Контраспин: Марјан Ѓорчев дели лекции што ЕУ „мора и треба“ да направи за нашето членство во Унијата
Ѓорчев, кој важи за неформален идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно сака да ѝ држи лекции на ЕУ, па во неговата политичка лексика често го употребува глаголскиот облик (императивот) „мора“ и „треба“ кога ѝ се обраќа на Европската Унија: „ЕУ мора да ги признае своите грешки“; „ЕУ сега треба да го промени ставот“… околу условот за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Наспроти тоа јасните се процедури на Унијата дека процесот на проширување подразбира не една или две, туку 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ
Ѓорчев, кој важи за неформален идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно сака да ѝ држи лекции на ЕУ, па во неговата политичка лексика често го употребува глаголскиот облик (императивот) „мора“ и „треба“ кога ѝ се обраќа на Европската Унија: „ЕУ мора да ги признае своите грешки“; „ЕУ сега треба да го промени ставот“… околу условот за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Наспроти тоа јасните се процедури на Унијата дека процесот на проширување подразбира не една или две, туку 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ
Пишува: Стојан Синадинов
Долгогодишниот функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ рече дека ЕУ треба „да ги признае своите грешки“ и да го прифати предлогот на актуелната власт предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој предвидува Бугарите да бидат внесени во Уставот кога земјава ќе ги заврши преговорите за членство во Унијата, односно уставни измени со одложена примена.
Спин: ЕУ мора да ги признае своите грешки, а тоа се нејзините сегашни елити, но тие нема да ги признаат, тоа го можеше да го признае Меркел. ЕУ сега треба да го промени ставот дека „да“ да гласаме во Парламентот и да ги внесеме бугарите во уставот кога ќе ги завршиме преговорите. Сега не мора да се оди и пие кафе, но нека се изведе преку фондовите. Европа треба да го промени начинот на делување, ако може Русија да преговара со САД и Европе требаше поинаку да се однесува. Ние усвојуваме европски вредности половина век, а Бугарија 37 години по нас. Сега некој затоа е член на ЕУ и само заради тоа што е член државата треба да ја разобличите за да влезете и вие во неа. Треба да влеземе стабилни во ЕУ, како Исланд да кажеме дека ќе влеземе во ЕУ ако се почитува нашата идентичност, човекови права и во земјите надвор од Макеоднија и да кажеме дали ни одговара ваквото членство или не, вели Марјан Ѓорчев во Само Вистина.
[Извор: „Само вистина“ на Канал 5 Ѓорчев: ЕУ да ги признае грешките и да го промени ставот – датум: 19.02.2025]
Контраспин: Марјан Ѓорчев, кој изминативе децении извршуваше функции како министер за земјоделие во влада на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во Собранието, градоначалник на Општина Кисела Вода и поранешен амбасадор на Северна Македонија во Софија – краток период и основач и лидер Земјоделската народна партија (формирана во 2005 по судирот на Ѓорчев со Никола Груевски за лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, а распуштена во 2006) – во емисијата „Само вистина“ искажа ставови кои претставуваат спин, односно ја извртуваат вистината за процесот на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Најнапред, Ѓорчев вели дека „ЕУ мора да ги признае своите грешки, а тоа се нејзините сегашни елити, но тие нема да ги признаат“, што е класична контрадикција (contradictio in adjecto). Потоа се повикува на извесна етичка доблест на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, веројатно асоцирајќи на нејзините мемоари „Слобода. Сеќавања 1954–2021“, во кои таа признава одредени грешки во нејзината политичка кариера. Но, едно е кога некој поранешен политичар и државник признава грешки и неуспеси во мемоарска литература, а друго се официјални државни документи.
Понатаму, Ѓорчев го повторува добро познатиот став на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ЕУ треба да го промени ставот за внесување на Бугарите во Уставот, односно тоа да се случи откако ќе ги завршиме преговорите за членство во Унијата. Ѓорчев го повторува ставот и на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој на почетокот на годинава по работниот појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија акредитирани во земјава и со евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, изјави дека „време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко“.
Ѓорчев, кој важи за неформален идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно сака да ѝ држи лекции на ЕУ, па во неговата политичка лексика често го употребува глаголскиот облик (императив) „мора“ и „треба“ кога ѝ се обраќа на Европската Унија: „ЕУ мора да ги признае своите грешки“, „ЕУ сега треба да го промени ставот“…
Сепак, не е Европската Унија страната која, карикирано кажано, бара да ѝ се приклучи, на пример, на Општина Кисела Вода со која градоначалникувал Марјан Ѓорчев, туку Република Северна Македонија веќе цели две децении бара прием за членство во ЕУ. Еврокомесарката за проширување Марта Кос неодамна ја нагласи сложеноста на процесот на проширување кој подразбира 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, па затоа е потребно избегнување на билатералните прашања кои влијаат на преговорите.
Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, повтори еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
Дури и тн. „Француски предлог плус“ – одложено дејство на уставните измени, односно нивно стапување во сила на крајот од преговарачкиот процес – како решение што го понуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот не предизвика позитивен одѕив во Брисел.
Иако ставот на ЕУ за уставните промени како услов без кој Северна Македонија не може да ги започне преговорите за членство во Унијата е јасен, Ѓорчев спинува дека „не сме можеле да влеземе во ЕУ со наведната глава“.
Не можеме да влеземе таму, како да ви кажам, со ползење, туку како сите други членки, како што влегоа Бугарија и Романија, да кажам, неподготвени за Европската Унија во 2007 година, вели Ѓорчев.
Тој смета дека под сегашните услови државата ќе биде разнебитена и децидно вели дека не траба да спроведеме уставни измени:
Зошто да потпишеме уставни сега за да започнеме преговори кога не знаеме што ќе биде со Европската Унија денес? Европската Унија не знае што ќе биде со Грузија, Грузија им кажа црвен картон, ги замрзнуваме европските преговори до 2027, новата грузиска власт, со поддршка на народот… Грузија е достоинствена држава, ги замрзна преговорите? Ги замрзна затоа што не им одговараат сега, имаат територијални проблеми, ја имаат Абхазија, ја имаат Осетија, имаат проблеми… Украина треба да знае дека е светлосни години зад Македонија, Молдавија треба да знае дека е светлосни години зад Македонија, и по корупција, и по криминал, и по територијална целовитост..., се дел од поентите на Ѓорчев.
Наспроти спинот на Ѓорчев, на неодамнешните парламентарни избори во Грузија, на кои победи владејачката, проруски ориентирана партија Грузиски сон, имаше руско влијание.
Грузија сè уште се смета за земја во развој, но борбата за т.н. традиционални вредности партијата Грузиски сон ја третира приоритетно, како земјата да нема други грижи, анализира Дојче веле. Грузија го донесе анти-квир законот по рускиот пример за наводна заштита на семејните вредности и на малолетниците. Во соседна Русија со години е во сила законот за т.н. геј пропаганда. Грузија го усвои и „рускиот“ закон за т.н. странски агенти, кој пропишува организации кои добиваат одреден дел од средствата за нивно финансирање од странство, да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Заради законот за агенти беа замрзнати пристапните преговори на Грузија, откако ЕУ ѝ додели на земјата кандидатски статус само шест месеци претходно, дебанкираше „Вистиномер“.
Ѓорчев и во овој дел од дебатата во „Само вистина“ спинува, овој пат околу наводната поддршка од народот на новата грузиска власт да ги замрзне преговорите за членство во ЕУ.
Анкетата на НДИ спроведена во декември 2023 година ја покажува посветеноста на народот на Грузија кон европската интеграција со импресивни 79 проценти од испитаниците што изразиле поддршка за членство во ЕУ. Анкетата на ИРИ од април 2023 година покажува дека кога биле прашани за ЕУ, 89 проценти од Грузијците или изразиле „целосна поддршка“ или „некаква поддршка“ за приклучување кон ЕУ.
И, иако С. Македонија треба да ја исполни обврската за промена на Уставот за да продолжи по евроинтегративната траекторија, Марјан Ѓорчев спинува дека ЕУ е страната која „мора“ и „треба“ да направи нешто околу започнување на преговорите за членство во Унијата на Северна Македонија. Процедурите на Унијата за процесот на проширување се јасни и тие подразбираат не една или две, туку 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар