Контраспин: Филипче лобира за нашите евроинтеграции кај европската левица, ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа

Европски парламент Фото: WimBarbier, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на лидерот на СДСМ Филипче на конференцијата на европската левичарска групација препознаваме спинови со кои владејачката партија сака да дефокусира и да го минимизира нејзиниот досегашен неуспех во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на лидерот на СДСМ Филипче на конференцијата на европската левичарска групација препознаваме спинови со кои владејачката партија сака да дефокусира и да го минимизира нејзиниот досегашен неуспех во евроинтегративниот процес на Северна Македонија

Пишува: Стојан Синадинов

 

ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на соопштението на СДСМ за обраќањето на нејзиниот претседател Венко Филипче на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел – на која побарал европските социјалдемократи да помогнат за проширувањето на ЕУ – пласира неколку спинови под изговорот дека „Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија, бидејќи таква одговорност доделена од народот воопшто нема“.

Спин: Во врска со обраќањето на Венко Филипче во Брисел од 8.4.2025, во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно „самонаметнато вето“ и „откажување од евроинтеграциите“, ВМРО-ДПМНЕ смета дека јавноста заслужува одговор кој се темели на факти, вистински вредности и државничка одговорност.

Прво, апсурдно е токму СДС, партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство.

Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење;

Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци.

Денес Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на реформите, на владеењето на правото, на борбата против корупцијата – вистинските европски вредности.

Филипче зборува за „стратегија“, а токму неговата партија немаше стратегија за ништо: ниту за здравство во пандемија, ниту за енергетска криза, ниту за евроинтеграции. Затоа народот јасно ја казни на избори.

Исто така, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции – нешто што СДС апсолутно го погази.

[Извор: Реакција/соопштение на ВМРО-ДПМНЕ Датум: 08.04.2025]

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ во нејзината реакција на обраќањето на претседателот на СДСМ Венко Филипче на конференцијата на европските социјалисти и демократи во Брисел на која се разгледувале можностите за проширувањето на ЕУ и шансите на Северна Македонија да биде дел од тој процес ги извртува тезите.

 

Што изјави Филипче во Брисел?

Најпрвин, во соопштението на СДСМ е потенцирано дека Филипче „нагласи дека во период на динамични геополитички промени, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет“, како и дека е неопходно „Партијата на европските социјалисти и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија.“

Социјалдемократските партии треба да предложат целосна и амбициозна агенда која ќе го забрза процесот на интеграција, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот. Тој подвлече дека сегашниот застој за проширување не е само техничко или административно прашање, туку има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки, се вели во соопштението на СДСМ.

Токму застојот за проширувањето на ЕУ е посочен од страна на Филипче, бидејќи „само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји“.

Сега е вистинско време социјалдемократите да го засилат процесот на проширување, во кој предолго беа заложници. Ако Европа и социјалдемократите не го пополнат постоечкиот вакуум, тогаш тоа ќе го сторат антидемократските и антиевропските сили, смета Филипче.

Тој на конференцијата истакна дека Владата не е подготвена да го продолжи процесот, што сериозно ја загрозува иднината на државата.

Се соочуваме со Влада во Северна Македонија која не е подготвена да продолжи со уставните измени, неопходни за започнување на преговарачките поглавја со ЕУ. Македонската влада е пример за немање стратегија, особено во однос на прогресијата на евроинтеграциите. Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес, изјави Филипче.

 

Спиновите на ВМРО-ДПМНЕ

Токму овие оценки на лидерот на СДСМ за неподготвеноста на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со уставните измени, ставајќи ја земјата во бизарна ситуација, ја лутат владејачката партија. ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата ѝ импутира на СДСМ дека е „партија која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес“.

Македонскиот јазик воопшто не е „избришан“ од институционалните формулации. Во базичниот Закон за матична евиденција стои дека матичните книги се водат на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Во подрачјата на единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на матичните книги се печати и податоците во него се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. Изводите што се издаваат врз основа на матичните книги од став 2 на овој член се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот, наведува Законот за матична евиденција.

Понатаму, претходната влада предводена од СДСМ донесе Закон за употреба на македонскиот јазик кој пропишува задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта. За жал, тој закон е сè уште нефункционален, иако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи актуелната влада безмалку една година.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ спинува дека билатералните прашања се вметнати во европскиот процес, но уште со тн. француски предлог од 2022 година преговорите за членство на земјава во ЕУ имаат две страни – Северна Македонија и Европската Унија. ВМРО-ДПМНЕ жестоко се противи на тој предлог, па пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги обвинуваше највисоките претставници на ЕУ дури и за нацистичка политика кон Македонците.

Во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека заради наводно штетниот договор од 2022, нашиот евроинтегративен процес е закочен. Фактите, пак, велат поинаку.

Официјалните ставови на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија раководено од Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, во документот „Пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија“, велат дека „клучен приоритет е започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, што е можно поскоро, а врз основа на постигнатиот степен на економска интеграција, прилагодувањето на законодавството и институциите, изградбата на добрососедски односи и придонесот во регионалната соработка“. Од друга страна, пак, Муцунски неколку пати го повторува очекувањето Северна Македонија наскоро да ги започне преговорите со ЕУ, но ако ЕУ донесе некакви нови стратешки одлуки, што беше тема на наш „Контраспин“. ЕУ често пати ги повторуваше одлуките – Уставни измени, па напредок кон ЕУ.

Еврокомесарката за проширување Кос ја нагласи сложеноста на процесот на проширување, потенцирајќи дека се потребни 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, но дека треба да се направи сè за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите, пишуваше „Вистиномер“ на оваа тема.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е нагласено дека „владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес“. Како би изгледал тој „процес“ неодамна објаснуваше Марјан Ѓорчев, долгогодишен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и неформален идеолог на партијата, кој тврди дека ЕУ треба „да ги признае своите грешки“ и да го прифати предлогот на актуелната власт предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој предвидува Бугарите да бидат внесени во Уставот кога земјава ќе ги заврши преговорите за членство во Унијата, односно уставни измени со одложена примена.

Оттаму, во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на лидерот на СДСМ Филипче на конференцијата на европската левичарска групација препознаваме спинови со кои владејачката партија сака да дефокусира и да го минимизира нејзиниот досегашен неуспех во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција