Контраспин: Лепење етикети и спинови за да се забошоти барањето за поголеми плати
Од партиски послушници до неспособни на улица да изваделе повеќе од 1.000 луѓе. Со вакви спинови и лепење етикети на денот на протестот на најголемиот синдикат во земјата ССМ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го дискредитира синдикатот, неговите лидери и неговата моќ, со цел да ги ублажи критиките во јавноста
Од партиски послушници до неспособни на улица да изваделе повеќе од 1.000 луѓе. Со вакви спинови и лепење етикети на денот на протестот на најголемиот синдикат во земјата ССМ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го дискредитира синдикатот, неговите лидери и неговата моќ, со цел да ги ублажи критиките во јавноста
Пишува:Теофил Блажевски
Во текот на денот кога Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го организираше протестот на улица поради одбивање на Владата да учествува како активна страна во трипартитниот дијалог за зголемување на минималната и другите плати, владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение и прес-конференција во која се препознаваат спинови:
Спин: Таканаречените борци за работнички права, или СДС и Левица заедно со нивните синдикати, поточно Сојузот на синдикати на Македонија вечерва ја покажаа својата сила.
На улица каде вечерва решија да ги бранат работничките права и да бараат повисоки плати едвај собраа околу 1000 лица.
Истите тие вечерва ги избраа улиците, наместо да седнат и на маса да се договараат. Истите тие одбија 40 проценти покачување на платите во рок од две години.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – Датум: 28.01.2026]
Спин: Синдикалецот на батерии Слободан Трендафилов со плата 3-4 пати поголема од минималната која ја добива благодарејќи на работниците кои членуваат во неговите синдикати, им го сврте грбот и не прифати зголемување на платите во администрацијата за 40% во следните 2 години.
Слободан Трендафилов кој е многу гласен кога СДС е во опозиција, а тивок кога тие беа на власт… Трендафилов ги остави работниците на цедило и без повисоки плати, затоа што е политички заробеник од страна на СДС…“
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – В. Манасиевски/прес – Датум, 28.01.2026]

Контраспин: Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со спинови и лепење етикети на денот на протестот на најголемиот синдикат во земјата ССМ, се обиде да го дискредитира синдикатот, неговите лидери и неговата моќ, со цел да ги ублажи критиките во јавноста и да го оттргне вниманието од барањето за зголемување на минималната и другите плати.
Протестот на ССМ беше најавуван подолго време, закажан за вчера (28.01.2026) и се реализираше во центарот на Скопје на три локации – пред Собранието, пред Сојузот на стопански комори и пред Владата на РСМ.
Првиот спин во јавната комуникација на ВМРО-ДПМНЕ може да се види уште од лицитирањето со бројот на излезени граѓани на протестот… „На улица каде вечерва решија да ги бранат работничките права и да бараат повисоки плати едвај собраа околу 1.000 лица“.
Оваа бројка нема допирна точка со реалноста. Спинот може да се види и од објавеното видео на социјалните мрежи на претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, а што го пренесоа дел од медиумите, од фотографиите и видеата што ги објавија дел од медиумите, но и од други медиумски наслови што можат да се најдат на агрегаторите на вести, а кои директно го следеа протестот. Коректна бројка, комуникациски гледано, е употреба на формулацијата „неколку илјади граѓани“. Но, намерата на спинот е да се омаловажи моќта на ССМ да собере луѓе и да изврши јавен притисок.
Лепење етикети за партиска припадност
Вториот начин на извртување на вистината е лепење етикети за претседателот на синдикатот и за целиот синдикат за партиска припадност. Ова се гледа видно и од пресот и од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, каде што и Трендафилов и целиот синдикат се оценуваат како „СДС и Левица“, „политички заробеник на СДС“, итн.
Предлошка за ваквите квалификации беше јавно изразената поддршка од страна на политичките партии СДСМ и Левица на протестот и барањата на ССМ, што дојдоа на самиот ден на протестот. Но, вистинскиот извор за лепењето етикети е всушност премиерот Христијан Мицкоски кој ден порано (на 27.01.) во интервју за еден тв медиум изјави:
Ги видов барањата, тоа не е нешто кое што е ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема ниту пак некој има спротивно мислење, но тоа кое што треба да се каже и да се погледне на вистината во очи е фактот дека неколкумина кој што се дел од водството на овој синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички амбиции и политички фигури. И сето ова кое што таму го прават има таква задача, таква цел. Не е целта тука хумана, па сега они излегуваат и повикуваат на протести за да, еве, работниците добијат повисоки плати, туку напротив“… Зарем некој има дилема, на протест на синдикати кој е најавен пред неколку недели, а се одржува после конгрес на една политичка партија. Тука не треба никој да има дилеми (извор тука).
Впрочем овој начин на вртење на јавноста од вистинските барања, со лепење етикети не е ништо ново. Виден е и лани, од кога почна барањето дијалог за покачување на минималната плата. Од владејачката партија истапија со обид да се дискредитира раководството на синдикатот со лепење етикети дека се избрани од СДСМ и со дикредитација за начинот на кој биле избрани, а за што и тогаш пишуваше Вистиномер:
СДС го постави Слободан Трендафилов на чело на ССМ. Тој молчеше додека на власт беа СДС, а сега глуми синдикалец. Слободан Трендафилов е избран за претседател на ССМ на еден крајно насилен начин, со изигрување на прописите. Трендафилов не можел да биде лидер на ССМ, бидејќи претходно не бил претседател на грански синдикат, туку секретар…(линк тука)
Дефокусирање преку платите на дел од администрацијата
Конечно, на неколкуте спинови се надоврзува и дефокусот од власта на тој начин што основното барање за зголемување на минималната и другите плати на ниво на цела држава што го има ССМ, таа го сведува на специфичен проблем со зголемување на платите за дел од администрацијата. Па така, наведуваат дека ССМ го одбил предлогот на Владата за 40 процентно зголемување на платите вработени во администрацијата. На ова, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во вчерашно гостување во тв дебата на Телма (28.01.) изјави:
Да се вратам на тие 40 проценти што сакале да ги дадат и се уште сакаат да ги дадат, но ние не сме сакале. Го повикувам претседателот на Владата утре да дојде во ССМ и со синдикатот на УПОЗ да потпише зголемување на тие 40 проценти во администрацијата како што тој ја нарекува. Инаку тоа (УПОЗ) е вработените во јавниот сектор, управа и правосудство – (од 26 минута во интервјуто).
Претходно Трендафилов изјави дека „за тие 40 проценти што ги спомена претседателот на Владата вчера, а јас прв пат ги слушам, морам да бидам искрен, веројатно и тој прв пат ги слуша“ (од 19 мин. во дебатата),…станува збор за минатогодишните преговори на синдикатот на УПОЗ со Владата за зголемување на платите за 30 проценти поради сложеност при работа, а кој се одржал по протестот на синдикатот пред пет министерства.
Трендафилов вели дека Владата излегла со понуда за зголемување од 5 до 7 отсто над сумите за редовно усогласување на платата, но притоа поставиле два други клучни услови. Зголемувањето од 7 отсто да биде во изборна година и уште поважниот, ССМ, т.е. УПОЗ да се откаже од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, управата и правосудството или да го стави ад акта. Тоа би значело зголемување на платите за вработените во тие пет министерства, но откажување од специфичните услови во општиот колективен договор за сите други 130-тина илјади вработени во тие сектори – вели Трендафилов (во делот по 19 мин. од дебатата).
Впрочем, истиов овој детаљ, но од своја перспектива и сега со малку други бројки, го кажува и премиерот Мицкоски во интервјуто од ден пред протестот:
Имавме еден услов. Општиот колективен договор, делот којшто ги регулира платите е нејасно напишан… Ние предложивме овој дел што ги регулира платите да речеме, не важи, туку ќе важи, новиот којшто им го понудивме…(извор тука).
Без оглед на тоа што Трендафилов демантира и прикажува друга перспектива од Мицкоски, не треба да се изуми дека како аргумент даде отворена понуда премиерот да дојде во ССМ и со УПОЗ уште веднаш да потпише зголемување на платите за 40 отсто доколку сериозно од Владата го мислат тоа.
Но и без овој детаљ, протестот на ССМ се одржа со основно барање за зголемување на минималната плата на ниво на цела држава за 6.000 денари, а потоа и со зголемување на сите други плати. Така што и самиот обид да се зборува за платите во администрацијата, а не за генералното зголемување на платите е дефокус и своевиден спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар