Контраспин: Иванов нема што да бара, треба да даде

Отворен е патот за „црното сценарио“. Останува да се видат капацитетите за спроведување Фото: Колаж, „Вистиномер“

Со двата услова што ги постави Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, за да го додели мандатот на СДСМ за евентуален состав на нова влада, тој де факто го расчистува патот за неофицијален, тивок државен удар, кој треба да заврши со нови избори, како што политички се произнесе ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски

 

Со двата услова што ги постави Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, за да го додели мандатот на СДСМ за евентуален состав на нова влада, тој де факто го расчистува патот за неофицијален, тивок државен удар, кој треба да заврши со нови избори, како што политички се произнесе ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по разговорите со политичките партии околу доделување на мандатот за состав на влада, на 01.02.2017 г. ја даде следнава изјава , чии најважни делови ги оценуваме како непринципиелни и како спин:

Спин: По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија.

… од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета:
Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

[Извор: Претседател на РМ/веб, 01.02.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Дел од политичката, потоа научна-експертската и колумнистичко-аналитичарската јавност, веќе немаат дилеми дека Претседателот Ѓорге Иванов го крши Уставот на РМ со ваквото толкување на член 90 и со јасната намера која произлегува од логичкото читање на неговите зборови – да не го додели мандатот на опозиционата партија СДСМ.

Ова не може да значи ништо друго, туку вовед во тивок, неофицијален државен удар, преку нарушуваање на уставно-правниот поредок врз кој почива современата македонска република и занемарување на уставното начело дека суверенитетот произлегува од и им припаѓа на граѓаните. Еве и зошто.

 

ИВАНОВ НЕМА ПРАВО ДА БАРА, ТУКУ ОБВРСКА ДА ДАВА

Од сите досегашни анализи што беа произлезени во јавноста од научно-експертската мисла, можеме да издеференцираме неколку работи.

Прво, сосема е јасно дека член 90 е малку застарен член со непрецезни одредби што би покривале секаков случај во македонската политичка пракса и парламентарна демократија, но, од друга страна, е сосема доволно јасен доколку се има политичка волја да се спроведе во духот на напишаното и доколку не се толкува произволно, според политичката потреба.

Второ, да го земеме дури и како најточно толкувањето на професорот Бајрам Положани, поранешен уставен судија, дека Уставот беше прекршен при првото доделување на мандатот на Никола Груевски, без претседателот прво да провери, преку политички консултации, се разбира, дека ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди мнозинство во Собранието. Толкувањето на Положани е дека Иванов ќе оди во натамошно кршење на Уставот доколку по истата логика веднаш му го додели мандатот на Зоран Заев. Еве, дури и ова да e најточно толкување, иако има и спротивни мислења (професорот Осман Кадриу, или пак професорт Саво Климовски-н.з.), Иванов повторно има проблем. А тој се вика кршење на правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот или, како што вели професорката Мирјана Најчевска, дискриминација врз политичка основа:

Со тоа што бара оваа втора партија однапред да обезбеди доказ дека има мнозинство во Собранието, за да може да ѝ го даде мандатот за формирање влада, Иванов, всушност, применил ново правило. Ова се нарекува дискриминација и за ова Иванов треба да добие импичмент (под итно) и да биде разрешен од функцијата претседател поради грубо кршење на Уставот.

Но, постои и трет проблем. Toj произлегува од вториoт услов што го поставува Иванов, а кој де факто е самоволно проширување на неговите овластувања: Претседателот БАРА од партијата или коалицијата која ќе состави мнозинство, во својата програма да имале два клучни приоритети!

Читајќи го Уставот, сосема е јасно дека Иванов ги надминал своите oвластувања, и според поранешниот министер за образование професорот Ненад Новкоски, си доделил „царски овластувања“. Аналитичарот Петар Арсовски, исто така за Дојче Веле, иронизирајќи вели: „да не бара после и изјави на нотар, и меници, и крвна група…“.

Сосема е јасно од сите изјави и проценки, како и од прегледот на Уставот во четири дела – општиот, Собрание, Влада, Претседател, дека Иванов нема што да БАРА и УСЛОВУВА околу платформата и програмата на новата влада – тоа е работа на Собранието – туку има обврска да ДАДЕ мандат за формирање на нова влада, на оној што ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник.

 

МОЖНОСТ ОД ТИВКИОТ ДРЖАВЕН УДАР

Иванов, со ваквиот свој став, де факто ја исполнува политичката волја на партијата која го кандидираше за претседател ВМРО–ДПМНЕ, која јасно се изјасни дека не треба да се додели мандатот, откако Груевски не успеа да го состави мнозинството, туку треба да се оди на нови избори. Логиката на речениците на Иванов, кој си дава овластувања што не му припаѓаат, остава минимален простор за дилеми и укажува дека тој нема намера да му го даде мандатот на Заев.

Настрана фактот што од реформите на Прибе, селективно одбира дека само реформата на безбедносните служби морала да биде приоритет, со што го повторува својот негативен став за Специјалното јавно обвинителство и го исклучува од приоритетите.

Зошто велиме можен државен удар? Затоа што по дефиниција, со недоделување на мандатот ќе биде нарушен уставниот и правниот поредок во државата и одземен е суверенитетот од граѓаните. Собранието, каде треба да биде суверенитетот, сè уште не е доконституирано, Владата е техничка и сега по изборите е раководена само од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, можни се нови масовни протести, кои, нели, од партијата од која произлезе Иванов, се окарактеризирани како „соросовски“ и од „аболицираниот криминалец Зоран Заев“ и со намера да извршат подривање на нашиот правен и уставен систем“, на што  „народот ќе се спротивстави“

Во такви услови единствен функционален орган, институција со целосен капацитет, е Претседателот на Република Македонија. А тој, по Уставот, е и Врховен командант, иако според Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ, неговото командување е поделено со Владата, т.е. Министерот за одбрана и со Генералштабот на Армијата.

Ако јавноста се сомнева во можноста Иванов да донесе ваква одлука во случај на поголеми протести, само да потсетиме дека тој веќе докажа оти може да донесе одлуки на граница на уставните овластувања – аболицијата, која мораше да ја укинува подоцна, а според неговите сопствени изјави, размислувал и кон употреба на Армијата.

Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам сè додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата….Зарем требаше да бидам пасивен набљудувач додека се закануваше отворен судир меѓу двете спротивставени страни?
Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам Армијата како втор инструмент во услови на веќе прогласена кризна состојба?
Зарем требаше да дозволам Македонец на Македонец да дигне рака? (Иванов – 22 јуни 2016)

Како што може да се види, се е тука присутно: оценки од Иванов во веќе цитираниот говор дека странски служби подготвувале сценарио за дестабилизација на државата преку нереди и преку„Пуч“, дека биле подготвувани атентати на лидери на политички партии, соодветни такви оценки од ВМРО-ДПМНЕ, најави дека „народот нема да дозволи“, т.е. контрапротести и контрамитинзи, најави дека политичката состојба се диктирала од страна на ЕУ и на САД, кавга на ВМРО-ДПМНЕ со меѓународната заедница, заплашување на народот со федерализација и поделба на државата преку евентуална нова коалиција на Заев со албанските партии, итн, итн.

Шансите од спречување на вакво црно сценарио кое треба да доведе до нови избори се мали. Некои аналитичари се сомневаат и во капацитетите за негово спроведување во целост, но штетата што би се направила е неспорна. Јавноста гледа избегнување единствено во можноста да се обезбеди собраниско мнозинство од страна на СДСМ и Зоран Заев и без доделен мандат, со што би го притиснале Иванов да го испочитува Уставот во член 90 и да мора да го додели мандатот. Шансите се мали, но вреди да се проба.

А, од целата аргументација изнесена погоре, изјавата на Иванов во делот што ја анализираме е несомнен спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција