Контраспин: Генерализацијата на смртта на деца и бебиња за политички цели е нехуман спин
Станува збор за петти случај за неколку месеци на Клиниката за детски болести. Ако во четирите претходно само во еден случај биле одредени пропусти околу начинот на пружање на медицинската заштита, при што таква одговорност беше утврдена за истиот случај и за болницата во Козле, сосема е јасно дека ДУИ ги генерализира сите пет случаи и прави извртување на вистината т.е. спин и за директорот и за министерот. Притоа се користат смртни случаи на деца и бебиња. Што е недозволиво и нехумано
Станува збор за петти случај за неколку месеци на Клиниката за детски болести. Ако во четирите претходно само во еден случај биле одредени пропусти околу начинот на пружање на медицинската заштита, при што таква одговорност беше утврдена за истиот случај и за болницата во Козле, сосема е јасно дека ДУИ ги генерализира сите пет случаи и прави извртување на вистината т.е. спин и за директорот и за министерот. Притоа се користат смртни случаи на деца и бебиња. Што е недозволиво и нехумано
Пишува: Теофил Блажевски
Политичката партија ДУИ излезе со став за смртта на уште едно дете на Клиниката за детски болести во Скопје во кој може да се препознае спин:
Спин: Смртта на уште едно невино дете на Универзитетската детска клиника е трагедија која не може да се игнорира.
Ова е петти пат да слушаме за загуба на млад живот, во рок од два месеци, додека здравствениот систем е оставен на автопилот, а министерот за здравство се занимава со партиски агенди.
Од едно интервју до друго, министерот повеќе е по партиски игри отколку во министерство, додека нашите најблиски ја плаќаат цената на неспособноста и негрижата.
Ова ги премина сите граници на она што е хумано и прифатливо. Во име на одговорност кон граѓаните бараме итна оставка од директорот на Клиниката и министерот за здравство.
[Извор: Рацин.мк – ДУИ/соопштение; датум: 17.01.2024]
Контраспин: Партијата ДУИ во став во кој бара оставка на директорот на Универзитетската клиника за детски болести од Скопје и министерот за здравство прави генерализација на случаите со смрт на бебиња и деца на оваа клиника, што е извртување на вистината т.е. спин.
Спинот е лесно разбирлив ако се споредат генералните бројки од овој период на годината со исти такви од пред неколку години или, пак, дури и ако се наведат барем малку детали за сите овие пет случаи наброени за последните неколку месеци.
Во време на пишување на овој текст сè уште трае истрагата започната за овој случај од страна за Државниот здравствен и санитарен инспекторат, кој веднаш излезе на терен по објавувањето на веста во медиумите за смртта на седуммесечното бебе. Но и без да се дочека резултатот од истрагата која се води околу начинот на пружањето на здравствената заштита, зашто родителите тврдат дека детето не го примиле во болница, а потоа состојбата му се влошила, додека директорот тврди дека детето имало генетски малформации и дека повеќе органи му биле оштетени – едно е јасно: генерализација на случаите во здравството не смее да има, бидејќи секој случај е посебен.
Така на пример, ДУИ во соопштението го зема предвид и случајот од пред околу еден месец кога почина бебе од Струмица старо осум дена. Меѓутоа, како што кажаа тогаш од Клиниката бебето било донесено во Скопје со задоцнување и со веќе развиена сепса, настрана од фактот што било предвреме родено и имало други потешкотии. Зарем и овој случај се брои и се става на душа на актуелниот директор и министерот за здравство?
Ова веројатно го натера директорот, д-р Реџеп Мемеди во средината на ноември да свика прес- конференција на која изнесе статистички показатели за смртноста на Клиниката за детски болести. Тој на прес-конференцијата потенцираше тогаш дека не може да биде обвинуван за три и пол месеци работа, како директор во врска со смртноста (именуван е во јули 2024 г.), и дека зад нападите стојат поединци „кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини“.
Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата – рече тогаш Мемеди, известуваа медиумите.
Овој директор на таа прес-конференција не ги криеше материјалните и техничките недостатоци на клиниката, од состојбата во кујната, немањето исправни лифтови, до немањето технички апарати, ниту пак криеше дека има и недостиг на лекари специјалисти. И тогаш потенцираше дека од дотогаш направените четири стручни надзори само во еден случај со смртта на 14 месечно дете биле утврдени одредени пропусти и дека се утврдуваат мерки.
Сега станува збор за петти случај за неколку месеци. Ако во четирите претходно само во еден случај биле одредени пропусти околу начинот на пружање на медицинската заштита, при што таква одговорност беше утврдена за истиот случај и за болницата во Козле, сосема е јасно дека ДУИ ги генерализира сите пет случаи и прави извртување на вистината т.е. спин и за директорот и за министерот. Притоа се користат смртни случаи на деца и бебиња. Што е недозволиво и нехумано.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар