Контраспин: Само Груевски знае од каде ги извади бројките за донациите во граѓанскиот сектор
При оправдување на борбата против „соросоидите“ Груевски и ВМРО-ДПМНЕ често пати повторуваат една иста невиситина – дека над 90 отсто од граѓанските организации се финансирале од Сорос и имале монопол кој потоа работел против нив…
При оправдување на борбата против „соросоидите“ Груевски и ВМРО-ДПМНЕ често пати повторуваат една иста невиситина – дека над 90 отсто од граѓанските организации се финансирале од Сорос и имале монопол кој потоа работел против нив…
Пишува: Теофил Блажевски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 11.02.2017, меѓу другото ја даде следнава изјава што ја сметаме за извртување на вистината или спин:
Спин: Главниот проблем е што кај нас, во изминатиот период немаше други невладини организации. Практично, излезе една слика каде што 90 – 95 отсто од невладините организации во Македонија се финансирани од Сорос, многу пати и од други држави каде што тој извршил влијание да кофинансираат, особено кога се партии на власт кои што се блиски до него, да и тие од државните фондови на тие држави, од даночните обврзници на тие држави, дел од тие пари да ги стават на куп со неговите пари и тие пари да се употребат во идеолошко политички и партиски цели, што беше направено и во Република Македонија…Невладините финансирани од Сорос, кои што го користат монополот и регурутираат кадри на кои што подоцна им вршат индоктринација, за да ги стават во своја цел
[Извор: ТВ НОВА/интервју (од 60-64 мин.), Датум: 11.02.2017]
Контраспин: Никола Груевски во првото појавување во јавноста откако не успеа како мандатор да состави влада, во пoдолго интервју за телевизјата „Нова“ зборуваше и за причините за она што тој и неговата партија го нарекоа процес на десоросоизација, при што искажа и неточни податоци, кои се употребуваат во функција на оправдување на борбата против сегмент од невладиниот сектор.
Воведувајќи ја јавноста во темата, Груевски излезе со оценки дека американскиот милијардер Џорџ Сорос делувал во многу земји и политички, дека тој тоа го сторил и во Македонија, во контекст против него и политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, Груевски се задржа на граѓанските организации во Македонија, истакнувајќи дека 90 до 95 отсто од нив се финансирани од Сорос, но и други држави…и дека со тоа имаат монопол. Ова се податоци кои немаат голема врска со реалноста и за тоа впрочем говорат и луѓето од невладиниот сектор, а податоците се наоѓаат и при новинарските или научно-публицистичките истражувања.
„СОРОСОВИТЕ НВО-А“ – ОКОЛУ 5% ПАРИ ОД СЕКТОРОТ
Пред околу еден месец во емисијата Топ тема на ваша страна, на ТВ „Телма“, каде што се дебатираше за „десоросоизацијата“, настапија и директорите на двете, можеби најголеми невладини организации во Република Македонија, кои се нарекуваат т.н. кровни организации и кои делуваат повеќе од 20 години. Станува збор за Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и за Фани Каранфилова Пановска, извршен директор на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) или фамозната „Соросова организација“.
Кржаловски од МЦМС на два пати во емисијата изнесуваше бројки, кои консултирани и со други извори се приближно многу прецизни. Во првиот настап, (некаде околу 11-тата мин.), Кржаловски рече дека е точно дека околу 70 отсто од парите во сите невладини организации во Македонија се од странски фондови, држави и донатори, а дека парите што ги има како приходи ФООМ, заедно со парите што ги одвојува и Владата од Буџетот за граѓанските организации се по околу 5 – 10 отсто на гоодишно ниво.
Подоцна во емисијата Кржаловски беше уште попрецизен:
Финасирањето на граѓанскиот сектор е некаде 80-90 милиони евра годишно, за сите заедно кои се околу 4,500 организации во Македонија кои добиваат некакви средства и тука точно е дека најголеми приходи пријавила Фондацијата отворено општество, со некаде меѓу 5 и 6 милиони долари, колку што па отприлика е и државното финансирање. Значи барабар се средствата од Буџетот и она од Сорос…(тука се уфрла и Ф.К Пановска која вели дека „нашите пари не се сите за невладини организации, на што Кржаловски се соглсува). Значи и едната и другата страна се отприлика 10 отсто од вкупниот колач.
Кржаловски веднаш потоа објаснува дека реалниот приход е околу 50 до 60 милиони евра за целиот граѓански сектор на годишно ниво, зашто во првите 80-90 што ги споменува се вкупниот приход кој влегува во Македонија, кој потоа се дели по граѓанските организации.
Фани Каранфилова Пановска, претходно пак, објасни дека во просек за граѓанскиот сектор одвојуваат помалку од половина од годишниот приход, додека другиот дел се одлева во разни државни институции (околу 31-мин.):
Од еден просечен буџет од 5,8 милиони американски долари годишно, нешто помалку од два милиони американски долари се средства кои што сме ги вложувале – сега збоорувам во просек –во граѓанските организации. Разликата од 5.8 милиони долари отпаѓа на проекти и соработка со државни институции, без оглед дали се тоа образовни, дали се здравствени, дали се општини, итн. Така што, апсолутно е погрешна тезата дека ФООМ го финансира масовно или 99 насто граѓанскиот сектор, особено ако имате предвид кој е буџетот со кој Владата го финансира граѓанскиот сектор. Според проекциите за 2017 година тој ќе надмине 6 милиони евра.
Кржаловски и Каранфилова Пановска најдобро ги знаат бројките затоа што во своите организации и во граѓанскиот сектор работат со децении и немаме причина да не им веруваме, ниту, пак, беа демантирани подоцна.
И МЕДИУМИТЕ СЕ ДАЛЕКУ ОД БРОЈКИТЕ НА СПИНЕРИТЕ
Во спинот околу оваа тема што го наметнува и Груевски и неговите функционери, но и други провладини медиуми и особено претставниците на новото „антисоровско“ неформално здружение СОС, често пати се употребува тезата дека со огромни пари се финансираат и медиумите, кои потоа цело време негативно известуваат за ВМРО-ДПМНЕ и Груевски и слично.
Според истражувањето на „Телма“ објавено во погореспоменатата емисија (околу 22 мин.) Од 2011 до 2016 година за медиумите биле издвоени следниве средства од странски извори:
- ФООМ – 1,6 милиони долари
- УСАИД – 1.100.000 долари
- Кралството Холандија – 1.000.000 евра
Коментарот на истражувачот беше дека од страна владата овие пари се неколкукратно поголеми за истиот период по разни основи.
Проверката на ова тврдење покажува дека тоа е така. На пример, ако се погледнат годишните издвојувања од буџетот за потребите само на Македонската радио телевизија (МРТ) ќе се види дека во просек тоа се околу 4,5 милиони евра. Се разбира, голем дел од овие пари се за играна, музичка и документарна програма, за покривање на фестивали на сите јазици, за одржување и развој на технолошкиот процес, за дигитализацијата, итн, но факт е, дека Владата, покрај тоа што главното финансирање треба да е од радио-дифузната такса и од рекламите, секоја година одвојува милионски суми средства за МРТ. За 2017 година се предвидени околу 4,6 милиони евра.
Покрај ова, сè до пред една година, преку системот на рекламирање на јавни политики или на друг нетранспарентен начин (преку обврската за кофинансирање на македонска играна или музичка продукција кај телевизиите), за истиот период се одлеани милиони евра, а Владата само еднаш беше транспарентна и ги соопшти бројките за периодот 2012-2013 и дел од 2014 година. За овој период Владата директно и индиректно потрошила 18 милиони евра. Сива зона остануваат сè уште и рекламирањата од јавните претпријатија или од општините до сите оние медиуми кои во јавноста често се нарекуваат провладини.
***
Поради погоре изнесените аргументи, јасно е дека делот од изјавата на Груевски кој се однесува на тоа дека 90-95 отсто од граѓанските организации се финансирани со пари на Сорос или на други држави и фондови каде што тој има влијание, како и дека станува збоор за монопол преку кој подоцна се врши индоктринација, е несомнено извртување на вистината или СПИН.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар