Контраспин: Гелева спинува дека поради Владата и ЕУ сме станале фашисти

Е. Гелева (2024). Фото: принтскрин

Главното извртување на Гелева е во однос на тоа дека со договорот со ЕУ македонската држава за првпат се ставила на страната на фашистите!? Од кога тоа Европската Унија и нејзините политики се фашизам, не појаснува. Но ако јавноста помисли дека станува збор за проблемите што ги имаше Македонија во 1992 година со т.н. Лисабонска декларација кога ни беше проблематизирано правото на самостојна држава под името Република Македонија или за сегашните проблеми со Бугарија, греши, затоа што Гелева подолу во постот појаснува дека мисли на нашиот и европскиот став кон Русија во однос на агресијата што ја изврши врз Украина

Главното извртување на Гелева е во однос на тоа дека со договорот со ЕУ македонската држава за првпат се ставила на страната на фашистите!? Од кога тоа Европската Унија и нејзините политики се фашизам, не појаснува. Но, ако јавноста помисли дека станува збор за проблемите што ги имаше Македонија во 1992 година со т.н. Лисабонска декларација кога ни беше проблематизирано правото на самостојна држава под името Република Македонија или за сегашните проблеми со Бугарија, греши, затоа што Гелева подолу во постот појаснува дека мисли на нашиот и европскиот став кон Русија во однос на агресијата што ја изврши врз Украина

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Емилија Гелева, јавна личност и носител на листа за претходните парламентарни избори на политичката партија Единствена Македонија предводена од Јанко Бачев, излезе со став во кој може да се детектира спин:

Спин: МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ, АКТУЕЛНАТА БЕЗУМНА ВЛАДА, ЗА ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА, ЈА СТАВИ МАКЕДОНИЈА НА СТРАНА НА ФАШИСТИТЕ ПОТПИШУВАЈЌИ ГО ТАКАНАРЕЧЕНОТО “БЕЗБЕДНОСНО И ОДБРАНБЕНО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ ЕУ И РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“,  стои во оригиналниот документ.

Владата со овој потпис ја направи Македонија легитимна цел во високо извесниот нуклеарен судир меѓу ЕУ, НАТО и Русија. Владата потпиша документ во кој во првата точка се обвинува Русија за ситуацијата со Украина, а во точка 14 и се дава апсолутна поддршка на Украина, вклучувајќи и македонски армиски капацитети во одбрана на Украина. Еве читајте:

“Поддршка за Украина…

[Извор:Фејсбук профил на Емилија Александар Гелева; датум – 19.11.2024]

Контраспин: Емилија А. Гелева се разбира дека може да има сосема различен став од политиките на владата и од мнозинството граѓани што ја поддржаа истата на последните избори, од мнозинството граѓани што со децении изразуваат сè уште силна поддршка за зачленувањето во ЕУ, итн., но во јавно споделениот став за еден чекор од државната македонска политика ја извртува вистината, т.е спинува околу фактите. Во овој случај, околу значењето на документот што во областа на соработката во безбедносната политика неодамна го потпишаа Северна Македонија и Европската Унија.

Главното извртување на Гелева е во однос на тоа дека со документот македонската држава за првпат се ставила на страната на фашистите!? Од кога тоа Европската Унија и нејзините политики се фашизам, не појаснува. Но, ако јавноста помисли дека станува збор за проблемите што ги имаше Македонија во 1992 година со т.н. Лисабонска декларација кога ни беше проблематизирано правото на самостојна држава под името Република Македонија или актуелните проблеми со Бугарија ќе згреши, затоа што Гелева во натамошниот пост појаснува дека мисли на нашиот и европскиот став кон Русија во однос на агресијата што ја изврши врз Украина.

Всушност, таа цитира и еден член од договорот кој вели дека „ЕУ и РСМ ја споделуваат целта да и дадат сета потребна поддршка на Украина за да ја брани својата политичка независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници“.

За таа цел, ЕУ и Северна Македонија ќе истражуваат опции за насочување на заедничките напори, вклучително и потенцијалното учество на Северна Македонија во иницијативите на ЕУ кои имаат за цел да се зголемат одбранбените капацитети на Украина, во согласност со воспоставените процедури и институционалната рамка на ЕУ се вели во членот 14 од Договорот.

Што е тука ново или досега невидено во политиката на РСМ кон војната во Украина? Земјата од првиот ден на руската инвазија 24.02.2022 година зазеде единствен став како државна политика на осуда на агресијата, кршење на меѓународното право, а согласно со капацитетите даваше и сè уште дава помош за одбранбените капацитети на Киев, но и за потребите за нормален живот на граѓаните (агрегати, делови за елетро-енергетскиот систем, хуманитарна помош, итн).

Впрочем, одбраната на меѓународното право за неповредливост на границите и за осуда на воената агресија на Русија, извршена со наводни причини за заштита на руското малцинство и за чистење и апсење на нацистичите и милитаристичките водства и политики на Киев, итн – е единствената можна политика на македонската држава и во тоа ниту еден посериозен експерт не се сомнева. Без оглед на емотивните чувства на дел од популацијата и детектиранта русоманија, која најверојатно се должи на митовите, словенството и на неинформираноста на луѓето за вистинската историска улога на Русија во вековната македонска борба за самостојност.

 

Скопје е „непријател“ за Москва уште од март 2022

Вториот спин е поврзан со првиот. Демек поради овој договор сега сме станале „легитимна цел во високо извесниот нуклеарен судир меѓу ЕУ, НАТО и Русија“. Ниту е вистина дека нуклеарниот судир е виско извесен, иако заканите за нуклеарен одговор на Русија стануваат посериозни од претходно, ниту пак, Скопје сега станало легитимна цел. РСМ е „непријателска земја“ за Русија уште од 7 март 2022 година, значи 15 дена по инвазијата, кога Кремљ првпат ја издаде листата на 50 земји непријатели, т.е. оние кои се ставија на страна на Украина не само политички, туку и со конкретна помош и оние кои малку подоцна се согласија со наметнување и поддршка на санкциите.

Муцунски и Борел по потпишувањето во Брисел на Договорот за партнерство во безедноста и одбраната. Фото: Европска унија

Договорт за безбедност е многу поширок од точката за Украина

Што се однесува со документот, станува збор за Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу С.Македонија и Европската Унија што во Брисел на 19.11.2024 г. го потпишаа шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Бенефитите се во однос на многу попродлабочена соработка меѓу Скопје и Брисел во изградба на одбранбени капацитети на РСМ во областа на армијата, на безбедносни прашања, на справување со дезинформации, зајакнување на кибер безбедноста, борба против тероризмот и насилниот екстремизам, политики против пролиферацијата на мало и лесно оружје, подигање на капацитетите во секоја одбранбена и безбедносна смисла, интегрирано управување со границите, заштита на културното наследство во кризни ситуации, економска безбедносна политика и друго (види од точка 9 до точка 31 во Договорот).

Оттука, сосема е јасно дека Гелева спинува во однос на Договорт што го потпишаа Скопје и Брисел.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција