Контраспин: Левица во Москва бара спас за македонските јаболка кои Москва не ги сака

Рускиот пазар не е баш најсигурна дестинација за, како што се залагала Левица на средбата со руските комунисти во Москва, „обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи“. Токму руската страна пред 4 години, како одговор на македонската усогласеност со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ по руската воена инвазија врз Украина, одговори со забрана на македонските земјоделски производи поради бледа фитосанитарна закана.

Во иницијативата на Левица околу деблокирањето на санкциите кон Русија заради „спас на македонските земјоделци“ – кои се граѓани на земја членка на НАТО и со аспирации за членство во ЕУ, со кои ја споделува заедничката надворешна и безбедносна политика – може да се примети извртување на вистината. Рускиот пазар не е баш најсигурна дестинација за, како што се залагала Левица на средбата со руските комунисти во Москва, „обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи“. Токму руската страна пред 4 години, како одговор на македонската усогласеност со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ по руската воена инвазија врз Украина, одговори со забрана на македонските земјоделски производи поради бледа фитосанитарна закана

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Лидерот на партијата Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук го сподели партиското соопштение за средбата на парламентарната делегација на Левица со претставници на Комунистичката партија на Руската Федерација во Државната дума во Москва, пропратено со личниот коментар: #Мицика, ај бе да спасиме 120.000 македонски ЗЕМЈОДЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА од сиромаштија и хаштагот #НационаленИнтерес?

И во делови од соопштението на Левица за иницијативата за отстранувањето на трговските бариери (санкции) и другите ограничувања што ја отежнуваат земјоделската трговија меѓу Република Македонија и Руската Федерација (РФ), како и во коментарот на нејзиниот лидер Апасиев, може да се препознае спин:

Отстранувањето на санкциските и другите ограничувања што ја отежнуваат земјоделската трговија меѓу Република Македонија и Руската Федерација беше централна тема на денешната средба на парламентарната делегација на Левица со претставници на Комунистичката партија на РФ во Државната дума во Москва. Приоритет на официјалните разговори беше обновувањето на пристапот до огромниот руски пазар за македонското овошје, зеленчук и вино, како и олеснувањето на снабдувањето со минерални ѓубрива и други земјоделски репроматеријали.

Особено погодени се овоштарите, за кои рускиот пазар претставуваше значаен купувач. Ограничувањето на пласманот на јаболката и другото свежо овошје ги принуди производителите да бараат заменски пазари, да прифаќаат понеповолни услови или дел од родот да го насочуваат кон индустриска преработка. За градинарите, краткиот рок за продажба на сезонскиот свеж зеленчук дополнително го зголемува ризикот од пропаѓање на непродадениот род и ниските откупни цени.

Отворањето дополнителни можности за извоз на македонското вино е значајно и за винариите и за лозарите, чија егзистенција зависи од сигурниот откуп на грозјето. Истовремено, олеснетото снабдување со минерални ѓубрива може да придонесе за поголем избор при набавката и намалување на притисокот врз производствените трошоци. Нашата аграрна иницијатива предвидува разгледување на конкретните санкциски, административни, платежни, транспортни и фитосанитарни пречки, за надлежните институции од двете држави да пристапат кон нивно решавање. Целта е македонските земјоделци да добијат поширок пристап до пазарите и поповолни услови за производство и продажба.

[Извор: ЛЕВИЦА ВО ДРЖАВНАТА ДУМА: ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ ЗА ПЛАСМАН НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ НА РУСКИОТ ПАЗАР Фејсбук статус на Апасиев/Соопштение на Левица – Датум: 28.10.2026]

Контраспин: Во иницијативата на Левица околу деблокирањето на санкциите кон Русија заради „спас на македонските земјоделци“ – кои се граѓани на земја членка на НАТО и со аспирации за членство во ЕУ, со кои ја споделува заедничката надворешна и безбедносна политика – може да се примети извртување на вистината, т.е. спин.

Соопштувајќи го форматот на московската средба на парламентарната делегација на Левица со претставници на Комунистичката партија на РФ во Државната дума – на која учествувале пратениците Дмитриј Георгиевич Новиков и Казбек Куцукович Тајсаев од КПРФ, а делегацијата на Левица ја сочинувале членовите на партискиот Президиум, проф. д-р Димитар Апасиев, м-р Реџеп Исмаил – Хактан и м-р Александар Симонов – соопштението наведува дека двете високи делегации договориле покренување на иницијативи преку своите

пратенички групи и надлежните парламентарни комисии, за да се отпочне институционален процес за отстранување на пречките во билатералната земјоделска трговија, а од руската страна била изразена подготвеност за соработка и за преземање конкретни чекори во рамките на надлежните државни органи.

Понатаму, соопштението на Левица наведува дека „македонските земјоделци ја плаќаат цената на изгубениот пласман, скапите репроматеријали и неизвесниот откуп на реколтите“, како и дека тоа е последица од „нарушената трговија со Русија“, на којашто се надоврзани „долгогодишните слабости на домашната владина земјоделска политика, несигурната поддршка и силната зависност на производителите од прекупците и откупувачите“. Оттаму, Левица очекува „Владата и надлежните институции да ја поддржат оваа иницијатива која е во национален интерес и да се вклучат во нејзината реализација, бидејќи обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи и услови за одржливо земјоделско производство е прашање на економски интерес и егзистенција на илјадници наши семејства. За тоа се потребни институционална зрелост, државничка одговорност и политичка волја за конкретни постапки во корист на народот“.

 

Стратешките определби на С. Македонија

Стратешката политика на С. Македонија кон Руската Федерација е детерминирана од нашето членство во НАТО, аспирација за членство во ЕУ во догледно време и политиката на ограничување на руското влијание, особено по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Иако С. Македонија сè уште не е членка на ЕУ, државата води политика на усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата како стратешки приоритет, што подразбира и усвојување на европските позиции и рестриктивни мерки (санкции) кон Русија.

Поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е дел од надворешната политика на С. Македонија, која обезбедува воена, политичка и хуманитарна помош за Украина, а во 2025 година се приклучи и на меѓународната иницијатива за формирање специјален трибунал за злосторството агресија против Украина.

Во рамките на Националната стратегија за безбедност од 2024 година, посочени се и ризиците од странско мешање во демократските процеси, дезинформации, злонамерни сајбер-активности, политички и економски притисоци и активности на странски разузнавачки служби, а стратегијата сериозно ги третира и заканите кои доаѓаат од Русија. Точките на градење отпорност против руските хибридни закани вклучуваат и диверзификацијата на снабдувањето со енергенси (првенствено природен гас), како развојот на гасното поврзување со Грција и зголемувањето на капацитетот на врската со Бугарија, што се дел од напорите за намалување на зависноста од еден извор (Русија).

Во ноември 2024 година, С. Македонија и ЕУ потпишаа партнерство за безбедност и одбрана, кое предвидува соработка во справувањето со хибридните закани, сајбер-безбедноста, поддршката за Украина и управувањето со кризи. Стратешкото и безбедносно дистанцирање на С. Македонија од политиките на руското раководство, особено од руската агерсија врз Украина и активностите што се оценуваат како закана за европската безбедност, подразбираат поддршка на меѓународното право, суверенитетот на Украина и евроатлантската безбедносна рамка; примена на санкции и намалување на ранливоста од руски енергетски и економски притисоци; заштита на институциите, изборните процеси и јавноста од странско мешање, дезинформации и сајбер-напади; како и координација со НАТО, ЕУ и другите партнери.

Сево ова од набројаните правци на надворешната и безбедносна политика на С. Македонија не мора автоматски да значи прекин на дипломатските односи со Москва. Но, што значат напорите на Левица, предводена од нејзините членови кои се пратеници во Собранието на С. Македонија, на средбата со претставниците на Комунистичката партија на РФ во Државната дума? Колку ваквите средби носат посакуван бенефит, а колку ја нарушуваат надворешната и безбедносна политика на С. Македонија како членка на НАТО и аспиратор за членство во ЕУ?

 

Кој е политичкиот профил на руските комунисти?

Парадоксално, но политички опуртуно, КПРФ како партија официјално се залага за отстранување на капиталистичката олигархија од власта, а истовремено поддржува клучни политики на рускиот претседател Владимир Путин, кој со децении управува со системот што таа го критикува. Партијата Единствена Русија на Путин, пак, нема јасно дефинирана идеологија и се смета за партија од центарот, десниот центар, па дури и либерално-конзервативна ориентација.

Но, која е нивната допирна точка? Според анализата на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања (SWP) од 2026 година, КПРФ имала одредена автономија како опозициска партија до 2022 година, но по почетокот на руската целосна инвазија врз Украина недвосмислено ја поддржала војната.

КПРФ се повикува на наследството на Владимир И. Ленин, Советскиот Сојуз и советскиот социјален модел, и програмски се стреми кон изградба на „социјализам на 21 век“ со доминантна општествена сопственост врз клучните производствени ресурси, национализација на стратешките сектори, прогресивно оданочување, контрола на цените на основните производи, повисоки социјални гаранции и бесплатно образование и здравство… Овие програмски ставови, барем на хартија, ѝ овозможуваат да привлекува гласачи незадоволни од нееднаквоста и приватизацијата по распадот на СССР.  КПРФ комбинира социјалистичка реторика со руски патриотизам, силна држава, воена моќ и обновување на интеграцијата на поранешниот советски простор, а нејзината програма се спротивставува на западното геополитичко влијание и ја поддржува идејата за доброволно обновување на сојузот на поранешните советски народи.

Руските комунисти можеби ги критикуваат социјални неправди, корупцијата и одредени владини политики, но во најважните прашања за режимот избегнува директен судир со Путин. КПРФ во Думата има институционална улога, но е само „штрафче“ во политички систем во кој доминира Путиновата политика.

КПРФ уште пред руската инвазија врз Украина преку своите пратеници предложи признавање на самопрогласените „народни републики“ во Донецк и Луганск, што придонесе за политичката ескалација меѓу Москва и Киев. Лидерот Генадиј Зјуганов ги критикува руската влада, Централната банка и партијата Единствена Русија, но не се конфронтира директно со Путин, туку го поддржува во неговите империјалистички политики кон соседите (обновување на СССР) и Западот.

Затоа се поставува прашањето какви „зделки“ може да издејствува Левица во Москва од нивните идеолошки браќа, КПРФ, кои се големи поддржувачи на Путин во однос на воената агресија врз Украина, националната безбедност и геополитичката конфронтација со Западот, а само повремено ја критикуваат неговата економска и социјална политика?

 

Јаболки на раздорот

Левица алармира дека „особено погодени се овоштарите, за кои рускиот пазар претставуваше значаен купувач. Ограничувањето на пласманот на јаболката и другото свежо овошје ги принуди производителите да бараат заменски пазари, да прифаќаат понеповолни услови или дел од родот да го насочуваат кон индустриска преработка“.

Но, токму македонските овоштари во 2022 ги почувствуваа руските „санкции“. Русија го ограничи увозот на македонските јаболка поради наводно откривање на кафеавата мермерна стеница (Halyomorpha halys) во пратките. Забраната беше воведена на 1 декември 2022 година, па последиците за македонските овоштари беа особено видливи во текот на 2023 година.

Според официјалното образложение, руската фитосанитарна служба соопштила дека штетникот бил откриен во две пратки со македонски јаболка, а потоа привремено го ограничила увозот на растителни производи што можат да бидат домаќини на штетникот. Македонското Министерство за земјоделство потврдило дека стеницата не е на македонската листа на карантински штетници и дека е распространета во Европа и регионот.

Извозниците тврделе дека Русија претерано реагирала со забрана што ги опфатила и другите растителни производи. Според тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир, Русија со ваквите мерки сака да покаже влијание бидејќи С. Македонија ги поддржа западните санкции против Русија по инвазијата врз Украина и протера руски дипломати.

Со економскиот притисок од страна на Русија, последиците по македонските земјоделци биле значителни, бидејќи во Русија се пласирале околу 15.000 – 20.000 тони консумни јаболка годишно, или приближно половина од вкупниот извоз на ова овошје, а алтернативните пазари тешко можеле брзо да го надоместат изгубениот пласман.

Меѓутоа, економските врски меѓу С. Македонија и Русија не се прекинати, и тие се особено живи во енергетскиот сектор. Интересно е што С. Македонија увезува значително повеќе од Русија отколку што извезува таму, а рускиот природен гас и натаму е главна ставка во економската размена. Изразено во бројки, увозот од Русија во С. Македонија е близу 90 милиони американски долари, а македонскиот извоз во Русија е вреден 73 милиони американски долари. Овие бројки се значително помали во споредба со 2022 и почетокот на руската инвазија врз Украина: претходно трговската размена меѓу двете земји достигнувала 470 милиони евра.

Рускиот пазар не е баш најсигурна дестинација – ниту пак национален интерес, како што апелира хаштагот од објавата на Апасиев – за „обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи“, како што се залагала Левица на средбата со руските комунисти во Москва. Токму руската страна пред 4 години, како одговор на македонската усогласеност со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ по руската воена инвазија врз Украина, одговори со забрана на македонските земјоделски производи поради бледа фитосанитарна закана.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција