Контраспин: „Крокодилските солзи“ на Мицкоски за барикадите пред Св. Спас се спин

Фото: Скриншот/ВМРО-ДПМНЕ/веб

На 4-ти февруари пред и во Св. Спас кога се одбележуваше годишнината од раѓањето на Гоце Делчев немаше ниту еден инцидент. Се друго, дали летал хеликоптер, дронови или имало две наместо една или ниедна барикада…се работи на проценка на безбедносни експерти во институциите, а разочараноста што поради тоа ја изрази Христијан Мицкоски „се крокодилски солзи“ и чист спин

На 4-ти февруари пред и во Св. Спас кога се одбележуваше годишнината од раѓањето на Гоце Делчев немаше ниту еден инцидент. Сè друго, дали летал хеликоптер, дронови или имало две наместо една или ниедна барикада… се работи на проценка на безбедносни експерти во институциите, а разочараноста што поради тоа ја изрази Христијан Мицкоски „се крокодилски солзи“ и чист спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Повеќе спинови беа соопштени од ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер во саботата и неделата во врска со текот на одбележувањето на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а тука пренесуваме само дел од нив:

Спин: Две чувства се развиваат кај мене. Првото чувство е нормално чувството на почит кон Македонецот, кон великанот Гоце Делчев за тоа што го сторил за Македонија, за тоа што го направил за македонскиот народ во својата би рекол бурна животна приказна…И второто е чувството на разочараност, чувство кое кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја… Денеска имате вие, безбедносни мерки од прв степен, хеликоптери надлетуваат како во воените времиња. Навистина жалам што сум сведок на сето ова и навистина жалам што ќе останат уште ден повеќе онаму каде што се, оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ…

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ – Мицкоски/веб – датум: 04.02.2023]

Спин: Скандалозната организација за одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев е најсилен доказ дека власта е одлепена од реалноста и дека се плаши од народот.

Ова ли се плодовите на пријателството? Хеликоптери, борни коли и барикади. Договорот за пријателство е затруено дрво, а затруените плодови еве ги гледаме денес. Во одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев се виде неспособноста на власта на Ковачевски и Ахмети, каква ја гледаме во секој еден сегмент од државата, која е во распаѓање…

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ – Ковачки/веб – датум: 04.02.2023]

 

Контраспин: Разочараноста на главната опозициска партија во државата ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, како и на пратеникот Драган Ковачки, затоа што имало преголеми и непотребни безбедносни мерки за време на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев – се извртување на вистината, т.е. спин. Еве ги фактите кои го покажуваат спинот.

Прво, настанот беше оценет од Советот за безбедност – тело што го свикува претседателот Стево Пендаровски, а потоа и од Владата на РСМ, како настан од висок безбедносен ризик. Согласно тоа во МВР која е институцијата што треба да го обезбеди настанот од висок безбедносен ризик беше формиран оперативен штаб од полицијата и сите други безбедносни служби, што ги составуваше и координираше мерките за безбедност за време на целиот настан. Покрај тоа, имаше и средба на министерско ниво седум-осум дена пред настанот (Оливер Спасовски и Иван Демерџиев), што ја покажа за оправдана оценката за степенот на безбедносен ризик на настанот.

 

„Ноќните“ или „херојските стражи од ВМРО-ДПМНЕ

Второ, исто така, седум од десет дена пред настанот дојдоа чудни изјави од ВМРО-ДПМНЕ. Најпрво беа упатени изјави со повик за ноќни стражи што ќе го чувале гробот на Делчев, кои потоа беа наречени херојски стражи што ќе биле поставени на 4-ти од седум наутро.  Потоа, имаше изјави со барање Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски да ги откриеле имињата на соработниците на странските агентури што беше повторувано повеќе пати, дури и на 4-ти февруари, кога беше дадена оценката дека штом не ги откриле странските служби што ширата антимакедонска пропаганда тие двајца работат за нив. Помеѓу ова, на 1. февруари Мицкоски дава изјава во која вели дека за секое нарушување на безбедноста ќе биде виновна власта и Спасовски:

Било каква случка која што би ја нарушила (безбедноста – н.з.), ќе биде само на грев на владата и на МВР, бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели кои што ние ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте нема да дојде. Но, доколку сака Спасовски и луѓето околу него да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што единствен виновник ќе бидат тие – порача Мицкоски од Карбинци.

Беа пријавени и „Комитите“ и автобуси од Фондацијата Македонија

Покрај ова (трето) и навивачката група Комити уште на 01.02. соопшти дека ќе дојдат на настанот и повикаа да се заштити „Даскалот“ (Гоце Делчев) и повикаа на мобилизација на 4-ти февруари, а во исто време имаше повици од бугарската Фондација Македонија од персоната нон-грата Виктор Стојанов, да се пријават граѓани од цела Македонија и од Бугарија да дошле на настанот и дека сите сметки за превозот се покриени од нив. Да не ги споменуваме активностите за посета на настанот на евро-пратеникот и претставник на ВМР-БНД Ангел Џамбаски и на пратеникот Костадин Костадинов и лидер на „Преродба“, за кои подоцна во Скопје бугарскиот вицепремиер и шеф на МВР Демерџиев изјави дека лично ги замолил да останат во Бугарија.

 

Напнато, но без инциденти

Според тоа, безбедноста на настанот беше под сериозен предизвик и како е таа решена, добро или лошо, може да се дискутира, но, пред сè, со фактот дека не дојде до ниту еден посериозен инцидент, исклучувајќи ја онаа провокација на бугарскиот пратеник од проруската и антимакедонска партија „Преродба“, поради која тројца бугарски граѓани беа приведени изведени на суд и протерани од земјата.

Сè друго, дали имало една или две барикади, дали требале да ги затворат улиците околу објектот три-четири дена пред настанот или не, дали требало да лета полицискиот хеликоптер и дронови или не, дали требало да бидат поставени делови од специјалните единици кај Св. Спас и околу Калето и на граничните премини или не… сето тоа е стручна и професионална работа за која оценки може да дадат безбедносни експерти, а не лидери на партии и поранешни воени разузнавачи.

***

Оттука, разочараноста на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ што морал да мине низ две барикади и имал чувство дека власта со таквите мерки дополнително го делела народот е непринципиелна реакција, контрадикција со претходното негово барање за безбедносни мерки за да нема инциденти. Партијата може да даде политичка оценка, исто како што политички го нападнаа професорот Петар Тодоров член на Заедничката историско-образовна комисија само затоа што изјави на ТВ Сител дека „нашиот однос кон Гоце Делчев не е искрен“ и дека “настанот беше злоупотребен од партиите“, но тоа не значи дека политичките оценки секогаш се вистини. Напротив, многу често се полувистини или спинови, како што се спин оценките на Мицкоски и на Ковачки што ги оценуваме во оваа рецензија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција