Контраспин: Мицкоски дава изјави како во „најдобрите“ денови од комунизмот

Христијан Мицкоски. Фото: веб на ВМРО-ДПМНЕ

Зошто Мицкоски си дозволува да спинува за инцидентот со дуќанот на Мисајловски? Затоа што традицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за жал и на другите партии во земјава, говори дека во предизборна кампања може сè и сешто да се каже. Но тоа е, сепак, спин. Исто како што би било спин да се каже дека „врз основа на индиции, ВМРО-ДПМНЕ сам подметнал екплозивна направа, за предизборни поени врз основа на емотивна карта кај гласачите“

 

Зошто Мицкоски си дозволува да спинува за инцидентот со дуќанот на Мисајловски? Затоа што традицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за жал и на другите партии во земјава, говори дека во предизборна кампања може сè и сешто да се каже. Но тоа е, сепак, спин. Исто како што би било спин да се каже дека „врз основа на индиции, ВМРО-ДПМНЕ сам подметнал екплозивна направа, за предизборни поени врз основа на емотивна карта кај гласачите“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со инцидентот на угостителски објект во сопственост на потпретседателот на партијата, даде изјави во кои се детектира спин:

Спин: Вистинското лице на власта е она кое се случило утринава во Ѓорче Петров каде е фрлена експлозивна направа во семејниот дуќан коj е во сопственост со децении на семејството Мисајловски. Овде не се работи за „случаен” пожар каков му се случи на Владо Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова.

 

[Извор: 360 Степени – Мицкоски: СДСМ е одговорен... – датум: 21.06.2020]

 

 

Контраспин: Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, два пати во текот на 21.06.2020 дава изјави со извртување на вистината околу тоа кој е одговорен за инцидентот во скопската општина Ѓорче Петров во дуќанот на потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.

Како во „најдобрите“ денови од комунизмот, Мицкоски изјавата ја даде небаре е шеф на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија (ЦК СКМ), по што полицијата веднаш (треба да) ги апси сторителите – неријатели на уставниот поредок и посветлата иднина. Во постот, објавен на неговата официјална страница на Фејсбук, Мицкоски, да ја подзасили предизборната реторика уште вели:

И ова е израз на целосна немоќ, страв од пораз и тотална забеганост. Во таква една специфична состојба за нив, тие атакуваат врз слободата и интегритетот на првите лица на опозицијата. Ќе потсетам дека и Игор Дурловски беше вербално нападнат од советник на премиерот. Ова раководство на владејачката партија е свесно дека губи и дека им нема спас, ова е крик на очајни луѓе кои прават сè за да не одговараат пред лицето на правдата.

На ова следеше помалку или повеќе експресна реакција на „обвинетите сторители“ – СДСМ. Во реакцијата на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, многу јасно се изразува жалење и осуда за таквиот настан, но и контраобвинување дека станува збор за лажна вест пласирана од ВМРО-ДПМНЕ:

Уште еднаш ќе повторам станува збор за лажни вести и го повикувам Мицкоски да каже од каде му е таквата информација. Дополнително, затоа што сме сигурни за она што го кажуваме, го повикуваме МВР да го истражи случајот и да ја потврди лажната вест на Христијан Мицкоски.

Подоцна во текот на попладнето, по ваквата реакција на СДСМ, Мицкоски од Куманово се обиде да го ублажи речникот, веќе нема директно обвинување кој стои зад настанот со име и презиме, а на повикот од СДСМ да ги каже информациите што ги има, споменува збор „индиции“:

Уште утрово заедно со Владо имавме една дискусија, разговаравме за тоа што се случило. Детално ме информираше и во моментот кога тој и негово семејство дознаа, бев информиран за тоа што се случило таму. Индициите се дека ги знаеме сторителите врз основа на информациите патувајќи наваму во Куманово, има индиции за сторителите, го охрабрувам МВР, надлежните и СВР Скопје и останатите што побрзо да го расветлат ова недело.

Но, ако се погледне реториката веднаш по оваа реченица, сосема е јасно дека Мицкоски и натаму, без споменување на СДСМ, ги обвинува токму нив, но, згора на сè, предупредува дека е можно да има возвратни акции, во стилот, „што би било ако и другите (може да се чита и ние) правиме така“:

Ова не е добро затоа што во физиката има еден закон, Њутнов закон кој вели секоја акција има и своја реакција. Ако на секоја нивна акција следи ваква реакција, иста најмалку по интензитет, но спротивно насочена, ќе биде лошо. Ќе биде лошо за Македонија, ќе биде лошо и за предизвиците кои следат за државата. Треба да отпочнеме преговори со ЕУ, треба Македонија еден ден да биде членка на ЕУ.

А, што соопшти во првиот момент полицијата? Само технички детали и ништо друго, како што впрочем и треба да биде. Настанот е јавно нотиран и е соопштено дека има сомневање дека станувало збор за експлозивна направа.

Тогаш, како може Мицкоски на два пати, еднаш директно, еднаш индиректно да пласира во јавноста извртена вистина (бидејќи сторителите не се утврдени).т.е. спин, дека зад инцидентот стои СДСМ? Може, зашто традицијата на неговата партија, но и генерално на политичките партии во земјава, зборуваат дека во предизборна кампања може да се говори сè и сешто. Но, тоа сепак е спин. Зашто, тоа е исто како што некој друг или јавноста, може да кажат дека „врз основа на индиции, ВМРО-ДПМНЕ сама си ја подметнала експлозивната направа, само за да собере предизборен поен плус“.

Оттука, нема сомневање дека изјавите на Мицкоски што се предмет на оваа оценка, во моментот кога се изговорени, се спинови. Во земјава сè уште постојат легални и легитмини органи и институции, кои се единствено меродавни, врз основа на цврсти докази, да утврдат кои се сторители на вакви инциденти и со каква позадина. Па, макар на нивно чело или дотолку повеќе, да стои кадарот на Мицкоски, Наќе Чулев.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.