Контраспин: Гаши спинува околу Даути – поради волјата на пратениците разрешувањето е неминовно
Со интерпелацијата се проверува довербата на носителот на функцијата и таа е механизам за контрола на извршната власт, Владата или други носители на јавна функција. Според тоа ставот на Гаши изнесен преку соопштението од Кабинетот формално е точен, но де факто е спин. На Даути и е изгласана недоверба и таа треба да биде и формално разрешена поради волјата на пратениците
Со интерпелацијата се проверува довербата на носителот на функцијата и таа е механизам за контрола на извршната власт, Владата или други носители на јавна функција. Според тоа ставот на Гаши изнесен преку соопштението од Кабинетот формално е точен, но де факто е спин. На Даути ѝ е изгласана недоверба и таа треба да биде и формално разрешена поради волјата на пратениците
Пишува: Теофил Блажевски
Претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со усвоената интерпелација за пратеничката Илире Даути како претседателка на собраниска комисија излезе со став во кој се детектира спин:
Спин: Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот, објаснуваат од Собранието.
[Извор: Слободен Печат – Кабинет на Гаши/соопштение: Датум – 11.01.2025]
Контраспин: Појаснувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со тоа дали Илире Даути е разрешена или треба да биде разрешена од функцијата претседателка на собраниска комисија е извртување на вистината, зашто се судира со самиот институт интерпелација кој постои во Деловникот на Собранието и зашто „изразот на пратениците“ е секогаш волја на пратениците
Гаши играјќи со одредбите од Деловникот на кој начин и како се избирале претседателите на собраниските комисии сака да го маскира фактот дека преку претставка за разрешување на некој од тие претседатели тоа може и да се стори. Впрочем, околу овој факт нема сомневање ниту кај подносителот за разрешување, политичката партија Левица, ниту кај коалицискиот партнер во Владата, политичката партија ЗНАМ, а веројатно ниту кај ВМРО-ДПМНЕ со чии гласови исто така беше разрешена Даути, иако владејачката партија сè уште не се произнесе по ставот на Гаши.
Собранието донесе заклучок дека Даути повеќепати го прекршила Уставот, законите и Деловникот на Собранието, преку блокирањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија или т.н Закон за бранители.
Со оваа констатација, пратеничката од редот на Европскиот фронт е недостојна да ја врши функцијата претседател на Комисијата и нејзината пратеничка група итно треба да достави нов предлог кој ќе ја замени. Во спротивно, ако на било кој начин остане претседателка на Комисијата, се прави опасен преседан и целосно се девалвира и обезвреднува правната институција ‘интерпелација’. Никакви пристрасни и ‘креативни’ толкувања на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не можат да ја спасат Даути од одговорност. За жал, неговата очигледна пристрасност во овој случај излегува единствено мотивирана од етничката припадност на пратеничката, се наведува во соопштението на Левица, објави Слободен Печат.
Ист став упатија и до партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски:
За нас исходот е многу јасен. Собранието утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок. Со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието, вели Движење ЗНАМ, објави Скопје 1.
Јован Митревски, долгогодишен пратеник и шеф на пратеничката група на СДСМ до овој состав, исто така смета дека разрешувањето е ефективно затоа што Илире Даути е носител на јавна функција:
Во Деловникот има интерпелација за носители на јавни функции, а претседател на собраниска комисија е и тоа како носител на јавна функција. Даути треба да си замине од Комисијата, но право на парламентарната партија е да предложи кого сака за претседател, вели Јован Митревски.
Во Деловникот на Собранието прашањето за Интерпелација е регулирано во членовите од 45 до 51. Во членот 49, став 4 се опишува што се случува ако Собранието ја прифати интерпелацијата:
Ако Собранието ја прифати интерпелацијата донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата.
Во истиот корпус последен член е 51 во кој се опишува кога се прекинува постапката за интерпелација:
Претресот по интерпелацијата се прекинува, ако:
– се постави прашање за доверба на Владата,
– Владата поднесе оставка,
– претседателот на Владата поднесе предлог за разрешување на членот на Владата за чија работа е поднесена интерпелацијата и
– носителот на јавната функција поднесе оставка.

Конечно, Парламентарниот институт, тело на Собранието дава толкување на интерпелацијата како на инструмент на контрола на носителите на јавните функции и дека ако е усвоена може да следи разрешување:
Интерпелацијата за разлика од пратеничкото прашање претставува посложена постапка и инструмент на политичка контрола над Владата, или над конкретен носител на јавна функција, чиј исход може да го загрози опстанокот на Владата и да доведе до губење на довербата во Владата. Иако целта на интерпелацијата не е директно утврдување на индивидуална политичка одговорност, туку отворање расправа за прашање од поширок интерес за земјата, прашањето за одговорност може да следи, доколку биде прифатена интерпелацијата.
Според тоа, Гаши e само формално во право кога вели дека Даути не е разрешена, бидејќи се упатува на тоа дека интерпелацијата се поставува за да се провери волјата на пратениците дали некој треба да се разреши или не.
Заклучокот по седницата е јасен како што велат и од Левица, затоа што Собранието со 61 глас „за“ донело заклучок во однос на носителот на јавната функција Илире Даути. Зошто? Затоа што како што стоеше и во барањето за интерпелација таа не е достојна за извршувањето на функцијата, бидејќи повеќе пати го блокирала донесувањето на измените на Законот за бранители кој на предлог на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ го поддржаа и од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица и од ЗНАМ. Или како што појаснија и од ВМРО-ДПМНЕ (пратеничката Благица Ласовска) „во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија“.
Поради горенаведените аргументи ставот на Гаши изнесен преку соопштението од Кабинетот формално е точен, но де факто е спин. Илире Даути треба да биде и формално разрешена поради волјата на пратениците, која Гаши ја толкува само како „израз на пратениците“, што е исто така спин. Техниката за разрешување и именување на друг претседател на споменатата Комисија е исто така опишана во Деловникот, а со оглед на политичките ставови на ВЛЕН и на Европскиот фронт/ДУИ за Даути, не е исклучено таа повторно да биде именувана, што е сосема друга работа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар