Контраспин: Како Апасиев спинува за прашањето за современите дисиденти

Фото: скриншот

Лидерот на Левица спинува во корист на Русија и Кина, безмалку претставувајќи ги како небаре демократски земји на ниво на Соединетите Американски Држави од гледна точка на степенот на демократија, притоа манипулирајќи со една единствена карактеристика на современите дисиденти, нивната популарност кај светската јавност, претставувајќи ја како пресудна за опстанокот на САД, на нејзината демократија и либерализмот воопшто

 

Лидерот на Левица спинува во корист на Русија и Кина, безмалку претставувајќи ги како небаре демократски земји на ниво на Соединетите Американски Држави од гледна точка на степенот на демократија, притоа манипулирајќи со една единствена карактеристика на современите дисиденти, нивната популарност кај светската јавност, претставувајќи ја како пресудна за опстанокот на САД, на нејзината демократија и либерализмот воопшто

 

 

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, на својот Твитер профил, осврнувајќи се на дисидентското дејствување, искажа ставови кои се класичен спин:

Спин: Запрепастува фактот што најголемите ДИСИДЕНТИ на нашето време (Асанж, Сноуден и Манинг) не доаѓаат од Русија или Кина, туку од САД. Толку од приказните за човековите права на Западот. Завршува ерата на либерализмот.

[Извор: Твитер – Датум: 11.12.2021]

 

Контраспин: Тврдењето на Апасиев, дека најголемите дисиденти на нашето време не доаѓаат од Русија или Кина, туку од САД, претставувајќи ги САД како режим во кој не се почитуваат човековите права, е класичен метод на манипулација кој на англиски се нарекува „ватабаутизам“ (whataboutism) додека кај нас се користат како дефокусирање или пренасочување внимание.

Оваа тактика потекнува од Студената војна и ја користеле тогашните комунистички претставници на Советскиот Сојуз за време на разговорите со своите западни колеги. Тоа вклучува игнорирање на аргументите на другите страни целосно, но наоѓање на навидум слични контрааргументи и нивно користење за да се спротивстави на нападот, и покрај фактот што контрааргументите може да бидат лажни, потпирајќи се на дезинформации, нелогичности, застарени искази, без пропорционалност итн.

Твитот на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

Оваа практика се применувала во меѓународни институции кога западните земји го обвинувале тогашниот Советски Сојуз дека затворил милиони негови граѓани во сибирските гулази, без да ги почитува нивните основни човекови права. Како одговор би добивале „контрааргумент“ со прашање „но, што е со…“ (англ. “but what about…” – од каде што доаѓа и името на оваа дебатна тактика), за потоа советските претставници ќе споменат некакво судење во јужна држава на САД каде бел судија неправедно осудил афроамериканец на долга казна, целосно занемарувајќи ја пропорционалноста на двата настани, фактот дека во САД всушност имало судење, а особено фактот дека ставањето милиони луѓе во Гулази беше политика изрекувана од државата, додека другиот настан бил еден судски случај кој нема никаква врска со официјалната политика на САД.

Вистинската ситуација во Русија

Прво и основно, само ако се консултира списокот на новинари во Русија убиени пред и за време на владеењето на претседателот Владимир Путин може јасно и брзо да се разбере колку е смешно ова тврдење од твитот на Апасиев. Десетици убиени новинари, многу од нив за критикување на постојниот руски режим, а некои додека известуваа за војните во Чеченија, покажуваат дека бројот на дисиденти во Русија само меѓу новинарите е огромен.

Со изјавата, Апасиев ги игнорира фактите за големиот број дисиденти од Русија, како меѓу новинарите така и во други професии. Посебно важен пример е новинарката, писателка и активистка за човекови права Ана Политковскаја, убиена во лифт во својата зграда во 2006 година. Додека пет лица биле осудени за убиството во 2014 г. сè уште не е јасно кој го наредил или платил за ова нарачано убиство.

Смртта во притвор на даночниот советник и „свиркач“ Сергеј Магнитски, 11 месеци по неговото апсење во 2008 година предизвика огромно внимание на меѓународните медиуми и предизвика низа истраги за измами, кражби и нарушувања на човековите права во Русија.

Еден од најпознатите дисиденти на нашето време кој доаѓа од Русија. Тоа е Алексеј Навални, кој моментално отслужува затворска казна од две и пол години за прекршување на условната казна од 2014 година. Неговото апсење предизвика тензии во односите со Западот кој бара негово ослободување.

Негирањето на постоењето на дисиденти во Русија од страна на Апасиев  го прикрива фактот дека Навални во 2020 година, пред да биде уапсен, беше отруен со нервен отров новичок, за што потврда дојде од германската влада, повикувајќи се на резултати од испитувањата. На Навални ненадејно му се слоши на лет од Сибир кон Москва на 20 август годинава. Првично беше сместен во болница во рускиот град Омск, а подоцна беше префрлен во Берлин.

Рускиот регулатор на медиуми Роскомнадзор во јули 2021 година блокираше 49 веб-страници поврзани со овој критичар на Кремљ.

Во изминатите десетина години, јавноста ги памети убиствата на неколку новинари, гласни критичари на владите во поранешните советски држави Русија, Украина и Белорусија. Аркадиј Бабченко, руски новинар беше убиен во неговиот стан во Киев, најверојатно поради неговата работа. Рускиот пратеник Денис Вороненко. Во Киев во својот стан беше убиен и рускиот новинар Александар Шчетинин.

Во февруари 2015 година, со четири куршуми во грбот беше убиен рускиот опозиционер и најголем критичар на Владимир Путин, Борис Немцов. 55-годишниот лидер, бил изрешетан додека со познатата украинска манекенка Ана Дурицкаја се враќал од вечера и минувал низ мостот кој води кон Кремљ и Црвениот плоштад. Немцов беше основач на опозициското движење Солидарност, пратеник во повеќе собраниски состави и вицепремиер за време на владеењето на Борис Елцин. Жестоко го критикуваше Путин за негова директна инволвираност во украинската војна, а го обвинуваше и за трошење милијарди долари буџетски пари за луксуз. Тврдеше дека годишно само за одржување на јахтите и авионите троши по две милијарди долари годишно.

Не е случајно ни што во 2021 година Нобелова награда за мир им припадна на новинарите Мариа Реса од Филипините и Дмитри Муратов од Русија, за нивните придонеси во слободата на мислењето. Како уредник на весникот  „Новаја газета“ тој е постојано под смртни закани. Шест соработници на весникот се веќе се убиени или умреле под неразјаснети околности, а една од нив била и Ана Политковскаја.

Ситуацијата во Кина

Дисиденти има и Кина. Организацијата за медиумски слободи „Репортери без граници“ редовно ја посочува Кина као една од „најголемите зандани за новинари“ во нивните годишни извештаи. На пример извештајот „Светски преглед на убиени, притворени, киднапирани или исчезнати новинари во 2018 година“  (Worldwide Round-up of journalists killed, detained, held hostage or missing in 2018) посочува 60 затворени новинари во Кина.

Во 2011 година суд во југозападна Кина донесе скандалозна одлука со која го осуди дисидентот Чен Веи на деветгодишна затворска казна за објавување на продемократски есеи на интернет. Зенг Јианвеи, адвокат на Чен, изјави дека судот во Суининг го осудил дисидентот и активист за човекови права поради „поттикнување на уривањето на државната моќ“. Иако есеите биле објавени надвор од Кина, судот смета дека тие имаат големо малигно влијание во Кина, иако мнозинството Кинези не можат ниту да ги прочитаат, реагираше сопругата на Чен Веи, Ванг Ксиаојан.

Во декември 2009 година во Кина, на 11 години завторска казна беше осуден еден од најпознатите дисиденти, 54-годинишниот Лиу Ксиаобо, поради тоа што повикувал на политички реформи во Кина, вклучувајќи ги и слободите на здружување и на изразување.

Тој во 2010 година ја доби Нобеловата награда за мир за неговата долга и ненасилна борба за основните човековите права во Кина.

Ксиаобо почина во јули 2017 година во болница во Кина, додека ја издржуваше 11 годишната затворска казна за „субверзија“.

Аи Вејвеј, исто така, е познат кинески уметник и дисидент. Тој живее и работи во Берлин. Проектот што го вивна кон небото на славата беше инсталацијата од 100 милиони рачно направени порцелански сончогледови семки – сликовита, интерактивна и атрактивна метафора на светскиот капитализам (2010). Веќе следната година беше притворен од полицијата во траење од 81 ден, наводно, поради сомнение за затајување данок. Многу е поверојатно дека неговите проекти, кои често претставуваа отворена критика за кинеската влада и нејзините политики, направија од него цел за закани од страна на властите.

Аи Вејвеј беше уапсен во април 2011 година на аеродромот во Пекинг. Тој сакал да лета за Тајван преку Хонгконг, каде работел на изложба. Неговото ателје во Пекинг било претресено, а повеќе негови соработници сослушани. Причината за апсењето и претресувањето беше целосно непозната. Еден од поблиските пријатели на Вејвеј изјави дека уметникот и порано имал конфликт со властите. Меѓутоа, овојпат изгледа се работи за сериозна акција против него, рече неговиот близок пријател.

Во јуни 2019 година, Аи Вејвеј го посети основачот на Викиликс Џулијан Асанж во затворската болница и порача дека неговата здравствена состојба „е влошена“, повикувајќи ја Велика Британија и другите европски земји да го спречат неговото предавање на САД.

Ова се само некои од руските и кинески дисиденти кои во јавноста се доста познати, а има и голем број од нив кои не се толку познати, но не значи дека ги нема, како што сугерира Апасиев. Очигледно е дека лидерот на Левица спинува во корист на Русија и Кина, безмалку претставувајќи ги како небаре демократски земји на ниво на Соединетите Американски Држави од гледна точка на степенот на демократија, притоа манипулирајќи со една единствена карактеристика на современите дисиденти, нивната популарност кај светската јавност, претставувајќи ја како пресудна за опстанокот на САД, на нејзината демократија и либерализмот воопшто.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција