Контраспин: Медицинскиот отпад нема партиски мирис – тој што е на власт, тој е одговорен

Фото: скриншот

Растот на „Еко клуб“ и подемот на нејзиниот сопственик Сашо Јанакиевски, можеби се дело и на владата на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски, но со оваа компанија договори за трошење јавни пари склучувале и Андреј Жерновски (во 2016 г) и други директори на јавни установи во времето на владеењето на СДСМ од 2017 до денес. А, кој ги троши јавните пари, тој е одговорен и за контролата дали тие се трошат правилно и без да се загрозува животната средина

Растот на „Еко клуб“ и подемот на нејзиниот сопственик Сашо Јанакиевски, можеби се дело и на владата на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски, но со оваа компанија договори за трошење јавни пари склучувале и Андреј Жерновски (во 2016 г) и други директори на јавни установи во времето на владеењето на СДСМ од 2017 до денес. А, кој ги троши јавните пари, тој е одговорен и за контролата дали тие се трошат правилно и без да се загрозува животната средина

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во меѓусебно препукување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во врска со скандалот со медициснкиот отпад, кај партијата на власт се препознава спин во нејзината контрареакција:

Спин: Вистината е дека неодговорното однесување на Сашо Јанакиевски од „Еко клуб“ е последица на режимското владеење на Никола Груевски и неговите реалции со ВМРО-ДПМНЕ. Токму ВМРО-ДПМНЕ преку свои кадри свесно ги труел граѓаните, а денес оваа партија предводена од Мицкоски ги брани ставовите на криминалецот во бегство Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ е единсветниот виновник за тоа што со години се загрозувала животната средина преку несоодветно третиран опасен отпад. Овој случај мора да добие правна разрешница, никој не смее да го загрозува здравјето на граѓаните.

[Извор: СДСМ/веб страна- соопштение – датум: 06.02.2020]

 

 

Контраспин: Како одговор на ставовите во јавноста, изнесени од ВМРО-ДПМНЕ во врска со аферата со нетретиран медицински отпад од фирмата „Еко клуб“, кој, пак, бил затекнат во кругот на поранешниот гигант МЗТ, а во кои за состојбота се обвинуваат Петре Шилегов, Венко Филипче и Јани Макрадули, СДСМ возвраќа со извртена вистина дека целата состојба е дело на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, а дека Христијан Мицкоски само верно ги следи постапките на Груевски и ги брани неговите ставови.

Зошто ваквото „третирање на вистината“ е спин? Иако, за случајов спинува и ВМРО-ДПМНЕ во нивното соопштение, СДСМ не смее да заборави и да ја извртува работата во своја полза со целосно отфрлање на одговорноста што ја имаат како партија која е мнозинство и во законодавната и во извршната власт. Ако ништо друго, затоа што во случајов имаат барем еден силен адут. Човек од врвот на СДСМ и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, прв го пријави случајот.

Наместо тоа, СДСМ целата вина за работењето на „Еко клуб“ и на Сашо Јанакиевски – за кој вчера јавноста дозна дека не е веќе мнозински сопственик на компанијата, ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ, заборавајќи дека 2 години и 7 месеци, сите контролни полуги на централната власт се во рацете на коалициската влада на СДСМ и на ДУИ, а нешто малку пократко време истото важи и за локалната власт.

Зошто дури сега Министерството за животна средина и просторно планирање ќе извршува вонредни контроли на дозоволите што ги имаат четири-пет компании за транспорт и третман на медицинскиот отпад? Зарем по промената на власта немало потреба од таква една вонредна мерка со оглед на тоа што станува збор за опасен тип на отпад, чие несоодветно третирање може да предизвика пошироки последици по здравејето на луѓето и животната средина? Зошто шефот на државниот инспекторат за животна средина пред медиумите се чуди што барал и како Град Скопје ги обезбедил снимките? Се разбира дека претставници од Градот може да направат увид каде што сакаат на територијата на градот, а инспекторот треба да објасни зошто тие не ја виделе состојбата, ако биле речиси во исто време на терен?

Конечно, СДСМ не треба да заборави дека дел од медиумите пишувале за профилот на компанијата пред и по смената на власта. Како што може да се види од истражувањето објавено во Фокус уште јуни 2018 година, оваа компанија склучувала и натаму договори и во Скопје и во Битола и по смената и на централната и на локалната власт, а тоа продолжило и во 2019 година, како што пишува Плус инфо.

Затоа, растот на „Еко клуб“ и подемот на нејзиниот сопственик Јанакиевски, можеби се дело и на владата на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски, но со оваа компанија договори за трошење јавни пари склучувале и Жерновски и други директори на јавни установи во времето на владеењето на СДСМ, од 2017 до денес. А, кој ги троши јавните пари, тој е одговорен и за контролата дали тие јавни пари се трошат правилно и без да се загрозува животната средина.

Оттука, одговорноста за ова што се случува сега е на институциите кои се под управа на СДСМ и на ДУИ, а тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ е единстветниот виновник за тоа што со години се загрозувала животната средина преку несоодветно третиран опасен отпад е спин. Зашто не е единствениот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.