КОНТРАСПИН: Еврообврзницата од 2005 не беше за трошење, туку за враќање долгови од поранешна Југославија

Еврообврзницата издадена поради раздолжување, а не за инвестиции. Фото: Wikipedia

Партијата на власт обвинува дека „истата влада тогаш ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа“. Но еврообврзницата не е издадена заради инвестиции, како што потенцира тогашниот министер за финансии, туку поради враќање на главнината на долгот кон Лондонскиот клуб на доверители, односно долг што е наследен од поранешна Југославија

 

Партијата на власт обвинува дека „истата влада тогаш ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа“. Но еврообврзницата не е издадена заради инвестиции, како што потенцира тогашниот министер за финансии, туку поради враќање на главнината на долгот кон Лондонскиот клуб на доверители, односно долг што е наследен од поранешна Југославија

 

Спин:  …СДСМ не може да го оспори фактот дека издавањето на еврообврзницата е финансиски метод на работа на секоја европска земја, а во Македонија е воведен токму од страна на владата на СДСМ во 2004 година, истата влада тогаш ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 30.07.2016]

 

 

Контраспин: Реагирајќи на соопштението на СДСМ, во своето соопштение на 30 јули годинава, ВМРО-ДПМНЕ направи типичен спин, извртувајќи ги фактите за еврообврзницата што ја издаде владата на СДСМ во 2005 година.

Kontraspin - foto Vistinomer

Проблемите со овој напад што ВМРО-ДПМНЕ го прави против СДСМ почнуваат од основниот факт – тврдењето дека првата еврообврзница е издадена во 2004 година. Но таа, како што може да се забележи од посочените извори во овој текст, е издадена во следната, 2005 година од владата на Владо Бучковски, во која министер за финансии тогаш е Никола Поповски.

Еврообврзницата ќе котира на Лондонската берза и тоа ќе биде прво претставување на Македонија со таков вид обврзници. Тие се ликвидни и по добивањето на двата кредитни рејтинга, Македонија е мапирана на светската финансиска сцена, вели првиот финансиер Никола Поповски.

Толку за фактичката грешка, а сега за елементите на спинувањето на вистината од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на власт обвинува дека „истата влада тогаш ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа“. Но еврообврзницата не е издадена заради инвестиции, како што потенцира тогашниот министер за финансии, туку поради враќање на главнината на долгот кон Лондонскиот клуб на доверители, односно долг што е наследен од поранешна Југославија. Под Лондонски клуб на доверители се мисли на приватни кредитори како што се странските банки, кај кои поранешна Јулославија беше задолжена. По распадот на федерацијата, долгот беше распореден по републиките според процентот што бил наменет зан ив. Поркај Лондонскиот клуб на доверители, постои и Париски клуб на доверители, кој ги собира државите кредитори и во кои најесто се вклучени најразвиените земји, членки на ОЕЦД.

Парите од еврообврзницата ќе се користат за отплата на долгот што Македонија го има кон Лондонскиот клуб на доверители, затоа што нема економска логика да се користи евробврзница за финансирање капитални инвестиции, објасни вчера министерот за финансии Никола Поповски.
За капитални инвестиции Македонија користи поволни кредити од ЕБОР, ЕИБ и Светска банка. Во овој момент имаме 20 кредити за инфраструктура. Погрешни се експертските мислења дека треба да се задолжуваме со еврообврзници за капитални инвестиции, вели Поповски.

Министерот за финансии притоа кажува уште една битна работа – дека не е логично да се издава еврообврзница поради капитални инвестиции, кога има кредити под поволни услови од ЕБОР, ЕИБ и Светска банка.

Инаку, претходно експерти, дури и од експертскиот тим на премиерот, пласирале идеја да се употребат парите за јавни инвестиции.

Од експертскиот тим на премиерот појаснуваат дека нивната идеја била да се употребат парите за јавни инвестиции. „Со влезот на свежи евра, ќе се намали притисокот врз монетарната политика и врз каматите. Тоа е првиот позитивен ефект – падот на активните камати. Со 100-тина милиони евра, нема потреба од извлекување на денари од оптек за задржување на курсот. И второ, се отвора вратата приватните институции да позајмуваат пари во странство. Сегашната ЛИБОР камата, што е референтна каматна стапка за позајмување на меѓународниот пазар, е 2 проценти. Еврообврзниците не се волшебно стапче, но отвораат друга перспектива. Единствен проблем е каде ќе се инвестираат парите. Ако ги инвестирате паметно – имате развој. Како мерка не носи инфлаторен ефект, зашто е спакувана во конзистентен макроекономски пакет“, вели извор на „Вест“.

Но, тоа Поповски, како чувар на државниот буџет, како што видовме во погорните примери, не го прифаќа.

Издавањето на еврообврзницата се прави во време кога Македонија веќе го има добиено првиот кредитен рејтинг во 2004 година, а тогашната влада ја објавила намерата повеќе да не склучува аранжмани со ММФ и Светска банка.

Најавата дека токму сега е погоден момент да се стартува со оваа развојна мерка Поповски ја даде само еден месец по првата изјава, во која кажа дека еврообврзниците влегуваат во игра кога Македонија нема веќе да склучува аранжмани со ММФ и Светска банка.

Интересот за македонската еврообврзница бил огромен, па биле добиени понуди од вкупно 593 милиони евра, што е четири пати повеќе од емитуваниот износ од 150 милиони евра. Купувачи, пак, биле главно британски и германски инвеститори, по што следуваат други европски земји, а 12 отсто се купувачи од САД.

За првите македонски еврообврзници инвеститорите вчера доставиле понуди во вредност од 593 милиони евра, што е четири пати повеќе од емитуваниот износ од 150 милиони. Министерството за финансии соопшти дека еврообврзниците завршиле кај 56 инвеститори, од кои 33 отсто се британски, 31 процент германски, а 22,5 отсто се од други европски земји (Франција, Италија, Швајцарија, Грција, Словенија и Кипар). Американците купиле 12 отсто од еврообврзниците, а 1,5 процент завршиле кај азиски инвеститори.

Со еврообврзницата се добиени 150 милиони евра за отплата на долгот, a поради замената на варијабилната со фиксна камата и измената на долгот од долари во евра, како што тогаш тврди Поповски, Македонија добила можност за значителни заштеди секоја година.

Македонија ќе заштеди меѓу 9,85 и 32 милиони евра годишно за отплата на главницата на долгот кон Лондонскиот клуб на кредитори што ќе се врши со заработката од продажбата на еврообврзниците, од што беа собрани 150 милиони евра. Ваквите заштеди, како што соопшти министерот за финансии, Никола Поповски, се резултат на замената на долгот од долари во евра и замената на варијабилната со фиксна камата. – Варијабилната камата ја заменивме со фиксна каматна стапка, мошне поволна во моментов кога каматните стапки се на најниско ниво, и го заменивме долгот од долари во евра, односно ќе го замениме во почетокот на 2006 година – рече министерот Поповски.

Целта со еврообврзницата е постигната веќе на почетокот на 2006 година, кога гледаме дека долгот кон Лондонскиот клуб е подмирен со добиените 150 милиони евра, и покрај критиките на експерти.

„Ја затворивме операцијата на откуп на долгот. Во овој момент ние веќе немаме долг спрема Лондонскиот клуб на доверители, кој го сочинуваат многу голем број приватни доверители. Долгот го покривме со емисијата на еврообврзницата“, изјави Поповски. Тој истакна дека сега Македонија нема долг спрема Лондонскиот клуб, кој во меѓународните кругови се третира како долг, кој е прилично скап и дека е отплатен со еврообврзница која има подолг рок, односно со неа до 2015 година ќе се отплаќаат само каматите.

Инаку, при самиот старт, односно во текот на презентирањето на еврообврзницата се потенцира дека нејзиниот рок на достасување е 10 години, што значи дека парите собрани со неа се вратени до лани.

На средбите министерот ги информирал инвеститорите за карактеристиките на емисијата на еврообврзницата која е со понуден износ од 150 милиони евра со рок на достасување од 10 години, како и за намената на средствата прибрани со емисијата.

Тоа, пак, оди против тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ од соопштението дека „парите уште се враќаат“. Напротив, самата влада на ВМРО-ДПМНЕ ја врати главнината од 150 милиони лани, за што претходно се задолжи со нова еврообврзница, тогаш од 270 милиони евра.

Првата емисија еврообврзници e дел од Стратегијата за управување со јавниот долг од 2006 до 2008, која Собранието на Република Македонија ја изгласува во март 2006 година. Со неа се предвидувало намалување на јавниот долг од 40,9 на 37 отсто од бруто-домашниот производ.

Во стратегијата се дадени и ризиците со кои се соочува портфолиото на долгот, како и препораките за негово менаџирање. Инаку, во однос на БДП на крајот на 2005 јавниот долг на Македонија изнесувал 40,9 проценти или 1,8 милијарди евра. Најголемиот дел е деноминиран во странска валута, а само 6 отсто во домашнa.

Спознаеното од случувањата со првата емисија еврообврзници што ја презема Македонија покажува дека нема реална основа како вистинито да биде прифатено обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ дека тогашната влада на СДСМ „ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција