Контраспин: Изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ ќе беа незвоможни без помошта од ДУИ

Талат Џафери. Фото: META

 

 

Без директна или индиректна помош на ДУИ ниту една изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ немаше да биде можна во таква форма. Помошта, според достапните информации, се состоеше од меѓусебни договарања за политички одлуки и постапки, до прекинување на попис или изборни измами

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, во дел од изјавите во рамки на интервју за „Слободен печат“, изрече став во кој се препознава спин:

Спин: Предизборните и постизборните коалиции не зависат од претпоставки и од анализи, туку првенствено од изборните резултати и од други околности при составувањето на програмските определби на политичките чинители. ДУИ првично во 2002-2006 година беше во коалиција со СДСМ, потоа беше со ВМРО-ДПМНЕ, па повторно со СДСМ. Не е ДУИ виновна што во македонскиот блок неколку циклуси по ред победуваше ВМРО-ДПМНЕ.

[Извор: СП – интервју со Талат Џафери – датум: 08.04.2020]

 

Контраспин:

Претедателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, во интервју за „Слободен печат“, меѓу другото, одговарајќи на новинарско прашање изрече извртена вистина дека не е ДУИ виновна што во македонскиот блок неколку циклуси по ред победуваше ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери ја извртува вистината и спинува затоа што кажува половична вистина и ја претставува во интерес на неговата позиција, т.е. на позицијата на неговата партија ДУИ.

Имено, генерално е точно дека ДУИ не е виновна што во македонскиот блок победувала ВМРО-ДПМНЕ, но прецизно, никако не може да се одвои придоонесот на ДУИ со постапките и однесувањето да ѝ помогне на ВМРО-ДПМНЕ да победува. Тука се мисли на повеќе фактори: од различни политички договори за тактики или одлуки што ќе ги преземе ДУИ за да обезбеди што поповолна позиција на коалицискиот парнтер во македонскиот блок, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, па до класични изборни измами, за што веќе имаме првостепена неправосилна пресуда во Основен 1, извршена од функционери на ДУИ во 2013 година.

 

Договорите Ахмети – Груевски 

На пример, дали не е вина на ДУИ што различно или политички погодно се однесувала кон ВМРО-ДПМНЕ кога не помина нивното барање за законско обесштетување на поранешните борци од ОНА, а ДУИ, сепак, не презеде поголем притисок или не ја напушти тогашната коалиција (зборуваме за периодот по 2008 година). Или дали не е политичко договарање во полза на коалицискиот партнер кога лидерот на ДУИ и тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски, (овој од позиција на премиер) се договараат Ахмети да не крева многу галама кога се урива некоја дибоградба во општина Чаир, во случајов карши амбасадата на САД, ако не се лажеме. Овој разговор беше презентиран во т.н. бомби на тогашната опозициска партија СДСМ (во 2015 година), а потоа беше предаден во архивите на тогашнот СЈО. Дали тоа не е дел од вината за победата на ВМРО-ДПМНЕ?

Уште еден пример може да биде и договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за прекинување на статистичката операција „Попис на населението и домаќинствата“ во 2011 година. За ова, СЈО отвори истрага и ги осомничи Али Ахмети и Никола Груевски: „Според СЈО, осомничените по започнувањето на постапката за попис на населението во земјата, сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и со цел задржување на моќта, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари“(извор DW).

 

Изборна измама со меѓусебен договор

Конечно, неодамна беше донесена првостепена пресуда во Кривичниот суд во Скопје, Основен 1 во која двајца функционери на ДУИ, едниот пратеник, се првостепено осудени за изборни измами во Општина Чаир во 2013 година, при што суштината на пресудата беше дека се менувани записниците од волјата на граѓаните во полза на кандидатот за градоначалник на ДУИ, а на сметка на гласовите на ДПА и на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат, според доказите и обвинението, со знаење на ВМРО-ДПМНЕ, а ДПА тврдеше дека станува збор за големи изборни измами.

Овој случај покажува дека договори помеѓу партииите што се во коалиција си постојат и нормално е дека едните им помагаат на другите и обратно, само што тоа не треба да биде противзаконски.

Оттука, изјавата на Џафери дека не била ДУИ виновна за победите на ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот блок, е извртување на вистината. ДУИ можеби не е виновна премногу или клучно, но дека била од помош за тие победи, покрај сѐ друго што носи до победа – била. Затоа, тој дел од изјавата на Џафери, кој е цитиран и подвлечен на почетокот на текстот може да се оцени како спин, зашто дефинитивно изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ не би биле можни и без помошта на ДУИ.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција