Контраспин: Ѓубрето ќе стане апсолвирана тема откако ќе се соберат и сметот и одговорноста

Градоначалничката во заминување Данела Арсовска се обидува со насочување на одговорноста само на една страна да ја убеди јавноста дека не постоеле други опции за да се алармира навреме и да се реши проблемот со едно од најважните јавни претпријатија на Град Скопје, Комунална хигиена

Градоначалничката во заминување Данела Арсовска се обидува со насочување на одговорноста само на една страна да ја убеди јавноста дека не постоеле други опции за да се алармира навреме и да се реши проблемот со едно од најважните јавни претпријатија на Град Скопје, Комунална хигиена. Но опции секогаш има, од смена на директорите но со јасен отчет што не направиле, преку директна комуникација со јавноста, до оставка на функцијата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во комуникацијата со јавноста преку Фејсбук налогот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во врска со проблемот со несобраното ѓубре во Скопје може да се детектира спин:

Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со ТВОИТЕ кадри ВИЕ го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте “способни” ќе го “решите” за 72 часа. Да заклучиме штом се средува за 72 часа ептен било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега, многу пати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш.

Нормално лесно ќе го решите проблемот кој вие го креирате, а можевте и до сега, знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие 4 години…

[Извор: Фејсбук профил на Данела Арсовска – датум: 22.10.2025]

Контраспин: Во своето обраќање до премиерот Христијан Мицкоски и јавноста, градоначалничката на Скопје на која наскоро ќе ѝ заврши мандатот Данела Арсовска ја извртува вистината, односно спинува дека проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема затоа што за него биле виновни ВМРО-ДПМНЕ кои го креирале и ќе го „решат“ за 72 часа – алузија на ветувањето на кандидатот за нов градоначалник Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Спинот е во тоа што е далеку од апсолвирана тема и дека за реалниот проблем се обвинува само една страна, со што целосно се отфрла одговорноста на Арсовска во целиот проблем. Иако е добро познато дека по кавгата помеѓу Арсовска и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски лично, по смената на директорот на ЈП Водовод и канализација Златко Перински во 2022 година, Арсовска многу често имаше проблем да ги турка проектите и нејзините политики поради тоа што се соочуваше со блокада во Советот, градоначалничката не е без инструменти кога станува збор за управувањето во јавните претпријатија.

Таа на пример има суверено право да ги назначува првите луѓе. Кога станува збор за ЈП Комунална хигиена – Скопје (ЈП КХС) од објавите по медиумите може да се утврди дека Арсовска досега пет пати го употребила тоа свое право и именувала пет личности на функцијата директор на ЈП КХС. Последниот е Сабахудин Рустеми именуван од Арсовска при крајот на јануари 2025 година. Јавноста, така барем пишуваат дел од медиумите кои го поставиле прашањето до Арсовска, не беше известена зошто доаѓа до оваа смена на ова јавно претпријатие.

Самиот факт дека толку често се менуваат првите луѓе укажува дека постои некој проблем, но суштината на проблемот не беше видлива за јавноста, освен во некои исклучоци. Генерално, Арсовска за јавноста не ги образложува ваквите одлуки или ги образложува скудно и општо.

Тоа го покажува и разрешувањето на еден од менаџерите – Косана Николиќ Мазнева во 2023 година, кога на дел од медиумите, како на пример на Мета не им беше одговорено зошто се менува оваа директорка, а потоа во изјава до јавноста бил даден општ одговор дека Арсовска не се обврзала на гарантирани позиции и дека проблем било неспроведување на Програмата на Град Скопје. Со други зборови разрешената директорка не работела добро, иако дел од медиумите веднаш ја контрираа оваа изјава со изјавата на Арсовска три месеци претходно, дека Мазнева успешно се справуваа со проблемите во претпријатието.

Патем Мазнева, како што пишуваше Мета била 37-ми директор што Арсовска го сменила откако ја презеде функцијата градоначалничка во 2021 година, што можеби укажува и на друг проблем, односно можен проблем со проценка на избраните кадри за менаџери од страна на самата Арсовска. Тоа можеби е дел од проблемот и во ЈП КХС, иако не значи дека Арсовска немала проблеми со управниот одбор или со блокади во Советот, кога станува збор за ова јавно претпријатие.

Но, за решавање на сите овие проблеми, освен преку смена на директорот, на Арсовска ѝ стоеле на располагање и други алатки. Ако се соочувала со толку тешки проблеми во ЈП КХС како што пишува сега со блокади за набавка на механизација, а од неразбирливи причини не ја алармирала доволно јавноста преку медиумите, можела да го стори тоа преку социјалните мрежи. Градоначалничката во нејзината „војна“ со Висар Ганиу и Изет Меџити за дивоградбите во Чаир покажа дека е вешта во користење на социјалните мрежи и ја алармираше пошироката јавност со тој проблем. Можеби нешто и пишувала за проблемите во ЈП КХС на социјалните мрежи и претходно, но сигурно не било од таков размер да се запознае општата јавност и преку нејзе да се направи притисок да се отстранат блокадите за коишто пишува сега.

Конечно, на Арсовска ѝ стоела на располагање секогаш и можноста да поднесе оставка од градоначалничката функција како начин на протест и начин да покаже дека има толку многу пречки во спроведување на нејзините политики од политичка природа, анимозитет, итн. Таа суверена одлука Арсовска не ја донесе, без оглед што и тоа е нејзино право, да остане до крај.

Сега, кога несобраното ѓубре низ цело Скопје повеќе денови предизвика реакција и од јавноста и од Владата и од обвинителството, Арсовска деновиве преку две објави на социјалните мрежи (тука и тука) тврди дека проблемот е апсолвиран, дека е создаден вештачки од една политичка партија за остварување на политички поени подоцна, но притоа во објавите не се наведуваат и поконкретни аргументи. Тоа е спин, зашто проблемот не е апсолвиран. Тој ќе биде апсолвиран кога сметот реално ќе биде собран и кога ќе се утврди дали има и кај кого законска одговорност за ваквата состојба.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција