Контраспин: Доколку СДСМ искрено сакаше една изборна единица ќе покренеше иницијатива уште пред две години

 

Ако СДСМ навистина сакаше да ги прекрои шесте изборни единици во една, тоа можеше да го стори многу порано. Процесот на измени требаше да го започне онака како што вети во програмата, односно веднаш по доаѓањето на власта. Тогаш ќе имаше време да се испеглаат разликите и да се обезбеди консензус за новите изборни правила. А не „во пет минути до 12“ да дава поддршка на една иницијатива поднесена од малите партии, во ситуација кога е лесно да се предвиди дека другите поголеми партии нема  да ја прифатат на два-три месеци пред избори.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

На последната собраниска седница за пратенички прашања (26.12. 2019), пред најавеното формирање техничка влада, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, „дали прифаќа на овие избори поразениот лидер да си замине од политиката“, го искажа следниот спин:

Спин: Прифатете вие една изборна единица, па ќе се договориме. Не бегам од ништо, не шпицен кандидат и лево и десно крило ќе бидам. Менувајте го курсот оти долго време ќе бидете во опозиција, рече Заев.

[Извор: Вечердатум: 26.10.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Владата,  Зоран Заев ја спинува вистината кога вели дека е подготвен да  го прифати предизвикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  и двајцата да не бидат кандидати на пратеничките листи на своите партии на претстојните избори, само доколку опозицијата се согласи на една изборна единица. Во оваа негова изјава забележуавме недоследност и извртување на фактичката состојба токму во делот каде што тој ја нагласува заложбата за промена на изборниот модел, а еве зошто.

Заев  како лидер на опозицијата уште во 2015 година ветуваше дека СДСМ ќе предложи „Македонија да биде една изборна единица“. Ова ветување СДСМ го даде и за предвремените парламентарни избори во 2016 година и тоа стана дел од нивната предизборната програма „План за живот“, поточно го има во  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите шест месеци од мандатот“, (стр. 231).

Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници. („План за живот“

Што значи,  според рокот за реализација наведен во програмата,  измената на изборниот модел – пратениците да се избираат во една наместо во шест изборни единици, требаше да биде направена најдоцна до први декември 2017 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (27.12.2019) не се случи.

Социјалдемократите досега имаа можност да предложат измени на Изборниот законик со кој ќе се смени изборниот модел, но тоа не го сторија. „Вистиномер“ веќе правеше анализа на ова нивно изборно ветување и го оцени како неисполнето.

Во моментот во Собранието има  предлог за измена на Изборниот Законик, со кој се иницира пропорционален модел со една изборна единица, но тој е поднесен од помалите политички партии. Всушност, овој изборен модел, пред сè, е во интерес на помалите играчи во изборната трка, бидејќи  сите гласови се слеваат на едно место, со што им се дава шанса да добијат доволно гласови и со самостоен настап да освојат пратенички места. За разлика од сегашниот модел со шест изборни единици, кој за нив е ограничувачки, влезот во Собранието може да го направат само преку коалиции со поголемите партии

СДСМ го поддржува спомнатиот законски предлог и тоа во неколку наврати изминатиот месец го посочи премиерот Заев, потенцирајќи притоа дека токму СДСМ најмногу губи со ваквиот модел. Сепак, за промена на изборниот модел нема консензус. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се противат, сметаат дека не е време овие измени да се прават на неколку месеци пред изборите договорен за 12 април 2020 година. Овие две партии поднесоа над 6.000 амандмани во Собранието и ги блокираа измените на Изборниот законик.

Да споменеме дека и според меѓународните стандарди за избори и препораките на ОБСЕ/ ОДИХР,  промените на Изборниот закон треба да бидат направени најдоцна една година пред изборите

Но, доколку СДСМ искрено сакаше да се измени изборниот модел, тоа можеше да го стори многу порано. Процесот на измени требаше да го започне онака како што вети во програмата, односно веднаш по доаѓањето на власта. Тогаш  ќе имаше време да се испеглаат разликите и да се обезбеди консензус за новите изборни правила. А не „во пет минути до 12“, да дава поддршка на иницијатива поднесена од малите партии, во ситуација кога е лесно да се предвиди дека другите поголеми партии нема  да ја прифатат.

Па, гледано од тој аспект, заложбата на Заев за една изборна единица сега во очи на изборите делува како пресметан спин за купување политички поени.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција