Контраспин: Груевски исполни и она што не вети – станавме неслободна земја

Колку тежи неветеното? Фото: колаж на „Вистиномер“

Дадениот збор на Никола Гревски и ВМРО–ДПМНЕ имаат тежина зашто делумно исполнуваат тоа што ветиле. Но, најголемата тежина произлегува од тоа што исполнуваат целосно тоа што не го ветиле. На пример, назадување во демократија и основни човекови права и слободи, зголемување на јавен долг и шминкерска борба притив корупција, промена на физички опис на градовите до непрепознатливост, итн

 

Дадениот збор на Никола Гревски и ВМРО–ДПМНЕ имаат тежина зашто делумно исполнуваат тоа што ветиле. Но, најголемата тежина произлегува од тоа што исполнуваат целосно тоа што не го ветиле. На пример, назадување во демократија и основни човекови права и слободи, зголемување на јавен долг и шминкерска борба притив корупција, промена на физички опис на градовите до непрепознатливост, итн

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Груевски на еден месец пред парламентаrните избори ја даде следнава изјава што ја оценуваме за спин:

Спин: Се наоѓаме во период пред избори, постојат политичари кои секогаш ќе ви кажат дека ќе направат многу работи, многу работи и ќе бидат ветени, но тоа се зборови. За разлика од ова, ние не само што кажуваме што ќе направиме, ние прецизно наведуваме и како тоа ќе го направиме…. Нашата огромна предност е тоа што досега ветеното сме го реализирале, честопати и повеќе од ветеното. Нашиот даден збор сега има далеку поголема вредност одколку на другите политичари заради исполнетото во минатото.

[Извор: ВМРО – ДПМНЕ, веб страница, датум: 10.11.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Лидерот на ВМРО–ДПМНЕ и поранешен премиер во времетраење од близу 10 континуирани години, Никола Груевски, изјавата што ја анализираме  ја даде при потпишување меморандум за соработка со три големи синдикати и со Сојузот на пензионерите. Има повеќе начини како да се демистифицираат големите зборови на Груевски, зашто станува збор за извртување на вистината. Може да се тргне, дури и од поводот на настанот.

Точно е дека Груевски и партијата ВМРО–ДПМНЕ не ги извадија од уста новите работни места, а еве сега ветуваат дека важен им е и стандардот. И затоа биле со синдикатите и пензионерите „во постојана комуникација“. Она што не го кажува Груевски, а синдикатите го молчат, зашто сите имаат бенефит од тоа, е следново – Република Македонија според меѓународни и европски стандарди има едно од полошите и позаостанатите законодавства за работни односи, особено основниот Закон за работни односи, и особено делот во него за остварување на правата на работниците.

Она што не го кажува Груевски е фактот дека тој само го продолжу уназадувањето на правата од работен однос на работниците што започна уште во времето на Стевче Јакимовски како некогашен ресорен министер, кој остана запаметен дека „работниците биле заштитени како бели мечки“, па започна со кратење на работничките права во доменот на синдикалните права, пред сè.

Груевски продолжи, онаму каде Јакимовски застана. Јавноста не може да заборави дека најдолгиот штрајк на лекарите специјалисти од Државниот клинички центар беше гушен со судска одлука на Тодоров и со разни други непристојни закани и притисоци, дека благодарение на ваквото законодавство брутално беа гушени побуните на работниците во една од странските приватни компании во Кавадарци, во образованието или други јавните претпријатија и во МЖ Транспорт и во ф-ка за Шински возила од Велес, итн.

Груевски и синдикалните претставници вчера го одмолечеа фактот дека благодарение на нивните постојани консултации, денес да штрајкуваш во Македонија е речиси невозможно: процедурата трае цел еден месец, работниците мора да го известат работодавачот каде, кој и во колку часот ќе штрајкува, не смеат да го попречат процесот на производство, не смеат ни „а“ да им кажат на штрајкбрехерите, а доколку згрешат нешто во процедурата на синдикатот му следува казна од 1.200 евра, додека штрајкувачот може да биде отпуштен од работа.

За да знае јавноста за какво лицемерство станува збор, доколку работодавачот нешто згреши во процедурите ќе добие казна од 1.000 евра. Јавноста треба да знае и тоа дека благодарение на конструктивниот однос на власта со синдикатите со кои соработува Груевски, работодавачот дури и за време на штрајк може да отпушти 2 отсто од бројот на вработени – штрајкувачи. Но, синдикалците што вчера потпишаа договор за соработка ова не го кажуваат, исто како што претседателот на Сојузот на пензионерите не сака да каже дека зголемувањето на пензиите и другите социјални бенефити има своја цена, а тоа е стабилноста на пензискиот систем, т.е Фондот, кој станува неодржлив. Толку за тежината на зборот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во смисла дека работниците и пензионерите и нивниот стандард им се секогаш значајни во градењето јавни политики.

 

ПОМАЛИТЕ ВЕТУВАЊА СЕ РЕАЛИЗИРААТ – ЧЕБРЕН И ГАЛИШТЕ НИКАДЕ ГИ НЕМА

Што се однесува конкретно до зборот и ветувањата на ВМРО- ДПМНЕ и дека секогаш се реализирале – „наша огромна предност е тоа што ветеното сме го реализирале“ – и тука станува збор за едно суптилно извртување на вистинита. Дури и една мала прошетка по овој сајт во рубриката ветувања, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ најчесто ги остварува таканаречените помали ветувања – тротоарче онде, улица овде, тениско игралиште онаму, спортска сала ваму и слично. Големите и крупните, да не речеме скапите ветувања или никогаш не ги реализирале или секогаш нешто пред избори ги започнуваат со божемна реализација.

Примерот со новиот Клинички центар во Скопје, ветуван уште од 2011 година, за што, сега пред избори, распишаа тендер за изведувач, е речит. Пред изборите во 2014 година, да потсетиме, ископаа огромна дупка и демек ги удрија темелите…Слично е и со болницата во Штип, иако тука работите се малку во понапредна фаза, нели, од 2014 година!?

До каде е или каде е пругата до Бељаковце? Или онаа од Битола до грчката граница? Или кракот кон Албанија? Сè е ова нешто делумно, нешто во тек. Кога сме веќе кај инфраструктурата, да не споменуваме дека од 2006 до 2013-та ВМРО-ДПМНЕ имаше изградено само 7 километри автопат.

Убави примери има и во енергетиката. Еве, да видиме како изгледаат денес Чебрен и Галиште – две големи хидроцентрали во Мариовско што требаше значително да го подобрат крвотокот на македонскиот енергетски систем и плус да овозможат и нешто трето, уште попривлечно и поголемо. Десетина тендери беа распишани за изведувачи за овие две хидроцентрали и уште никој не почнал да гради. Гасификацијата на Македонија започна дури во оваа предизборна година, а ветувана е одамна, додека гасификацијата на Скопје и други градови сè уште ќе тапка во место, зашто е раскинат тендерот за концесионер за таа работа. Oд покрупните ветувања во инфраструктурата да го споменеме и градскиот трамвај, од кого се откажаа, тунел под Вардар за пробивање на нов крак низ централното подрачје или дури и еден Луна парк. По повеќе години ветувања и празни зборови, потрошени пари за идејни проекти или слично, конечно ќе го градел самиот Град…

 

ИСПОЛНУВАЊЕ НА НЕВЕТЕНОТО

Но, затоа, Груевски и ВМРО–ДПМНЕ можат да и кажат на јавноста дека исполнуваат многу работи што не им ги ветиле. Еве, најкрупната, Скопје 2014 –та, не само што не ја ветија во ваква форма, туку ја надминаа ветената сума за повеќе од 6 пати. Од ветените 80 милиони евра трошоци, релевантните проценители пресметаа близу 700 милони евра трошоци. А уште се гради.

Дали ветија на пример, Панорамско тркало и Антенски столб до Милениумскиот крст – два проекта кои чинат приближно исто, вкупно нешто под 40 милиони евра јавни пари?

Дали ветија зграда на јавно претпријатие Водовод и канализација која ќе изеде, како тргнало, близу 20 милиони евра?

Дали ветија дека ќе трампаат вредни имоти на огромни компании каде граѓаните имаат сопственост за многу помалку вредни згради на приватни инвеститори, како што тоа го сторија со Телекомот и каде сè уште имаат влијание во клучните одлуки?

Дали ветија, на пример, дека ќе го нарушат природниот изглед на стариот град во Охрид со изградба на огромен објект што надвиснува над ридот над стариот град и што треба да глуми Свети Климентов универзитет?

Дали ветија конечно, дека ќе го зголемат јавниот долг од 20 на над 50 отсто од бруто домашниот производ? Дали им ветија на граѓаните дека од буџет од над 3 милијарди евра, нешто под 800 ќе ги трошат на јавни набавки, при што ¼ од овие се со само еден понудувач?

Но, најстрашната исполнета, а не ветена работа е во доменот на демократијата, односно во остварувањето на основните човековите права и слободи, втемелени во Уставот.

 

ДАЛИ ВЕТИЈА ДЕКА ЌЕ СТАНЕМЕ НЕСЛОБОДНА ЗЕМЈА?

Македонија денес е на работ на демократски права и слободи, а во делот на правото на слобода на изразување и на слобода на медиумите е веќе во групата неслободни земји – единствена од европскиот континент! Медиумските слободи се сведени на слобода на израз во порталите, додека најголемиот број од мејнстриим медиумите се под директна или индиректна владина и партиска контрола, благодарејќи на фамозните владини реклами во милиони евра, но и на други концесии на сопствениците на телевизиите и весниците.

Загрозено е правото на слобода на избор – поради тоа мораше да се организираат преговори со меѓународни посредници и меѓународна заедница за да се создадат некакви услови за фер избори преку прочистување на избирачките списоци и надоградување на изборното законодавство.

Контролата над извршната власт не постои – парламентот беше гласачка машина во која непожелните дури и ако се малцинство се исфрлаа надвор насила, како што тоа се случи во „Црниот понеделник“ во декември 2012 година.

Судската власт, заедно со обвинителството и правобранителството паднаа на толку ниски гранки што што мораше да биде формирано Специјално јавно обвинителство, а иако сè уште нема изградено официјален став за специјално судско одделение, ЕУ веќе размислувала во таа насока. Оттука и борбата против корупцијата е само на декларативно ниво и тоа е забележено во сите извештаи на домашни и меѓународни организации, исто како што е забележано дека нема политичка волја за да се сменат нештата (Извештај на ЕУ за Македонија за 2016 г).

Па оттука, колку навистина тежи дадениот збор на Груевски и ВМРО–ДПМНЕ? Колку што беше ветувањето на двапати дадено дека ќе се исполнат Итните реформски приоритети или дека ја поддржуваат работата на СЈО?

Затоа, кога по целава оваа политичка криза и по се што излезе во јавноста за тоа како, всушност, се владеело и управувало во оваа земја со јавните финансии и со граѓаните – изјавата на Никола Груевски дека се што ветиле исполниле и дека затоа нивниот даден збор има поголема тежина, е недвосмислен спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција