Контраспин: Филипче и Вучиќ не се „едно те исто“

Во обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за блискоста на Филипче и Заев со поранешниот српски претседател Вучиќ, како и во изнесени тврдења за наводни „пактови“ и „пијанчење до рани зори“ со наводно омилениот пејач на Филипче и Вучиќ, крунисани со наводите дека тие двајцата се „едно те исто“, се препознава извртување на вистината, односно спин на владејачката партија.

Во обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за блискоста на Филипче и Заев со поранешниот српски претседател Вучиќ, како и во изнесените тврдења за наводни „пактови“ и „пијанчење до рани зори“ со наводно омилениот пејач на Филипче и Вучиќ, крунисани со наводите дека тие двајцата се „едно те исто“, се препознава извртување на вистината, односно спин на владејачката партија

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Портпаролот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на 26.10.2026 одржа прес-конференцијата во партиското седиште на која изнесе низа критички ставови за претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и за поранешниот лидер на таа партија и премиер, Зоран Заев. Портпаролот Манасиевски ги обвини Филипче и Заев за блискост со поранешниот претседател на Србија, кој во неделата ги загуби парламентарните избори. Во обраќањето на Манасиевски може да се препознае спин:

Манасиевски: Прво паднаа Филипче и Заев, па потоа Вучиќ, а на приватни забави им пее истиот пејач

Венко Филипче си ја ишка мувата од капата.

Тој и Зоран Заев му се извинуваа на Вучиќ, правеа пактови со него и се пијанчеа до раните утрински часови. Впрочем, Венко Филипче, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ имаат ист пејач кој им пее на приватни журки.

Еве го Венко Филипче на приватна журка во Дубаи каде што слави со Харис Џиновиќ, а еве ја Ана Брнабиќ на приватна журка исто со Харис Џиновиќ и со други министри на Вучиќ, а еве и уште едно видео како самиот Вучиќ ужива во песните на Џиновиќ.

Ако Филипче мисли дека една иста лага повторена 1000 пати ќе стане вистина тоа не може да биде така. Врските на Филипче и Вучиќ не може да се избришат ни со 1000 прес-конференции против Вучиќ.

Кога Филипче зборува против Вучиќ, на народот му текнува како седеа и пиеја до рани зори, како го пречекуваше на граница, како марихуаната одеше за Србија, како за директор на ЕСМ со Заев ставија човек на Вучиќ, како за ПР шеф во партија го ставија токму неговиот кум Башановиќ и многу други поврзаности за кои допрва ќе се дознава.

Венко Филипче и Александар Вучиќ се едно те исто. Впрочем ако сакате да ја погледнете реалноста прво паднаа Заев и Филипче, а по нив тргна бранот.

Сестринската партија на СДС во Унгарија доживеа изборен дебакл и остана надвор од унгарскиот парламент. Сестринската партија на СДС во Србија е на 9-тото место. А СДС пак во Македонија има слични резултати, на последните предвремени локални избори во Брвеница се 4-та партија, во општина Куманово се 4-та партија, а во главниот град, во Скопје се 5-та партија. СДС бега од предвремени избори како ѓавол од темјан. СДС со Филипче се феномен. Тие се единствената партија во политичката историја, која не бара предвремени избори од опозиција.

Венко Филипче доколку сака да опстане уште некој месец во политиката до избори треба да си го гледа сопствениот двор, а не да мисли дека со лаги може да ја изврти реалноста.

[Извор: Манасиевски: (ВИДЕО) Прво паднаа Филипче и Заев, па потоа Вучиќ, а на приватни забави им пее истиот пејач Прес-конференција/Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – Датум: 26.10.2026]

 

 

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ на официјалната партиска веб-страница и следниот ден, на 27.10.2026, преку соопштение кое ги содржи наводите од прес-конференцијата на Манасиевски ги повтори обвинувањата за блискоста на Филипче и Заев со поранешниот српски претседател Вучиќ. На прес-конференцијата беа изнесени низа тврдења за наводни „пактови“ и „пијанчење до рани зори“ со „истиот пејач“ на Филипче и Вучиќ, со финалната констатација дека тие двајцата се „едно те исто“. Во тие тврдења може да се препознае спин, т.е. извртување на вистината. Да тргнеме по ред.

 

 

 

Соопштението од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ содржи и три кратки видео-клипови. На првиот може да се види како популарниот балкански пејач Харис Џиновиќ пее на забава на која е присутна и Ана Брнабиќ, поранешна премиерка и претседателка на Парламентот, актуелна вршителка на должноста претседателка на Република Србија. На вториот клип истиот пејач ги забавува гостите на приватна забава, која наводно се случила во Дубаи, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), на која се присутни Венко Филипче и Зоран Заев. На третиот клип може да се види како Џиновиќ пее на забава на која е присутен Александар Вучиќ.

 

Присуството на Брнабиќ, Вучиќ, Заев и Филипче на споменатати забави е поткрепено со видео материјал, но сепак се работи за различни забави на кои гостите ги забавувал истиот пејач, Харис Џиновиќ. Тоа не значи дека Џиновиќ наводно им е заеднички омилен пејач на Брнабиќ и Вучиќ, на Заев и Филипче, ниту пак, снимката сама по себе докажува дека таму биле склучувани политички договори или дека постои некоја политичка врска или блискост со Вучиќ.

Манасиевски на прес-конференцијата наведува дека Филипче го пречекувал Вучиќ на граница – во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што ја следи прес-конференцијата ден претходно е додадено и „со највисоки почести“ – меѓутоа фактите говорат друго. Архивите потврдуваат две конкретни средби на граница и една официјална посета во Скопје во кои Заев бил домаќин или соговорник на Вучиќ, но, тоа не значи дека на сите му бил приреден пречек со „највисоки државни почести“, бидејќи пречек на граница или заедничка прес-конференција со странски државник не се автоматски исто што и официјална церемонија со највисоки државни почести.

Заев и Вучиќ заедно го промовирале проектот за интегрирано гранично управување на граничниот премин Табановце–Прешево на 02.09.2018. Потоа, на 11.002.2021 на преминот Табановце Вучиќ му ја предал пратка вакцини на Заев. А, на 28.07.2021 Заев ги пречекал Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама пред одржувањето на Економскиот форум за регионална соработка што се одржал во Скопје, а по одржување на настанот тројцата заедно се прошетале на градскиот кеј.

Манасиевски наведува дека „за директор на ЕСМ (Филипче) со Заев ставија човек на Вучиќ“, мислејќи на Александар Обрадовиќ, поранешен директор на српската електро-енергетска компанија ЕПС, зад кого се влечат многу контроверзи. Сепак, Обрадовиќ најнапред бил ангажиран како економски советник на Заев, бидејќи под притисок на македонската јавност не бил избран за директор на ЕЛЕМ, а во мај 2021 година бил назначен за директор на подружницата ЕЛЕМ трејд. Обрадовиќ навистина бил член на Главниот одбор на до неодамна владејачката СНС на Вучиќ и претседател на партискиот одбор за енергетика, а за директор на ЕПС е поставен во време на еден од премиерските мандати на Вучиќ. Меѓутоа, истиот „човек на Вучиќ“ и бил сменет од функцијата од Вучиќ како премиер на Србија поради „непочитување на мерките за штедење“.

Кога станува збор, пак, за Зоран Башановиќ, тој од август 2017 г. бил надворешен соработник за економски прашања на Заев како премиер. Но, тоа не значи дека Филипче го поставил Башановиќ, поранешниот кум на Вучиќ со кој подоцна се скарале, за еден од советниците во поранешната влада предводена од СДСМ. Напротив, откако Филипче е на чело на СДСМ, тој постојано негира некаква актуелна врска со Башановиќ и неговите пи-ар услуги, а обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ од пред 7 месеци ги означи како дефокусирање од реалните економски проблеми во земјава:

Јас на тоа прашање веќе одговорив. Ние немаме пи-ар со човекот којшто го посочува ВМРО-ДПМНЕ, со Башановиќ. Јас немам никаква врска со Башановиќ. Партијата нема никаква врска со Башановиќ. Немаме српски пи-ар. Ние имаме наш пи-ар.

Меѓутоа, што е битно во контекст на ова прашање. Суштината е, зошто ВМРО-ДПМНЕ не одговора на прашањата коишто ние ги поставуваме, туку прави дефокус. Како премиерот да е опседнат со српски пи-ар и со Харис Џиновиќ. Тоа му се него одговорите. Ние го прашуваме што ќе прави со кризата, тој зборува за Дубаи. Помош за граѓаните, тој зборува за Харис Џиновиќ. Помош за земјоделството, да се намалат(цените на) горивата, тој зборува за Башановиќ…

Како што може да се види од цитатот, ВМРО-ДПМНЕ и пред 7 месеци ги користел истите обвинувања со цел да ја спинува вистината.

Кога станува збор за изборните дебакли на сестринските партии на СДСМ неодамнешните избори во Унгарија и Србија, Манасиевски ги премолчува фактите дека токму сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ, под лидерствата на Виктор Орбан во Унгарија и Вучиќ во Србија, доживеаја историски изборни дебакли со кои беа завршени нивните автократски владеења и е најавен крај на блиските врски со исти такви општества надвор од ЕУ кои имаат потенцијал да ја дестабилизираат Унијата, а посебно регионот.

На крајот, но не и последно, дали навистина „Венко Филипче и Александар Вучиќ се едно те исто“, како што тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ?

Додека неговата земја изминативе две години беше потресена од масовни протести кои произлегоа по трагедијата во Нови Сад во која загинаа 16 лица, Вучиќ на режимските медиуми „известуваше“ како неговиот авион се „пробива“ низ наводните и невидливи бариери на патот кон Москва, каде што по секоја цена сака да присуствува на Парадата на победата на 9 Мај и да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо се меѓу ретките европски лидери кои ќе присуствуваат на воената парада во Москва по повод Денот на победата 9 Мај, наспроти предупредувањето на Европската комисија дека овој настан е класична руска пропаганда која се обидува да ја оправда руската воена инвазија врз Украина и нејзина „денацификација“, пишуваше „Вистиномер“ минатата година.

Потоа, Вучиќ е тој што обилно се мешал состојбите во соседните земји, вклучувајќи ја и С. Македонија, често манипулирајќи со настаните од минатото и користејќи ги како фантомско загрозување на неговата власт во Србија. Србија под негова власт не воведе санкции кон Русија, оглушувајќи се на барањата на Европската Унија, чија што членка сака да стане во иднина.

Од друга страна, Филипче посочува политичари како вице-премиерот Иван Стоилковиќ во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој одржува блиски врски со Русија, наместо залагањата за цврста усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Интересно, десетина дена по оваа изјава на Филипче следеа нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ со аргументите „Башановиќ, Џиновиќ…“. Потоа, Филипче неодамна ја обвини власта на Христијан Мицкоски дека е поврзана со политички, бизнис и медиумски структури блиски токму до Александар Вучиќ, тврдејќи дека одредени српски медиуми добиле дозволи за работа во С. Македонија спротивно на законот.

Во секој случај, во обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за блискоста на Филипче и Заев со поранешниот српски претседател Вучиќ, како и во изнесените тврдења за наводни „пактови“ и „пијанчење до рани зори“ со наводно омилениот пејач на Филипче и Вучиќ, крунисани со наводите дека тие двајцата се „едно те исто“, се препознава извртување на вистината, односно спин на владејачката партија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција