Контраспин: На Николоски му фали уште градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ за да го среди превозот
Префрлањето на одговорноста во катастрофалната состојба со јавниот превоз во Скопје, нотирано и во годинешниот извештај на Европската комисија, продолжува и со овој спин на Николоски, кому владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво и со мнозинство во Советот на Град Скопје му е недоволно за решавање на проблемите, па ќе треба да почекаме на вмровски градоначалник по локалните избори
Префрлањето на одговорноста за катастрофалната состојба со јавниот превоз во Скопје, нотирано и во годинешниот извештај на Европската комисија, продолжува и со овој спин на Николоски, кому владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво и со мнозинство во Советот на Град Скопје му е недоволно за решавање на проблемите, па ќе треба да почекаме на вмровски градоначалник по локалните избори
Пишува Стојан Синадинов
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ одговарајќи на новинарски прашања за јавниот превоз во Скопје, посочи дека ќе се чекаат локалните избори за да биде решен проблемот. Во неговиот став може да се препознае спин:
Спин: За жал, скопјани ќе мора да ги почекаат локалните избори за да се реши проблемот со кој секодневно се соочуваат- јавниот градски превоз. Јавниот превоз во Скопје е далеку од тоа што треба да биде, но секој ја носи својата одговорност. Ние разговаравме кога се правеа одредени законски измени во однос на градоначалници и мој личен став е дека е недозволиво единствена позиција во оваа држава која што не може да биде отповикана е градоначалник и затоа тоа дава вакви резултати. Со ова сè одговорив.
[Извор: Курир/ Александар Николоски датум: 15.11.2024]
Контраспин: Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, иако наводно „жали“ што јавниот превоз во Скопје е во катастрофална состојба, решението за проблемот временски го прогнозира за периодот после наредните локални избори во нивниот редовен термин – октомври 2025 година – бидејќи градоначалник не може да се отповика!
Во неговиот став препознаваме спин, бидејќи иако ВМРО-ДПМНЕ владее на централно ниво, а има и мнозинство од членовите во Советот на Град Скопје, решавањето на проблемот го адресира во прилично далечна иднина.
Понатаму, говорејќи за политичката одговорност, Николоски посочува „одредени законски измени во однос на градоначалници“ како изговор и за ВМРО-ДПМНЕ со чија огромна поддршка Данела Арсовска како независен кандидат победи на локалните избори во 2021 година. Според него, само тоа што Арсовска не може да биде отповикана од функцијата градоначалник ги прави проблемите со јавниот превоз во Скопје – нерешливи!
Гледано од денешна перспектива, евентуалното решение за проблемите со нефункционалниот јавен превоз скопјани ќе го дочекаат дури за година и половина, а за ветениот бесплатен јавен превоз веќе не станува ниту збор. Тоа го „проектира“ претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, надоврзувајќи се на министерот Николоски на истата прес-конференција:
Се работи за несериозност од страна на Град Скопје да интервенира во решавање на проблемот и можност постојано да се бараат изговори, некој друг да е виновен на сметка на тоа што некој не знае да изменаџира. За жал, согласно постоечките законски нормативи ние сме принудени како скопјани да имаме еден тежок период, една голгота која ја преживуваат, но за жал за решение на истата мораме да почекаме локални избори. Верувам дека после локалните избори после неколку месеци од денес ќе биде за брзо време средена состојбата во градот, потенцираше Ѓорѓиевски.
За градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски извесно време се шпекулира дека ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на идните локални избори за градоначалник на Град Скопје. И самиот Ѓорѓиевски ги потврди неговите аспирации за градоначалничката фотелја во Скопје токму на празникот на градот, 13 Ноември.
Сето тоа е во ред, но чекањето на идните локални избори многу лесно може да не реши ништо. Тврдењето дека работите ќе се решеле после локалните избори не е политика, туку е само предвидување и ништо друго. Никој не знае кој ќе биде идниот градоначалник на Скопје и многу лесно може да се случи тој да не биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Може да биде припадник на опозициска партија, а може да се случи (иако е малку веројатно) и повторно да биде избрана истата градоначалничка. Дали тогаш ќе треба да чекаме 5 години за разрешувањето на проблемот? Иднината на јавниот градски превоз во главниот град не може да зависи од желби, амбиции, претпоставки, претскажувања или спинови..
Како што е познато, веќе по една година од нејзиниот мандат Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скараа, а нивните препукувања веќе одамна добија размери на епска сага. Тоа беше случај и со последните проблеми во функционирањето на ЈСП за време на викендов и денес (понеделник, 18.11.2024), иако во описот на улогата на градоначалникот на Скопје стои:
Градоначалникот соработува со градоначалниците на општините од подрачјето на Градот Скопје, заради изградување на заеднички ставови, определување заеднички приоритети и преземање заеднички акции по определени прашања и проблеми од интерес за Градот како целина.
Дали навистина нема решение за состојбите во јавниот превоз во Скопје во следните 15-16 месеци?
Општо познато е дека јавните претпријатија во Скопје, иако се под капата на Град Скопје, не можат да функционираат без финансиските субвенции од Владата. Посебно кога станува збор за јавниот превоз, па за ЈСП секогаш се одвојувале пари од централниот буџет за субвенционирање на бесплатниот превоз на учениците и студентите на државните универзитети, како и за лицата постари од 62 години, за набавка на нови автобуси… Да потсетиме и дека на Град Скопје не му беше прифатен ниту еден од проектите со кои конкурираше за 100-те милиони евра од унгарскиот кредит.
Како единствени виновници за сегашната епизода од кризата во ЈСП, Градот Скопје во вчерашното соопштение ги посочува советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги блокираат предлозите.
Дали најавите на Мицкоски за преговори со компанија за набавка на 100 електрични автобуси и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, е причината за 3 годишната блокада на градот од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Изјавите на Орце Ѓорѓиевски и Александар Николовски, дека проблемот со автобусите ќе се реши по локалните избори, се потценувачки кон граѓаните во Скопје. Ако имаат решение, зошто тие не го понудат веднаш, за што градоначалничката Данела Арсовска повеќе пати истакна дека ќе прифати соработка за доброто на граѓаните. Доколку навистина се грижат за граѓаните, нека донесат автобуси, нека го оправат ЈСП, зошто да чекаат до изборите и ги оставаат граѓаните со проблеми уште цела една година? Дали оваа штета врз Скопје се прави поради повредената суета на Мицкоски, поради неговиот инает кон градоначалничката Арсовска или за Мицкоски политички да поентира на следните локални избори?, соопштија од Град Скопје (19.11.2024).
Оттаму додаваат дека според програмата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година, до крајот на мандатот да се испорачаат 250 автобуси на Скопје.
За потсетување шефот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани. Со набавка секоја година по 50 автобуси, ќе се постигнеше квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и ќе се испорачаа до крај на мандатот 250 автобуси, велат од Град Скопје.
И денеска (20.11.2024) Град Скопје со соопштение за колапсот во ЈСП:
Мицкоски во континуитет преку своите кадри креира кризи во јавните претпријатија во Скопје. Одлука за решение за недостигот на автобуси и замената на дотрајаните автобуси со нови еколошки за ЈСП, веќе 24 пат по ред не ја носат послушниците на Мицкоски во Советот на Град Скопје на чело со Трајко Славевски. Нова криза со која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за прв пат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио, се вели во соопштението на Град Скопје.
Префрлањето на одговорноста за катастрофалната состојба со јавниот превоз во Скопје, нотирано и во годинешниот извештај на Европската комисија, продолжува и со овој спин на Николоски, екстензиран и од Ѓорѓиевски.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар