Контраспин: Има доволно параметри за ВМРО-ДПМНЕ да може да состави изборна програма

Податоци и проценки за тековната економска состојба во државата и како ќе се одвиваат работите во блиска и малку подалечна иднина, има сосема доволно. Оттука, причините зошто ВМРО-ДПМНЕ не сака да оди на скорешни избори се на друго место

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ТВ настап ја даде следната изјава во која може да се препознае спин:

Спин: Врз основа на кои параметри ние ќе составиме програма сега и ќе ја преставиме пред граѓаните. Не е тоа чесно. Ако сме ја правеле програмата  во јануари, февруари, или, пак, декември за април, сега се сменија економските текови, се смени начинот на живеење. И ние ќе мора да се менуваме. Ќе мора да подготвиме нова програма, нови капитални инвестиции, нови проекти, да бидеме покреативни, поинаку да размислуваме.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – извадок од говор на Мицкоски на ТВ, датум: 05.05.2020]

 

 

Контраспин:

Дел од образложението на Христијан Мицкоски зошто сега не треба да се оди на брзи избори, кое во старт неколку пати од ВМРО-ДПМНЕ беше прикриено со секогаш оправданото – да заврши епидемијата/пандемијата – на прво поглед се чини разумно.

Мицкоски вели немал економски параметри за да ја обноват нивната економска програма. За во реченицата потоа да каже дека „и ние ќе мора да се менуваме…нови капитални инвестиции, нови проекти, да бидем покреативни“

Ова е втор пат за кратко време од два дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори вистинските причини зошто неговата партија се залага да има избори што подоцна. Првиот пат тоа го стори во изјавата по положувањето на цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје.

Но, ваквото образложение на Мицкоски е извртена вистина, т.е. спин, од една едноставна причина. Голем дел од парамтерите ги има, тие се постојните податоци, проекциите за наредните месеци и до крајот на годината. И тоа се прилично прецизни податоци и проекции и тоа не само од еден извор и не само од домашни извори.

Мицкоски, на пример, ги има проекциите на Министерството за финансии, што ги искажа само еден ден пред оваа изјава на Мицкоски, министерката Нина Ангеловска, по рекапитулацијата откако заврши април. Мицкоски, исто така, може да се потпре и на многу сериозните проекции и оценки на Народната банка, кои редовно ги соопштува гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска. Дури, не само за до крајот на оваа, туку таа има прокеции и за до 2022 година. Конечно, Мицкоски може да се потпре и на домашни невладини организации кои се занимаваат со оваа проблематика, на економскиот тим што го има во сопствената партија, а ако тоа не е доволно, може да се потпре и на проценките на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд.

Според тоа, податоци има доволно. Конечно и противниците на изборната сцена ги имаат истите услови за апсорпција на тие податоци и за нивно преточување во економска програма. Останува да се види дали тие податоци можат да бидат обработени од ВМРО-ДПМНЕ и искористени во нова изменета економска програма и дали може партијата да води малку инаква кампања од досегашните, што е под знак прашање, зашто самиот Мицкоски споменува „Фејсбук и Твитер кампања“ и дека тоа не е доволно за некои луѓе. Она што е реален проблем не се податоците, туку обезбедување услови за кредибилен изборен процес.

Поради погоре споменатите аргументи може да се оцени дека изјавата на Мицкоски, оти немало доволно податоци, е извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција