв човек на Гостивар во справување со кризата.

Впрочем, ако ВМРО-ДПМНЕ во соопштението наведува дека „поради тоа што градоначалникот и локалните институции во Гостивар се неспособни, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мораше да интервенира“, тогаш Владата е и најповикана да одговори на прашањата како е решена кризата со водата.

Според член 21. став 3. од Законот за локалната самоуправа, „надлежностите на општините се, по правило, целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон“. Законот за локалната самоуправа ги утврдува комуналните дејности како општинска надлежност, но Владата може да презема државни мерки за справување со кризата; да ги ангажира државните институции; да обезбедува техничка, финансиска и стручна помош; преку надлежните органи да врши надзор над законитоста; ако постои законска основа, да преземе конкретни работи или да интервенира на начин предвиден со посебен закон.

Покрај ова, според Законот за комунални дејности, локалните комунални услуги и функционирањето на локалниот систем се под ингеренции на локалната власт, а јавното здравје, санитарниот и инспекциски надзор, управувањето со кризи, заштита и спасување, се под ингеренции на државата.

Според сите горенаведени факти, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое на СДСМ и на гостиварскиот градоначалник Лимани се делат лекции за тоа „како треба да функционира системот“ и во кое целата одговорност се префрла врз опозицијата, можеме да го оцениме како спин.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција