Контраспин: Мицкоски да поднесе докази со кои Комисијата за заразни болести ќе се најде на обвинителна клупа

Христијан Мицкоски. Фото: принтскрин

Ако е така како што тврди Мицкоски, дека членовите на Комисјата ја напуштиле Хипократовата заклетва, тогаш не станува збор само за прашањето за разрешување на Комисијата и именување нова. Во таков случај Комисијата би требало да одговара пред законот за опасно загрозување на јавното здравје на граѓаните, преку истрага на ЈО и консеквентно, поднесување обвиненија. Но, Мицкоски, не даде ниту еден аргумент во таа насока

Ако е така како што тврди Мицкоски, дека членовите на Комисјата ја напуштиле Хипократовата заклетва, тогаш не станува збор само за прашањето за разрешување на Комисијата и именување нова. Во таков случај Комисијата би требало да одговара пред законот за опасно загрозување на јавното здравје на граѓаните, преку истрага на ЈО и консеквентно, поднесување обвиненија. Но, Мицкоски, не даде ниту еден аргумент во таа насока

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

На прес конференција одржана на 30.05.2020, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава за Комисјата за заразни болести, која може да се оцени како спин:

Спин: Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. И, да, точно е, јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори, поставени од оваа власт, предводени од докторот со политички амбиции, Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот, кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација.
Затоа, мора да биде разрешена оваа Комисија и да се формира тело од непартиски професионалци, кои нема да се водат од политичките, туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кои народот ќе биде сигурен.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски, прес – датум: 30.05.2020]

 

 

Контраспин: Христијан Мицкоски, со последниот напад и барање оставка од Комисијата за заразни болести, говори со извртување на вистината и спин, како што, впрочем, тоа го прави прилично често кога станува збор за изјави поврзани со корона вирусот.

Спинот на Мицкоски се состои од фактот што во нападот и барањето оставка тој не понуди ниту еден факт со кој јавноста би имала увереност дека јавниот настап на политичарот Мицкоски е аргументиран. Внатре во изјавата има уште еден помал спин, а тоа е кога вели „дека на почетокот дадовме поддршка за нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократовата заклетва…“. Тоа е само делумно точно, затоа што повеќето од секојдневните напади врз политичко-здравствените власти, што доаѓаа од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се однесуваат и на мерките на Комисијата. Единствена јасна поддршка, што јавноста ја виде, беше во она искрено обраќање од моментот кога завршуваше неговата самоизолација, на три дена пред Велигден, кога Мицкоски порача за празниците да се почитуваат препораките.

 

Нема доказ за работа под политичка нарачка

Но, да се вратиме на фактите околу работењето на Комисијата. Не постои ама баш ниту еден релеватен доказ дека Комисијата работела по политичка нарачка од Заев, од СДСМ или од кој било друг. Најголем доказ за тоа е фактот што освен еднаш, за времетраењето на карантинот за викендот кога се одбележуваа верските празници Рамазан Бајрам и Св. Кирил и Методиј, политичката власт секогаш ги спроведуваше во одлуки и мерки, во целост, препораките на Комисијата. Силен факт е и тоа што од високи претставници на СЗО, потоа и од наши доктори што работат во странство, а кои даваа изјави низ домашните медиуми, никој не искажа ниту една забелешка за главните мерки и препораки на Комисијата.

Се разбира, никој не тврди дека членовите на Комисијата и нејзините препораки биле стопроцентно и секогаш исправни. Но, во најголемиот дел да. Може Мицкоски или експерти да дебатираат дали треба или не треба масовно тестирање во фазите на епидемијата 1, 2, 3 и 4, каква што е последната, четвртата, сега во Скопје и во скопските општини. Може, исто така, да се дебатира дали во тие фази алгоритмот за тестирање бил во ред или можело порано да се направат некои измени во прашалникот, какви што се воведоа од пред една недела. Може да се дебатира и дали била исправна мерката полицискиот час да започнува во 16 часот или 19 часот, варијации на кои јавноста беше сведок едно време…

Па, сепак, реалноста покажа дека ограничувањето на движењето, посебно и на возрасните лица, како и строга примена на мерките за самозаштита, се единствени докажани мерки што функционираат. Тука, се разбира, спаѓа и дебатата дали минатата недела требаше веднаш и во целост да се отстрани полицискиот час и токму тогаш да се отворат угостителските објекти со работно време до 22 часот. Но, сето тоа се прашања за стручна дебата, а Комисијата, од своја страна, повеќепати истакнуваше од кои параметри се водела во предлагањето токму на тие мерки, а не на некои други. Конечно, овој втор пик, на кој сме сведоци деновиве, а на кој предупредуваше и СЗО, не е поради олабавување на мерките што се случија минатиот четврток (пред 4 дена), туку на непочитување на мерките кога рестрикциите сè уште беа на сила.

 

Напуштање на Хипократовата заклетва е најсериозно обвинување

И бидејќи од стручната јавност нема некои покрупни забелешки, освен за времетраењето на некоја од мерките или за моменталното целосно укинување на полицискиот час – мислења на д-р Наум Пановски, а има општа согласност дека најголемиот дел од клучните мерки се исправни, се соодветно избрани, се по препорака на СЗО и се речиси идентични со земјите во цел свет и во регионот, станува појасно дека крупни забелешки за стручната работа на Комисијата нема.

Ако нема поголеми стручни забелешки, а има обвинување дека членовите на Комисијата работеле по партиски диктат, а притоа не се нуди ниту еден аргумент, тогаш постои основа да се заклучи дека тврдењето на Мицкоски од тој тип е извртена вистина, т.е. спин.

Спинот, патем, воопшто не е безопасен. Ако е така како што тврди Мицкоски, тогаш не станува збор само за прашањето за разрешување на Комисијата и именување нова, што среде епидемија би бил мошне ризичен потег. Ако е точно тоа што го зборува Мицкоски, тогаш Комисијата би требало да одговара пред законот за опасно загрозување на јавното здравје на граѓаните, преку истрага на Јавното обвинителство и консеквентно, поднесување обвиненија против членовите, кои што, според Мицкоски, ја напуштиле Хипократовата заклетва.

Оттука, или Мицкоски нека изнесе докази и нека го пријави случајот во ЈО (дури и не мора, тоа може по постапува по допрен глас во јавноста), или, во спротивно, треба да се соочи со јавноста и да ѝ појасни зошто пласира извртени вистини, т.е. спин за работењето на луѓето што ја сочинуваат Комисијата за заразни болести.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција