Контраспин: Мицкоски доказите за профитерство да ги достави веднаш – сè друго е спин

Х. Мицкоски. Фото: META/А. Мехмети

 

 

Единственото нешто што треба да го направи Мицкоски, под број еден, е да ги достави доказите за профитерството со хуманитарните летови, со архивско бројче по процедура, во Јавното обвинителство, а под број два, да соопшти дека тоа го направил и во јавноста да изнесе барем неколку факти за тоа што го тврди – за основаното сомневање за профитерство. Сè друго е спин, какви што беа спиновите и за цените на респираторите од Бразил и за цените на тестовите за корона вирусот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која има тврдење за профитерство за време на вонредната состојба, се препознава спин:

Спин: Доказите со кои располагам ќе ги доставам до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта и принципот “трас-трас” воспоставен од Зоран Заев, а дотогаш јас бурно ќе реагирам за секоја информација од која се гледа дека некој се богати на грбот на измачениот народ. Очигледно криминалците остануваат тоа и во редовна, и во вонредна состојба“

[Извор: МКД.мк / Фејсбук – Изјава на Х. Мицкоски – датум: 29.03.2020]

 

 

КОНТРАСПИН:

Подолг период ВМРО-ДПМНЕ преку своите челници го пласира во јавноста и тврдењето дека поединци од Владата, Владата во целост (плус Зоран Заев и СДСМ) освен што се неспособни, прават во овие времиња на „корона криза“ и профитерство врз грбот на граѓаните, преку јавните набавки и слично. Овие тврдења за профитерство, кои во речникот на партијата и нејзините челници се означени како „воено профитерство“, досега се поткрепени или со полуфакти или со ништо – само нивниот збор.

Такво тврдење беше изнесено вчера на 29.03.2020, а во врска со организирањето на хуманитарните летови за македонски државјани од странство, при што, тврдењето и реакцијата на Мицкоски беа објавени на веб страната на Владата и на службениот ФБ профил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, при што повторно само зборови и ниту еден факт.

Главното образложение на Мицкоски за доказите со кои располага дека Владата и генералниот секретар Драги Рашковски профитираат на хуманитарните летови беше:

Доказите со кои располагам ќе ги доставам до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта и принципот “трас-трас” воспоставен од Зоран Заев…

Првото прашање што го наметнува здравата логика е, кога судството и обвинителството ќе се ослободат од стегите во кои, еве да речеме, навистина се наоѓаат и кој ќе ги ослободи? Под претпоставка да победи на следните избори кои би се одржале годинава, колку време ќе му треба на ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи од стегите? А, што ако не победи и не формира Влада? Тогаш судството и обвинителството ќе остане под стеги, како што вели Мицкоски и доказите со кои располага ќе ги изеде „помрачина“, т.е ќе останат засекогаш во некои фиоки во „Белиот дворец“?….

Сето ова упатува на основано сомневање, што би рекол Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, дека докази и нема. Но, да се држиме до фактите. Мицкоски вели дека имаат докази.

За да не остане сомнеж, единственото нешто што треба да го направи, под број еден, е да ги достави тие докази, со архивско бројче по процедура, во Јавното обвинителство, а под број два, да соопшти дека тоа го направил и во јавноста да изнесе барем неколку факти за тоа што го тврди – за основаното сомневање.

На тој начин и ЈО, кое е под стеги, како што тврди, и јавноста (граѓаните и медиумите), и стручната јавност (експертите по дадената област), ќе можат ем да проверуваат, ем да вршат заемен притисок до ЈО дека предметот ќе биде сериозно третиран.

Во спротивно, ова е спин (можната клевета не нè интересира, ама ширењето дезинформации што може да доведат и до потешки последици – да), како што беа спин и „аферата“ со цената на респираторите од Бразил или цените на тестовите кои државата ги купувала по 4.900 денари, а во приватното здравство чинеле 1500, не изнесувајќи ги притоа основните факти во целост и контекстот, ниту за првото, ниту за второто.

Оттука, тврдењето на Мицкоски дека има докази за профитерство од страна на Рашкоски и Владата околу цената на превозот на хуманитарните летови, ама тие докази ќе ги изнел во некое друго време пред институциите, може да се оцени како несомнен спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција