Контраспин: Флорин Бесими ќе имаше постојано судир на интереси како пратеник

Ф. Бесими и Т. Џафери Фото: Собрание на РМ/Flickr

Овластувањата и улогата на Министерството за финансии во функционирањето на извршната власт се толку многу големи, што Флорин Бесими ќе мораше да се иззема од расправа и гласање во Собранието постојано, а не само при седницата кога ќе се гласаше за новата влада, каде што министер треба да биде и неговиот брат Фатмир Бесими

Овластувањата и улогата на Министерството за финансии во функционирањето на извршната власт се толку многу големи, што Флорин Бесими ќе мораше да се иззема од расправа и гласање во Собранието постојано, а не само при седницата кога ќе се гласаше за новата влада, каде што министер треба да биде и неговиот брат Фатмир Бесими

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за Канал 5 сугерираше дека пратеникот Флорин Бесими не ја почитувал процедурата и дека можеби и не морал да поднесе оставка априори, т.е избрзал – изјава во која има доза на спин:

Спин: Има соодветна процедура пропишана во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во членовите од 72 до 75 во кои има обврски и за тој што смета дека би имал конфликт на интерси, и за институцијата во која е избран или именуван дотичниот… Пратеникот кој мисли дека би дошол во судир на интереси, во соодветна постапка треба да го извести претседателот на Собранието дека постои можност да има конфликт на интереси со неговото одлучување во Собранието и да достави барање за изземање од учество во дебата и за изземање од одлучување. Што значи, априори, не обврска на пратеникот или на било кое именувано лице. Не е услов по секоја цена да поднесе оставка. Може да се изземе од одлучување…

[Извор: ТВ-Канал 5- Изјава на Т. Џафери – датум: 23.08.2020]

 

Контраспин: Изјавата на Талат Џафери, претседател на Собранието на РСМ за оставката на пратеникот Флорин Бесими од редовите на ДУИ на прв поглед е сосема коректна, оти инсистира на почитување на процедурата, но во себе содржи спин, т.е извртување на вистината. Еве и зошто:

Флорин Бесими соопшти вчера дека поднесува оставка на пратеничката функција во координација со лидерот на партијата Али Ахмети, со цел да се избегне можен конфликт на интереси со неговиот глас и дека таквата одлука ја донел на денот кога беа објавени имињата на кандидатите за министри на новата влада, т.е. кога дознал дека за министер за финансии во новата влада е предложен неговиот брат Фатмир Бесими. Сепак треба да се одбележи дека Бесими ваквата постапка ја презеде еден ден по реакцијата на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, која запрашана за конфликтот на интереси од медиумите, изјави дека Бесими треба да се воздржи од гласањето за составот на новата Влада каде што е член на владата е и неговиот брат:

Пратеникот е избран од страна на народот, тоа не е спорно. Меѓутоа, тој никако не смее да учествува во изборот на својот брат. Првин тука го гледам судирот на интерес. И тој треба да се изземе од расправата за избор на Влада и од гласањето за членови на Влада каде што неговиот брат е кандидат. (ТВ Алсат 22.08.2020).

Како што може да се види, Џафери, де факто, ја повторува Ивановска, но тврдејќи дека Флорин Бесими не ја почитувал процедурата, сугерира односно остава впечаток во јавноста дека де факто, Бесими избрзал, што е извртување на вистината.

Флорин Бесими донел исправна одлука, без оглед што процедурата ќе мора да ја изоди. Ова е така, бидејќи не станува збор само за седницата на Собранието на која ќе се гласа новата влада, каде што тој би требало да се изземе и да не дискутира ниту да гласа. Талат Џафери како претседател на Собрание и долгогодишен избран и именуван функционер многу добро знае дека Флорин Бесими како пратеник би имал постојано конфликт на интереси во однос на неговиот брат.

Имено, овластувањата и улогата на Министерството за финансии во функционирањето на извршната власт се толку многу големи, што де факто, Флорин Бесими ќе мораше да се иззема од секоја „втора точка“ во дневниот ред. На пример, Министерствотo за финансии решава за секое новоотворено работно место во кој било сегмент на администрацијата, истото министерство решава за многу крупни работи како што се секојдневни исплати од Трезорот кон сите буџетски корисници, односно управува со севкупните јавни финансии, ја креира политиката на даноците, се грижи за донесување и трошење на парите од Буџетот, итн.

Ако се има предвид ова, на могу седници на Собранието Флорин Бесими ќе имаше конфликт на интереси ако останеше пратеник, односно, може да се каже постојано. Во услови на многу тенко парламентарно мнозинство од 62 пратеници, колку што има коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ, такво нешто е недозволиво од политички аспект, бидејќи е премногу ризично за процесот на носење одлуки во Собранието.

Оттука, изјавата на Џафери, иако е прецизна во однос на процедурата и законските обврски и можности, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, таа е извртена вистина, бидејќи не станува збор само за точката на дневен ред кога пратениците ќе ја избираат новата влада, каде што министер за финансии треба да биде Фатмир Бесими.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција