Kонтраспин: Маркетиншко бранење на името од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за сметка на тетовчани

Општина Тетово. Фото: МЕТА

 

Кога некој е искрено влезен во политиката за повисока цел – да помогне неговотo општество да живее подобро, во случајот советниците да помогнат нивните граѓани во Општината да живеат подобро – тогаш не може да си дозволи да напушти расправа за најважното нешто, парите со кои ќе се спроведуваат политиките. Без оглед дали станува збор за власт или опозиција

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Изјавата за причините за напуштање на седница на Општина Тетово, на која се расправало за буџетот за 2020 година, ја сметаме за извртена вистина, т.е. спин:

Спин: Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска побаравме од претседавачот на Советот да ја изземе точката за промена на Статутот, со која беше предвидено да се промени името на Република Македонија со додавање на придавката Северна. За жал, за ова не добивме поддршка од ниту еден друг советник. Индикативно е тоа што токму денеска оваа точка се става на дневен ред, кога треба да се расправа и усвои буџетот на Општината, на што ние имавме да дадеме конструктивни забелешки. Имајќи предвид дека на сите им е познат ставот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да учествува во промената на името, ова е направено само за да не учествуваме во расправата за општинскиот буџет. Поради ова, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти работата на денешната седница на Советот на Општина Тетово, изјави Александар Вељаноски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

[Извор: СДК – Вест за усвојување на буџетот на Тетово – датум: 26.12.2019]

 

КОНТРАСПИН:

Општата јавност во земјава не мора да е во детали запозната со проблемите на Општина Тетово, ама по нешто начула. На пример, за проблемот со дивоградбите, за проблемот со загадувањето, за проблемот со третирањето на отпадот, за проблемот со водата, за неасфалтирани улици и паркинг простор, за немање јавен превоз при повеќегодишно постоење на јавно претпријате за тоа, за подвоеното образование на децата Македонци и Албанци, итн.

Тетовочани сигурно во детали си ги знаат сите „мал милион“ проблеми во градот и Општината, а особено знаат дека за да се решат плаќаат даноци од кои потоа се финансира и нивната локална самоуправа со 1,8 милијарди денари или околу 29,3 милиони евра!

Кога некој е искрено влезен во политиката за повисока цел – да помогне неговото општество да живее подобро, во случајот советниците да помогнат нивните граѓани во Општината да живеат подобро – тогаш не може да си дозволи да напушти расправа за најважното нешто, парите со кои ќе се спроведуваат политиките. Без оглед дали станува збор за власт или опозиција. И власта и опозицијата треба да покажат максимална сериозност кога станува збор за планирање како ќе се собираат и ќе се трошат јавните пари.

Оттука, напуштање на седницата на Советот на Општина Тетово, на која се расправаше за буџетот за 2020 година, од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека не можеле да учествуваат во расправа за измени на Статутот на Општината во кој требало да се вметне името Република Северна Македонија, е спин.

Извртувањето на вистината или спинувањето, може да се поврзе со претстојните предвремени парламентарни избори, на кои една од главните теми ќе биде и понудата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе интервенира во Преспанскиот договор, т.е. дека ќе го враќа името на државата ако освои две третини од пратениците во Собранието. Согласно таа стратегија, билдањето на рејтингот се прави и во базата, т.е. овој пат на локално ниво, од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, за разлика од „централата“, која, сепак, учествуваше во расправата за Буџетот на Република Северна Македонија и со тоа покажа елементарна одговорност кон јавните пари, советниците во Тетово тоа не го сторија, а сето тоа оди на конто на граѓаните. Бидејќи, макар и со еден усвоен амандман да помогнеле порационално да се трошат парите во Општината, тие со тоа би им помогнале на сите граѓани во заедницата. Па, дури и да не им усвоеле ниту еден. Тогаш ќе можеа да ја подигнат јавната свест кај тетовчани дека власта е глува за предлозите на опозицијата.

Конечно, ако нивното залагање како советничката група да не учествуваат во промената на името е толку цврсто, тогаш со самото натамошно учество во Советот, кој веќе го изгласа буџетот, го променил и Статутот, а тие најверојатно ќе присуствуваат на првата наредна седница по Нова Година, советниците, де факто, повторно учествуваат во целиот процес.

Поради погоренаведените аргументи, може да се оцени дека образложението зошто советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштила расправата за буџетот на седницата на Советот на Општина Тетово, е извртување на вистината или спин.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција