Контраспин: Криминалот и корупцијата не исчезнаа за СЈО да биде беспредметно

Работата на СЈО е далеку од завршена. Колаж: Вистиномер

СЈО е стожерот кој треба да обезбеди правна разрешница на кризата, без која нема излез од спиралата што Македонија ја води во регрес и опасност од дезинтеграција. СЈО беше продукт на Пржинскиот договор и констатација во анализата на Рајнхард Прибе за измена на системот на електронско следење на комуникациите и надворешна, надзорна контрола врз тој систем

 

СЈО е стожерот кој треба да обезбеди правна разрешница на кризата, без која нема излез од спиралата што Македонија ја води во регрес и опасност од дезинтеграција. СЈО беше продукт на Пржинскиот договор и констатација во анализата на Рајнхард Прибе за измена на системот на електронско следење на комуникациите и надворешна, надзорна контрола врз тој систем

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникотот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, даде изјава во врска со „беспредметноста“ на постоењето на Специјалното јавно обвинителство(СЈО), која ја оценуваме за спин:

Спин: Првата и основна причина за формирањето и постоењето на СЈО беше да се расчисти криминалот на Заев и Верушевски, кои, според признанието на вработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање кој доби судска пресуда, ја злоупотребиле опремата за незаконско следење на комуникациите.

Со ова одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа, сметаме дека јавноста треба да биде свесна, дека СЈО веќе стана беспредметна институција.

[Извор: ВМРO –ДПМНЕ, веб страна, датум: 19.01.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Деспинувањето на овој дел од изјавата на Милошоски во врска со СЈО се заснова на докажување на извртувањето на вистината што ја прави ВМРО–ДПМНЕ во континуитет кога станува збор за СЈО. Оваа подолга изјава на Милошоски, која е втора од ВМРО –ДПМНЕ за само два дена (изјава на Трајко Велјановски), уследи откако специјалното обвинителство објави дека е повлечено обвинението во случајот „Пуч“.

Ваквите изјави не се ништо ново, освен радикализацијата на говорот кон СЈО, со крајната порака која де факто значи – да го укинеме СЈО. Извртената вистина и спинот на сè уште владејачката партијата околу СЈО, според коja само тие се во право, а сите други грешат, се докажува со неколку факти.

 

СЈО НЕ Е ФОРМИРАНО ЗА ЗАЕВ И ВЕРУШЕВСКИ

Ставот на партијата прочитан од Милошоски е дека „првата и основна причина за постоење на СЈО беше да се расчисти криминалот на Заев и Верушевки…“ . Ова е невистина. Еве ги накратко аргументите:

  • СЈО е кратенка од „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“;
  • СЈО е формирано на 15 септември со договор и со согласност на четирите најголеми политички партии во тоа време, со закон, кој во Собранието е изгласан од 101 пратеници, како и со честитка од тогашниот премиер Никола Груевски, кој во изјава изразува задоволство од формирањето на вакво обвинителство и од изборот на Катица Јанева за специјална обвинителка;
  • Наспроти признанието и експресната пресуда на еден од обвинетите оперативци од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), во досегашниот тек на случајот „Пуч“, другите пет обвинети, од кои двајца врвни оперативци, цело време го негираат делото. Пресудата за Звонко Костовски е во феврари 2015, а обвинителниот акт за другите беше подигнат во април 2015;
  • Наспроти доказите врз кои редовното Јавно обвинителство го градело овој случај и обвинителен акт, постојат докази со кои располага СЈО прибрани во истрагата за случајот „Тврдина и наведени во обвинителниот акт (докази за незаконско уништување на опрема за прислушкување и книгите поврзани со тоа, за што се обвинети седум други лица). Исто така, постојат и докази во истрагата наречена „Таргет“, за основано сомневање за незаконско прислушкување на најмалку  6 илјади граѓани од 2008-2015 година, за што се осомничени 10 лица сега или порано вработени во УБК. Зошто доказите на ОЈО во „Пуч“ би вределе повеќе од доказите на СЈО во „Тврдина“ и во „Таргет“?
  • Согласно суштината на своето постоење, напишано и во името и во законот, СЈО отвори и други истраги и обвиненија за лица поврзани од извршната власт, за криминални дела за кои постојат докази за основано сомневање или обвиненија за изборен криминал и корупција вгнездена во високите ешалони на власта.
Графички приказ за незаконското прислушкување од „Таргет“. Извор: СЈО
Графички приказ за незаконското прислушкување од „Таргет“. Извор: СЈО
 

СЈО Е СТОЖЕРОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПРАВОСУДНА ДЕМОКРАТИЈА

Се наметнува прашањето зошто ВМРО ДПМНЕ ги извртува фактите? Одговорот може да се најде во последните два факта наведени малку погоре во текстот, но и во дел од изјавата на Груевски кажана на онаа „историска“ прес конференција што беше вовед во кризата, кога на 31 јануари 2015 г. го обелодни наводниот пуч:

Потоа, (Заев – н.з.), ми пренесе неколку телефонски разговори. Констатирав дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни. Сепак, со оглед дека некои беа точни тоа даде сериозност на ситуацијата. 

Ако дел биле точни, а дел половично точни, тогаш севкупната истрага за случајот со прислушкувањето не се однесува само на тоа кој и зошто прислушкувал, туку и со расчистување со индициите за криминал и корупција кои произлегуваат од прислушкувањето.

Веројатно на екс-премиерот Никола Груевски во моментот кога се согласил да се формира СЈО, тоа или не му било доволно јасно или се надевал дека тие ќе се фокусираат само на „Пуч“ или, пак, бил уверен дека лесно ќе ја блокира институцијата СЈО и нема ни да дојде до судски процеси.

Само три месеци по формирањето (во декември 2015 и јануари 2016), Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе ја менуваат реториката за СЈО, при што и тогаш во првите борбени редови беше Антонио Милошоски.

За нецела година оттогаш, оценките на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се претворија од жестоки критики до „беспредметност е постоењето на СЈО“.

Домашната експертска, но и обична јавност која критички ги гледа нештата, меѓународната јавност и најголемиот дел релевантни политички партии, го застапуваат ставот дека СЈО треба да постои и дека мандатот за истраги треба да му биде продолжен. Вклучително и формирање на посебно судско одделение за случаите што ги истражува СЈО, како и измена на три други закони поврзани со работата на Обвинителството.

Ова произлегува од фактот дека СЈО е стожерот кој треба да обезбеди правна разрешница на кризата, без која нема излез од спиралата што Македонија ја води во регрес и опасност од дезинтеграција. СЈО беше продукт на Пржинскиот договор и констатација во анализата на Рајнхард Прибе за измена на системот на електронско следење на комуникациите и надворешна надзорна контрола врз тој систем.

Вистината за тоа кој и зошто прислушкувал, но и кој и како владеел, докажана низ судска процедура, ќе биде основа за комплетна реформа во Македонија. За владеење на правна држва и силни институции, за правосуден сиистем кој ќе се занимава со целосна, а не со селективна правда и за изградба на т.н. правосудна демократија, која е основна брана од авторитаризам и неодговорно, неотчетно владеење кое се заснова на „четири-пет јаки шамари“ и „течење низ ногавици“.

Ете, затоа, постоењето на СЈО е и тоа како „предметно“, а не „беспредметно“, како што оценуваат Милошоски и ВМРО–ДПМНЕ. Ете затоа, поради аргументите што ги наведовме погоре, изјавите и оценките за СЈО ги сметаме за непринципиелни и за спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција