Контраспин: Извртена вистина на Филипче за односот на Бугарија кон македонскиот идентитет
Тврдењето на Филипче дека „ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет“, е извртена вистина или спин. За којшто постојат многу непобитни аргументи и факти. Спинот уште повеќе е видлив ако се земе предвид и неговата реченица во истата изјава дека „можеби, треба да се постапи така како што предложивме пред неколку месеци, а тоа е да ја потпишеме заедничката резолуција, заедничките црвени национални линии“ во која пишува „дека ни за јазикот, за идентитетот, за културата, за која било идентитетска одредница, ние не преговараме“.
Тврдењето на Филипче дека „ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет“, е извртена вистина или спин, за којшто постојат многу непобитни аргументи и факти. Спинот уште повеќе е видлив ако се земе предвид и неговата реченица во истата изјава дека „можеби, треба да се постапи така како што предложивме пред неколку месеци, а тоа е да ја потпишеме заедничката резолуција, заедничките црвени национални линии“ во која пишува „дека ни за јазикот, за идентитетот, за културата, за која било идентитетска одредница, ние не преговараме“. Зашто, ако не се проблематизирал никогаш нашиот идентитет, зошто ни е потребна резолуција во која ќе пишува дека „за која било идентитетска одредница, ние не преговараме“. Уште повеќе што веќе има таква декларација со црвени линии од 95 пратеници изгласана уште по бугарско вето во 2020 г.
Пишува Теофил Блажевски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при подолга изјава во која одговараше и на новинарски прашања по чествувањето на денот на погибјето на Гоце Делчев, се осврна и на македонско-бугарските односи во контекст на евроинтегративниот пат на земјата, при што се детектира спин:
Спин: Ние никаде од Бугарија не сме слушнале дека го негира нашиот идентитет. Ниту дека нешто е направено од владите на СДСМ со цел да се загрози нашиот национален идентитет. Ние имаме една работа и се знае кој е патот напред со цел вистински да почнат реформите и вистински да почнат реформите кои ќе го продолжат патот на евроинтеграции а тоа се уставните измени…Се сложувам дека, можеби, треба да се постапи така како што предложивме пред неколку месеци, а тоа е да ја потпишеме заедничката резолуција, заедничките црвени национални линии. Резолуцијата во којашто јас лично учествував во нејзиното пишување ја доставив пред локалните избори до сите политички партии, ниту една партија не одговори. Што пишуваше во таа резолуција? Да се направат уставните измени, да се почне преговарањето по поглавја, да стигнат посакуваните и потребни финансиски средства…а притоа сите да се согласиме – тоа јасно го пишува во резолуцијата – еве прочитајте ја – дека ни за јазикот, за идентитетот, за културата, за која било идентитетска одредница, ние не преговараме.
[Извор: СДСМ/Јутјуб – В. Филипче/изјава (од 0.13 до 3.34 мин.) – Датум: 04.05.2026]

КОНТРАСПИН: Тргнувајќи од премисата да не се копа предлабоко во минатото, прв и најважен документ кој го потврдува тоа дека станува збор за спин, е декларацијата усвоена во 48-от состав на Собранието на Бугарија за условите под кои С. Македонија може да го продолжи патот кон ЕУ. Таа декларација, кон која се повикува и се придржува официјална Софија од октомври 2019 г., па се до денешни дни, содржи јасни назнаки за негирање на македонскиот идентитет и одделно и во контекст на евроинтеграцискиот процес на земјава. За нејзе и за деталите во нејзе на широко известија медиумите во земјава (види тука, тука и тука), а тука ќе цитираме примери и извадоци од тие извештаи.
… (СДК.мк) Поддршката за европска интеграција не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја, соопшти Собранието. Тоа притоа ги изнесе условите што ѝ се поставуваат на Македонија:
- Ефикасно и неодложно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
- Строго придржување до членот 8 од Договорот дека „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“.
- Воздржување од дејствата со коишто се поддржуваат и поттикнуваат тврдењата за признавање на таканареченото македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи и во меѓународни организации.
- Рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест.
- Строго придржување до клаузулата во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија, утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји.
- Целосно спроведување на договорите што ги постигна заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи и нивно вклучување во образовни планови и материјали.
- Запирање на говор на омраза кон Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, вклучувајќи медиуми, натписи на споменици и слично.
- Реставрација и одржување на бугарски воени гробишта и споменици на територијата на Република Северна Македонија.

Фото: Мета.мк
Еве што, меѓу другото, пишува Дојче Веле за истата бугарска декларација од 2019 г.:
…Официјална Софија денеска усвои рамка која содржи повеќе од 20 услови кои Северна Македонија ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Соопштението од бугарската влада по состанокот започнува со ставот дека „Бугарија го поддржува почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија“, а под него се наредени серија услови, квалификации и забелешки кои задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните…Третата група услови се однесува на самиот тек на преговорите со ЕУ. Тука, Софија предлага освен Поглавјата 23 и 24 кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат отворени до крајот на процесот, да остане отворено и Поглавјето 35 (Други прашања), во кое одново се наметнува обврската да се следи почитувањето на Договорот за добрососедство. Клучното барање во овој дел е никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“…Ова барање финишира со заклучокот дека „треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.”
„Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на ткн. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот (19.10.2019 г.)
Изјавата на Радев во 2021 г. по нивното вето
По декларацијата многу брзо, истиот месец, октомври 2019 г. уследи т.н. француска блокада поради барањата на Макрон за менување на методологијата на ЕУ за проширување (види тука), а по блокадата, на 17 ноември 2020 г. и официјално вето од Софија за усвојување на преговарачката рамка меѓу МКД и ЕУ (види тука).
Една година подоцна, пред повторно некој самит на ЕУ, тогашниот бугарскиот претседател, а денес мандатар за состав на новата влада Румен Радев, меѓу другото изјави:
Покажавме дека се придржуваме до Копенхашките критериуми за членство и не можеме да ја игнорираме дискриминацијата на граѓаните на нашиот сосед, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности и принципи. Не можеме да кажеме ‘да’ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме ‘да’ додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја (види тука).
И од оваа изјава произлегува дека освен дискриминација на граѓаните поради нивната бугарска самосвест се проблематизираат учебниците, музеите, спомениците, медиумите, итн, и дека МКД „го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“.
Бугарското МНР со поддршка на Бугарите од МКД за Акцискиот план
Повторно во интерес на просторот ги занемаруваме многуте изјави од официјални лица од Бугарија контра македонскиот идентитет, а од оваа 2026 година може да се издвои поддршката на официјална Софија на барањата на Бугарите од МКД за измени во нацрт-акцискиот план за заштита на малцинствата во земјава, втор услов за започнување на преговорите со ЕУ, покрај промената на Уставот (види тука). Поддршката на Софија се однесува и на чувствата на Бугарите во земјава, кои меѓу другото се жалат на „системски институционален притисок, нерамномерна примена на законите, сериозни ограничувања на правото на самоопределување и слободата на здружување, како и недостиг од заштита од дискриминација и политички спонзорирани злосторства од омраза“.
Не земајќи предвид дека нацрт-акцискиот план е изработен во инклузивен процес преку широки консултации со сите засегнати страни и најважно со експерти од Советот на Европа по барање на МКД, во реакцијата на МНР на БГ се наведува:
Министерството за надворешни работи ги поддржува легитимните барања на бугарската заедница во Северна Македонија и ја повикува владата на соседната држава да ги почитува повиците на своите граѓани и да ги исполни сите преземени обврски кон Европската Унија и кон Бугарија. Се очекува Северна Македонија искрено и доследно да се ангажира во создавање сигурен, ефикасен и одржлив механизам за заштита на основните човекови права, со цел во иднина да обезбеди консензуална поддршка за својот европски пат – се вели во реакцијата на МНР на Бугарија од први април 2026 година.
Како оваа поддршка е поврзана со македонскиот идентитетот? Така што под системски институционален притисок и под сериозни ограничувања на правото на самоопределување и слободата на здружување, како и недостиг од заштита од дискриминација, се подразбираат не само неколкуте претставници на здруженијата на Бугарите во Македонија, туку и македонските државјани со бугарска самосвест. А, за нив, сè уште актуелниот заменик-министер за надворешни работи Марин Рајков, неодамна изјави дека биле над 210 илјади граѓани на МКД со двојно државјанство, нешто што беше разобличено во рубриката Контекст на Вистиномер. Па сепак, неговата и не само неговата изјава како официјален претставник на Бугарија, останува како факт.
Спинот што го анализираме уште повеќе е видлив ако се земе предвид и реченицата во истата изјава на Филипче дека „можеби, треба да се постапи така како што предложивме пред неколку месеци, а тоа е да ја потпишеме заедничката резолуција, заедничките црвени национални линии“, во која пишува „дека ни за јазикот, за идентитетот, за културата, за која било идентитетска одредница, ние не преговараме“. Зашто, ако не се проблематизирал никогаш нашиот идентитет, зошто ни е потребна резолуција во која ќе пишува дека „за која било идентитетска одредница, ние не преговараме“? Уште повеќе што веќе има таква декларација со црвени линии од 95 пратеници изгласана во Собранието на РС Македонија уште по бугарско вето во 2020 г.
Тоа значи дека Филипче е свесен за постоењето на проблемот со негирањето на идентитетот. Сосема е друго прашањето што е работа на прагматична и стратешка проценка на државата за тоа дали треба да се отпочнат преговорите со ЕУ со отворање на Уставот, па потоа да сме подготвени да ни ги закочат или ние да ги стопираме, поради не преговарање за која било идентитетска одредница.

Во проценките на прагматичноста на политичката одлука која е во рацете на власта, но и на опозицијата, можеби може да помогне вчерашната (06.05.2026 г.) изјава на ЕУ амбасадорот во Скопје Михалис Рокас, кој тврди дека ако веќе сме ги почнеле преговорите, досега ќе бевме вистински фронтранери во реформите пред денешните Црна Гора и Албанија. Но и Рокас упатува на национален консензус за ова прашање (види тука), односно пред да се донесе политичката одлука во Скопје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар