Контраспин: Фактите се ирелевантни за ВМРО-ДПМНЕ – за нив Филипче е секогаш виновен

Фото: „Вистиномер“

Што и да направат здравствените и политичките власти во врска со кризата од здравствен и економски апсект не чинело, не чини и нема да чини. Со такви апсолутистички и тврди оценки, не изненадува дека и за последниот тренд на зголемување на бројот на новозаразени, после над двомесечен пад и стабилна состојба, јавноста е комуницирана со спин дека ситуацијата била целосно излезена од контрола и дека за тоа е виновен, кој друг, ако не Филипче!

Што и да направат здравствените и политичките власти во врска со кризата од здравствен и економски апсект не чинело, не чини и нема да чини. Со такви апсолутистички и тврди оценки, не изненадува дека и за последниот тренд на зголемување на бројот на новозаразени, после над двомесечен пад и стабилна состојба, јавноста е комуницирана со спин дека ситуацијата била целосно излезена од контрола и дека за тоа е виновен, кој друг, ако не Филипче!

 

Пишува: Теофил Блажевски

ВМРО-ДПМНЕ во врска со корона кризата, искомуницира со јавноста со соопштение/изјава во која се детектира спин:

Спин: Неспособноста на министерот Венко Филипче ја потврдуваат бројките кои ги соопштува токму министерството за здравство со кое тој менаџира.
По вчерашната поразителна бројка од 317 заболени во едно деноноќие, денес и министерството и Институтот за јавно здравје со нови црни рекорди.
Во однос на минатата недела зголемување од 35,5% на бројката за новозаболени или повеќе од една третина. Пријавени 30 смртни случаи или 7,1% повеќе во однос на претходната недела.
Ситуацијата е целосно излезена од контрола

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб – датум: 08.10.2020]

 

 

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ, користејќи ги резултатите од статистиката што секојдневно ги објавуваат надлежните здравствени власти во врска со дневната и неделната состојба околу епидемијата/пандемијата со корона вирусот, во три соопштенија за помалку од 24 часа излезе со спинувани информации дека „ситуацијата е целосно излезена од контрола“ и дека овие „бројки ја потврдуваат неспособноста на министерот Венко Филипче“.

Спинот се состои во тоа што ВМРО-ДПМНЕ целосно ја апстрахира состојбата со пандемијата во околните земји и во светот, како и посериозната анализа на бројките што ги објавува Институтот за јавно здравје. На пример, наведувајќи бројки за зголемувањето новозаразени и починати, ВМРО-ДПМНЕ не ги наведува и другите клучни параметри од статистиката, кои би биле клучни за разбирањето на одговорноста за пораснатите бројки. Тие не наведуваат дека за периодот од 28 септември до 4-ти октомври, има драматичен пораст на новозаболени во возрасната група од 20-29 години за цели 60 отсто и за возрасната група од 30-39 години за 46,1 отсто.

 

Бројот на новозаразени е европски и светски тренд

Доколку ги наведат овие бројки од партијата, тие би можеле да укажат, на пример, дека новозарезените се во онаа возрасна група која најчесто се движи и е активна преку целиот ден. Од собирање во угостителски објекти до користење на јавен превоз, на пример, за да се стигне до работното место, каде, исто така, има зголемено присуство во компаниите и институциите поради завршувањето на годишните одмори, кои се растегнаа до крајот на септември. И зошто, поради непочитување на мерките за самозаштита и поради зголемени активности на овие возрасни групи, Филипче би бил најодговорниот?

Второ, бројката на зголемени новозаразени е тренд и во регионот и во светот. Но, во ВМРО-ДПМНЕ тоа не го гледаат и не ги интересираат ваквите вести, бидејќи не се соодветни за спинување околу одговорноста на претставниците на здравствените и политичките власти во државата. За нив не постојат вестите од Словенија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, БиХ, итн. Во ВМРО-ДПМНЕ не гледаат ниту дека во Европа и светот се зголемуваат бројките нагло во последните неколку денови или две-три недели, како ни фактот дека поради ваквата состојба во голем број земји од Европа се враќаат со рестриктивни мерки во помал или поголем обем, како што јави пред два дена ББЦ.

 

Константа од спинови на ВМРО-ДПМНЕ

Трето, во ВМРО-ДПМНЕ има една константа. Таа константа се однесува на недоследноста и спиновите на партијата во однос на тоа како државата се справува со пандемијата/епидемијата.

Па, така, во ВМРО-ДПМНЕ по првичната изјава од февруари дека корона вирусот ќе биде користен од власта за да ја спречеле партијата да го мобилизирала народот, веќе во март побараа оставка од Филипче поради случајот со директоркта од Кожната клиника во Скопје. Подоцна истиот месец, веднаш по прогласувањето на вонредната состојба, спинуваа дека подобро ќе било кризна состојба, зашто вонредната состојба ќе била искористена, т.е. злоупотребена.

Потоа, во април следеше спин за недостиг од заштитна опрема, поради која здравствените работници се заразуваа, заедно со колапс на економијата, а веќе во мај, поради 22 новозаразени во претходниот ден, Филипче повторно беше на тапет и главен виновник од кого се бараше оставка.

Сето ова се случуваше покрај редицата други спинови, на пример, околу полициските часови за Велигден и за Бајрам. Состојбата со реакциите од опозициската партија стивна пред и за време на изборите, а по краток одмор, одново почнаа да бараат одговорност од Филипче во август и септември, спинувајќи за бројките и за состојбата. Филипче за нив беше главниот виновник (секогаш и Зоран Заев до него), дури и кога бројките на активни случаи, како и новозаразените лица како процент од вкупниот број тестирани паѓаа цели два месеца! За нив и тогаш земјата беше „црна дупка во регионот и во Европа“, а при континуиран пад на активни случаи и во септември беше нарекуван „министерот за зараза и смрт“

Како што може да се види хронолошки, во ВМРО-ДПМНЕ постои доследност и константа, ама константа од спинови, особено кога станува збор за состојбата со корона кризата.

Што и да направат здравствените и политичките власти во врска со кризата од здравствен и економски апсект не чинело, не чини и нема да чини. Со такви апсолутистички и тврди оценки, не изненадува дека и за последниот тренд на зголемување на бројот на новозаразени, после над двомесечн пад и стабилна состојба, со јавноста се комуницира преку спинови дека за тоа е виновен Филипче и дека ситуацијата била целосно излезена од контрола. Што и не треба да чуди, зашто за ВМРО-ДПМНЕ Филипче е секогаш виновен.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција