Контраспин: Ковачевски и Владата спинуваат околу дел од Договорот со „Бехтел и Енка“

Фото: Влада на РСМ/веб

Изјавите на премиерот Димитар Ковачевски во последните два дена околу деталите од договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, се проблематични од аспект на вистинитоста и во дел од нив може да се детектира спин. За да може уверливо и без никаква дилема да се потврди дали опозицијата лаже и шири хистерија, сè што треба да се направи е да се достави договорот до јавноста. Стратешки и национален интерес на државата е граѓаните да знаат на кој начин се трошат нивните пари, во случајов близу две милијарди евра. Засега…

Изјавите на премиерот Димитар Ковачевски во последните два дена околу деталите од договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д се проблематични од аспект на вистинитоста и во дел од нив може да се детектира спин. За да може уверливо и без никаква дилема да се потврди дали опозицијата лаже и шири хистерија, сè што треба да се направи е да се достави договорот до јавноста. Стратешки и национален интерес на државата е граѓаните да знаат на кој начин се трошат нивните пари, во случајов близу две милијарди евра. Засега…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Премиерот Димитар Ковачевски во последните два дена даваше изјави поврзани со прашања за делови од договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на 110 км автопатишта во С. Македонија, при што може да се детектира спин:

Спин: Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство во изминатиот период потврдија дека единствено што знаат да прават е да шират хистерија, лаги и да блокираат во Собранието. Тоа го правеа со сите законски решенија кои беа во времето на пандемијата, на енергетската криза и истото го прават со сите големи инфраструктурни проекти. Така што тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење невистини како што го прават тоа и неговите колеги, вклучително и неговиот претседател кој го гледам по цел ден само се заканува и ништо не работи.

Се работи за договор како што има и други договори склучени со други компании. Станува збор за проект, со проектирање и изведба во кој што во договорот, како и секој друг договор, има ниво на доверливост, бидејќи има компании наведуваат како работат, произведуваат и нормално како во секој договор – не сакаат тие деловни тајни да бидат достапни до поширока јавност“, кажа Ковачевски

„Кога Обвинителство ќе го побара договорот, ќе го добијат согласно процедурите бидејќи имаат степен на доверливост, сертификат кои таму работат. И направив уште еден повик, можеби петти пат го повторувам. Ги повикувам Владата на САД и Турција да кажат дали некој од нив или компаниите од нивните земји има нешто побарано во врска со овој проект. Зошто? Бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании да оствари одредена корист и затоа ги повикувам и нив да дадат свој став

„Договорот со ’Бехтел и Енка‘ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување и беше јавно потпишан…

[Извори: 360 Степени/Макфакс – Ковачевски/изјави; датум: 12 и 13.04.2023]

Контраспин: Откако неделава во Собранието на РСМ, влегоа во процедура измени на 8 закони врз основа на договорот потпишан со „Бехтел и Енка“, како и со специјалниот закон усвоен уште во 2021 година, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со жестоки напади за самиот договор потпишан на 8 март 2023 г. Обвинувањата етапно во две фази ги изнесе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски и накратко се сведуваат на тврдење дека Владата потпишала штетен договор, во кој на „Бехтел и Енка“ ќе треба да им се плати 53 милиони евра плус, надвор од утврдената сума од 1,3 милијарди евра, доколку во рок од 45 дена од 8 март не биде изгласани измените на Законот за работни односи со кои му се дозволува на овој изведувач и на други изведувачи на стратешки проекти од национална значење, да склучуваат договори со вработените за 60 часовна работна недела во текот на годината. Доколку во истиот рок не поминат и другите законски измени на 8 закони, рокот од 4 години и 7 месеци за завршување на проектот се пролонгира и крајната сума се зголемува.

Премиерот Ковачевски по дводневен молк од првичната информација излезе со изјави во кои ваквите тврдења на  Николоски ги нарече „хистерија, невистини и лаги“. Но, Ковачевски не излезе со детали од Договорот, за разлика од Николоски, кој прво на ТВ Сител изјави дека имал увид во договорот, а потоа на Фејсбук и на други телевизии покажуваше и конкретни страници од договорот. Тоа е првиот елемент, кој ѝ дава спинуван карактер на изјавата на Ковачевски дека станува збор за „хистерија, невистини и лаги“. Вториот елемент кој упатува на тоа, е изјавата од самата Влада, како одговор на прашање на 360 Степени, кој беше пренесен и во други медиуми.

Запрашани за коментар на првичните изјави на Николоски, за 53-те милиони евра и роковите од 45 дена, Владата на 11.04. 2023 г. одговорила:

Ја демантираме шпекулацијата дека се предвидени пенали за државата доколку не се донесе пакетот закони во Собранието. Согласно обврските во склучениот договор, Изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на коридорите 8 и 10-Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средствасе наведува во одговорот на Владата.

Ова во обичниот говор се нарекува со изреката „не по врат, туку по шија“, односно станува збор за мошне идентично толкувања на тврдењата на Николоски.  Коешто Николоски и ВМРО-ДПМНЕ со задоволство го прифатија и се откажаа од користење на зборот „пенали“, заменувајќи ги со зборовите „зголемени троошоци“. И токму овој одговор од Владата е вториот елемент кој укажува на спинот во изјавата на Ковачевски дека тврдењата се „хистерија, невистини и лаги“.

Етички дилеми околу NDA договорите

Но, еве и да претпоставиме дека и јавноста и ние во оваа анализа грешиме и дека Ковачевски е 100 отсто во право кога вели дека „ВМРО-ДПМНЕ 100 отсто лаже“. Како би постапил секој разумен човек најлесно да докаже дека ја говори вистината. На тој начин што ќе ѝ го пласира на јавноста тврдењето преку цврст аргумент, т.е. самиот Договор. Арно ама, тука се бележи уште еден спин на Ковачевски.

Наведувајќи дека Договорот содржи клаузули за тајност, тој наведува дека договорот има ниво на тајност:

Станува збор за проект, со проектирање и изведба во кој што во договорот, како и секој друг договор, има ниво на доверливост.

Ковачевски додава дека договорот е достапен само за обвинителството, кое наведе дека по допрен глас отворило постапка, засега предистрага.

Но, што правиме со јавноста? Со правото на јавноста да знае, со транспарентноста и со борбата против корупција, каде што активната транспарентност е, нели, едно од посилните оружја. Впрочем, оваа Влада имаше Стратегија за транспарентност, и токму вицепремирката за добро владеење Славица Грковска, задолжена за доброто владеење, изјави дека не гледа причини овој договор да не биде достапен за јавноста. Што значи, природно е да биде отворен и транспарентен. Дотолку повеќе што чини најмалку 1,6 милијарди евра(1,3 милијарди евра за изградба и 300 милиони за експропријација). Засега.

Оттука, изјавата на Ковачевски е недоследна со политиките и програмата за работа на самата Влада и тој дури и да инсистирала другата страна, не смеел или требало многу внимателно да го ограничи правото на употреба на таканаречните договори за доверливост, попознати како NDA (Non-disclosure Agreements) или договори за неоткривање/необелоденување, во кои пак, посебно етичко прашање е таков договор потпишан на приватна компанија со јавен сектор. (види повеќе на крај од текстот на овој линк).

Но, тоа е етичкиот аспект на прашањето за класифицирање на делови од договорот. Спинот кај премиерот се препознава во делот од изјавата во која тој „можеби по петти пат“ ги повикува владите на САД или Турција или компаниите од овие две земји (се мисли на американски Бехтел и турска Енка) да кажат јавно дали некој од македонската влада им барал пари.

 

Коруптивен или штетен договор, дилема без значење за граѓаните

Сосема е јасно дека владите на САД и на Турција не се вплеткани во можниот корупцискиот скандал, а претставници на САД токму во моментот непосредно по потпишувањето на договорот, го повикаа обвинителството и други претставници веднаш да ги истражат сите аспекти и сите сомневања. Од друга страна, компаниите Бехтел и Енка со самото потпишување на договорот не мора директно да корумпираат некого на негово барање. Доволно е само да биле потпишани штетни клаузули за инвеститорот, т.е за Владата, т.е. за граѓаните на РСМ. Со знаење или без. Со грешки намерни или без, по сите скандали околу изборот на финансискиот консултант и надзор на проектот предводен од компанијата ИРД. Оттука, повикот на Ковачевски да кажеле компаниите дали некој им барал пари е спинување, односно извртување на вистината.

Исто како што е и изјавата дека „Договорот со ’Бехтел и Енка‘ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници“. Законот беше изгласан во јули 2021 година од 55 пратеници од присутни 101 во салата. Тоа може да се види и од рекапитуалцијата на целата тема што ја направи „Призма“. Факт е, дека ВМРО-ДПМНЕ не гласале за законот, што, пак, тие сега го користат за спинување од нивна страна, демек многу сработиле околу темата, иако е факт дека медиумите завршија најголем дел од работата, но тоа е веќе друга тема.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција