Контраспин: Фетаи зборува за докази, министерката за трач – муабети

Според министерката, тезите на Фетаи „се рекла кажала и трач муабети“ Фото: Принтскрин

Министерката ја извитоперува вистината и креира перцепција, дека се работи за неаргументирани тези и озборување со политичка заднина (опозициска), но истовремено генерализира, па обвинувањата за злоупотреби ги поврзува со цело Министерство, иако  СЈО одговорноста ја лоцира кај конкретни лица (без да ги именува).

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на 20 октомври 2016 година  на прес – конференција , меѓу другото, ја даде и следната изјава којашто ја сметаме за спин:

Спин: Специјалното јавно обвинителство уште еднаш докажа дека работи по инструкции дадени од страна на СДСМ, дека работи површно, без никаква аналитика и без никаква анализа, врз паушални претпоставки кои немаат никаква врска со вистината.

 Сакам да потенцирам дека сите изнесени обвинувања од страна на госпоѓата Фетаи се неточни, невистинити и енергично и одговорно ги отфрлам во целост. Тезите на гопоѓата Фетаи морам да кажам се рекла кажала, трач муабети, тие се една  груба манипулација со која Специјалното јавно обвинителство сака да стави дамка и на моето работење и на работењето на вработените во Министерството за култура

[Извор: А1ОН  (0  до 0,53 минута од видеото) Датум 20.10.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Прес – конференцијата на министерката за култура  Канческа-Милевска   е  реакција на  пресот на  Специјалното јавно обвинителство на која беа обелоденети случаите „Топлик“ и „Тендери“. Обвинителката Фатиме Фетаи, која на прес-конференцијата во СЈО  го претстави предметот „Тендери“, без да споменува конкретни имиња или иницијали, соопшти дека врз основа на прибавениот доказен материјал постоело основано сомнение дека од 14 јуни 2011 година до 31 декември 2013 година во Скопје првоосомничената како раководно службено лице од Министерството за култура и тројца осомничени членови од Комисијата за јавни набавки во ова Министерство ги искористиле службените овластувања правното лице „Бетон – Штип“ да биде фаворизирано за изведување завршни градежни работи на Музејот на ВМРО.

Набрзо по пресот на СЈО, министерката, фактички, преопзнавајќи се самата  во случајот„ Тендери“,  изјави дека се во прашање „ рекла-кажала тези и груба манипулација“,  дека  настапот на СЈО е „дел од однапред планирано сценарио во функција на политичка кампања на СДСМ со цел да се оцрни работењето на Министерството за култура.“  И тука, всушност, е спинот и тоа по два основа.

Министерката ја извитоперува вистината и креира перцепција, дека се работи за неаргументирани тези и озборување со политичка заднина (опозициска), но истовремено генерализира, па обвинувањата за злоупотреби ги поврзува со цело Министерство, иако СЈО ја конкретизираше одговорноста (без да ги именува лицата).

Во интерес на вистината да кажеме дека  за  случајот „Тнедери“,  Фетаи соопшти дека врз основа на прибраниот доказен материјал:

Постои основано сомнение дека пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност предвидени во член 2 од Законот за јавните набавки и спротивно на чл.28 од истиот закон, пред да се донесе одлука за потребата од јавна набавка, првоосомничената веќе донела одлука кој, и да ја добие и да ја заврши работата, предмет на набавката.

 

Доказите упатуваат на основано сомнение дека првоосомничената на 14.06.2011 г. преку телефонска комуникација со сведокот, тогашен генерален директор на ГТД Бетон Штип АД Штип, му кажала на истиот да Бетон Штип продолжи со работа на објектот каде тековно изведувале градежни работи по претходно склучениот договор за јавна набавка, да ги изведе и сите работи што произлегувале дополнително и да не се чека дваесет дена за спроведување на нова јавна набавка.

 

Според доказите, првоосомничената на сведокот му кажува и дека истата веќе средила со второосомничената да комисијата за јавни набавки откако ќе се објави огласот, договорот го додели на ГТД Бетон Штип, бидејќи договориле да предвидат такви услови и критериуми за доделување на договорот, кои единствено ги исполнувал Бетон Штип, и не може друг субјект да победи,

Без да се изведе постапката за јавна набавка, Бетон Штип АД веќе ги вршел работите, а на 18.07.2011 година доставил понуда во постапката за јавна набавка. Веќе следниот ден фирмата била формално избрана како најповолен понудувач.

Потоа, на 05.08.2011 г. е склучен договорот за јавна набавка за изведување, на како што напомнав, веќе изведени работи. Договорот е склучен  помеѓу МК, застапувано од првоосомничената и ГТД Бетон Штип АД Штип, застапувано од сведокот -Генерален директор, со вредност од  62.480.543  денари (околу 1 милион евра).

Врз основа на договорот од МК на ГТД Бетон Штип АД Штип заклучно со 31.12.2013 му било исплатено износ од 54.501.336 денари.

Со ваквите дејствија постои основано сомневање дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗсоопшти  Фетаи.

Значи, наспроти тврдењата на министерката, која нештата ги сведува на  трач – муабети и користејќи ја истата матрица на нејзината партија ја турка приказната дека СЈО е „продолжена рака на СДСМ“, Фетаи при обелоденувањето на случајот се повика на конкретни докази, кои, пак, произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори.

Исто така, специјалната обвинителка во своето излагање  не го впери прстот во целото Минисерство за култура (како што вели министерката) туку ја лоцираше одговорноста  кај четири личности за кои постои сомнеж дека направиле злоупотреби при спроведување на нерегуларна тендерска постапка за Музејот на ВМРО.  Фетаи прилично јасно наведе за кои личности постои  „основано сомнение дека инволвираните сториле кривични дела со кои директно го оштетиле буџетот на РМ и грубо ги повредиле обврските од Законот за јавните набавки“. Таа кажа дека првоосомничената  е „раководно службено лице од Министерството за култура“, а  тројца службени лица – членови на комисијата за јавни набавки при Министесртвото за култура се осомничени  како соизвршители.

Па, независно што Фетаи не спомена имиња, сепак, не беше тешко да се погоди кому ја испрати пораката дека: „Корупцијата и културата се два сосема различни животни концепта“ , и  дека „постои сомнение дека овие два концепти се поистоветиле

А, тоа што Канческа – Милевска сака да ја релативизира нејзината улога  и обвинувањата за злоупотреби искажани од СЈО ги пренасочува на сите вработени во Министерството за култура, не е ништо друго туку уште еден политички спин и очајнички обид  да ја тргне одговорноста од сопствените плеќи.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција