Контраспин: Јакимовски да каже какви хирурзи има во Подржикоњ!?

Стевче Јакимовски: „СЈО се покажа дека е големо промашување...“. Арно ама, има речиси двотретинска подршка. Фото: скриншот

Спиновите против СЈО очигледно даваат сè помалку резултат за спинувачите. Тоа го покажа и последната анкета на ИРИ според која СЈО ужива несомнена поддршка кај 63 отсто од испитаниците. Но, без оглед на тоа спинувањата продолжуваат

 

 

Спиновите против СЈО очигледно даваат сè помалку резултат за спинувачите. Тоа го покажа и последната анкета на ИРИ според која СЈО ужива несомнена поддршка кај 63 отсто од испитаниците. Но, без оглед на тоа спинувањата продолжуваат

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Повеќе пати низ јавноста лица блиски или дел од власта или, пак, медиуми со непотпишани текстови се обидуваа да спинуваат околу Специјалнотo јавно обвинителство (СЈО) на две основи – стручноста на обвинителите, вклучувајќи ја и Специјалната, и нивната наводна политичка поставеност, т.е како играчи на страна на опозицијата. Спинови врз такви основи многу скоро слушнавме и од лидерот на ГРОМ, Стефче Јакимовски, во дебатна емисија на ТВ НОВА, емитувана на 07.06.2016 под наслов Моќни лидери мали партии – им се слуша ли гласот?.

Спин: …Јас сум длабоко убеден дека финансиските криминали најлесно се докажуваат, а ние у овие предистражни или истражни постапки од Специјалното обвинителство(СО), ние не гледаме дека таму се зборува за, дека имаат постапки за финансиски криминали, итн…Нели е смешно да излегуваат на прес конференција за тоа како му ја пцуеле мајката на Љубе кога го апселе или не знам, разговори во врска со изборите, итн. Кључно е, тврдам, што го интересира граѓанство, абе има ли финансиски криминал или нема? Што бидна бе луѓе, со тие Кинезите, што бидна со Израелците, дај кажете го тоа, тоа многу лесно се расчистува, се доаѓа до сметки, така е или не е?…Г-дине Георгиевски, ако не дај Боже треба да одите на операција ќе одите кај хирург во Гевгелија или во Скопје? Јас не мислам дека имаат капацитет тие луѓе…(од 18′ do 19′)

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Лидерот на парламентарната партија ГРОМ, Стефче Јакимовски, кој е убеден дека способноста на еден градоначалник се докажувала по бројот на објавените тендери и јавни набавки (тоа го споменува во емисијата и во еден моменти се фали со 170 тендери во Општина Карпош), убеден е без грам сомнеж дека СЈО нема стручен капацитет да ја изврши работата за кое што е формирано. Како пример, тој во разговорот во дебатната емисија на ТВ Нова, во еден момент посочува дека СЈО не работи на случаи на висока корупција, т.е. „немале постапки за финансиски криминали“, а тој е „длабоко убеден дека финансиските криминали најлесно се докажувале“.

Јакимовски очигледно ја извртува вистината зашто тој, освен ако нема инсталирано своја шпионска мрежа во СЈО, со цела оперативна техника, не би можел да знае дали СЈО води предистражна постапка за финансиски криминали, „со Кинезите“ (за индициите за можна провизија од десетици милиони евра за автопатиштата) или „со Израелците“ (за индициите за можна корупциска провизија за опремата за прислушкување). Предистражните постапки не само на СЈО, тука на сите обвинителства се најчесто тајни и во таа фаза не се споменуваат дури ни бројот на лица…Но, освен тоа, СЈО веќе има отворено истражна постапка најмалку за еден случај, а тоа се сомневањата на СЈО за злоупотреба со пари на Буџетот на РМ, кој преку општините се даваат на јавен превоз на деца од основните и средни училишта, а во кој со кривична пријава е и градоначалникот на Битола.

На последната прес конференција на 03.06.2016 г. обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска изјави:

Уште еднаш потенцираме дека ние продолжуваме со нашите активности и во иднина, при што Ве известуваме дека вкупната бројка на отворени истраги е 7 и со истите опфатени се 60 лица, додека вкупната бројка на предистражни постапки расте и со оглед на тајноста на овие постапки не сме во можност да ви обезбедиме подетални статистички податоци.

Сосема е очигледно, поради бројот на незаконски снимените разговори и оние што беа објавени во „бомбите“, дека бројот на лица и бројот на предистражни постапки е многу поголем од бројот на отворените истражни постапки. Оттука, Јакимовски не може да знае, туку само може невистинито да тврди или да спинува, дека СЈО нема предистражна или истражна постапка за финансиските криминали, „кои лесно се докажувале“.

Самото тоа тврдење, пак, за лесното докажување на финансиските криминали, е уште едно извртување на вистината или спинување. Корупцијата преку јавни набавки, а потоа и перењето пари за сокривање на капиталот произлезен од криминално дејствување од тој тип е едно од најтешките дела за докажување од страна на обвинителите, особено, пак, ако капиталот доаѓа од друга земја. Меѓу првите постапки во таков случај се барања за информации од странски компании, странски банки и странски органи на прогон и тоа може да трае со месеци или со години. Ова неколку пати во јавноста во Македонија го изнесувале по разни дебатни емисии експерти и од обвинителство и од областа на даноците или, пак, експерти кои знаат што е перење пари од коруптивно дело. Државата има Управа за финансиско разузнавање, Финансиска полиција, Управа за јавни приходи, итн, а сите тие се задолжени за спречување на високата корупција и перењето пари.

Но, Јакимовски без да го спомене овој факт и дали и колку се ефикасни овие инстиитуции од кои некои постојат 15-ина година, извртува дека СЈО за нешто „што било лесно докажливо“, го немало во својот делокруг на работење и со тоа прави очигледен спин. Впрочем, ефикасноста на споменатите институции добро ја отсликува изјавата на познатиот антикорупциски експерт со силно меѓународна реноме Драго Кос, кој деновиве држеше обука на нашите пратеници како да помогнат во боробата пртив корупцијата. Тој вели дека не му е познато и не памти дека во Македонија се казнува високата корупција, односно не му е познато некој од функционерите да завршил во затвор.

Спин: Специјалното обвинителство се покажа дека е големо промашување, дека таму, како да ви кажам, влегоа обвинители „втора лига – југ“, и дека се претвори во 15-ти коалиционен партнер на СДСМ, дека, таму ние не можеме да видиме дека тоа е обвинителство што сака да ја разбистри евентуалната криминална слика во РМ, дека тоа СО не се труди да гони криминал, како да ви кажам, каде што го има, туку сака да најде криминал само кај владеjачката партија и очигледно, дека тоа Специјално обвинителство е со фабричка маана….знаете ќе купите кола со фабричка маана и нема поправање, носи, носи на мајстор не се поправа…и ние овде гледаме дека Специјалното обвинителство постојано влегува во гафови, постојано влегува во одредени смешни, оние као се викаат прес конференциии, прес конференции кои што буквално се политички памфлети. (1:03’.30’’ – 1:05’)

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Обвинувањата за политичка поврзаност на СЈО со опозицијата уследија некаде пред крајот на 2015 година и тоа со одлуката на Специјалната јавна обивнителка да се откаже од мерката притовор на Зоран Верушевски, прво осомничен во случајот „Пуч“. Оттогаш не престануваат таквите обвинувања по секој нов случај што го покренува Обвинителството, а ваквите оценки доаѓаат и директно од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој од вчера и самиот е на листата на осомничени.

Ако некој бил и сè уште е на власт веќе 10 цели години во континуитет и ако сме сочени со политичка криза која потекнува од незаконско прислушкување на телефонски разговори на функционери, новинари, бизнисмени, итн, чиј извор е во УБК (извештајот на Прибе и обвинителниот акт против единственото осудено лице од „Пуч“), сосема е јасно дека истражувањата на еден орган како што е СЈО, ќе биде насочен повеќе кон т.н. висока корупција или злоупотреби од страна на власта. Затоа што по дефиниција, може да злоупотребува оној што ја има моќта за тоа. Опозицијата не е во таа улога (да управува со јавните пари или со институциите повеќе години, а особено по 2012 година. Впрочем и самиот Закон со кој е формирано јавното обвинителство го ограничува временски за истражување на сомневањата од 2008 до 2015 година. Но и покрај тоа, СЈО постојано предупредува дека за нив криминалот е ист, без оглед кој го чини и дека нема селективност:

Нашата мисија е да покажеме дека криминалот не е активност која се исплати и дека во духот на владеење на правото е секој кој сторил криминал да биде одговорен за своите дејствија, а имотната корист која ја прибавил да биде конфискувана. Повторно укажуваме дека во нашето постапување сите се еднакви пред уставот и законите без исклучоци (Ленче Ристоска на 03.06.2016).

Затоа и ова тврдење на Јакимовски за СЈО „како 15-ти партнер во коалицијата на СДСМ, не е ништо друго туку извртување на вистината или спин.

Подршката во јавноста за СЈО според последна релеватна анкета. Извор: ИРИ
Подршката во јавноста за СЈО според последна релеватна анкета. Извор: ИРИ

 

Конечно, дали СЈО добро си ја врши својата работа или не покажува довербата од граѓаните. Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт, објавена вчера, 63 отсто од испитаниците целосно или делумно го поддржуваат СЈО, 9 отсто по нешто не поддржуваат од неговата работа, а само 17 отсто воопшто не го подржуваат овој орган.

Оттука, извртувањето на вистината на Стефче Јакимовски станува уште поочигледно. Сепак, колку и спиновите да се прикриваат преку лично мислење, етички е проблематично и недозволиво да се упатуваат навреди за стручноста од типот „ќе одите кај хирург во Гевгелија или во Скопје“ или, пак, „втора лига – југ“. Со тоа Јакимовски врши дискриминација според местото на живеење.

По таа аналогија, на пример, Јакимовски би можел да одговори и на прашањето за тоа какви хирурзи има во село Подржикоњ, местото од каде потекнува самиот и тоа постојано со гордост го истакнувал.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција