Контраспин: Мицкоски ги користи професорите од Правен како „жив штит“

Х. Мицкоски. Фото: принтскрин

 

ВМРО-ДПМНЕ за последните две и пол години, како функционална опозиција, цело време учествувала во партиски преговори за битни законски решенија, вклучувајќи ги и трите верзии на Законот за јавно обивнителство во изминатата година. Оттука, ставањето услов дека ќе го гласаат законот само ако го напишат шест точно посочени професори од Правниот факултет во Скопје, повеќе личи на користење на професорите како „жив штит“ од одговорноста пред јавноста за вистинските причини зошто ВМРО-ДПМНЕ е против законското решение

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одржа прес-конференција околу судбината на Законот за јавно обвинителство, при што може да препознае следното извртување на вистината:

Спин: Македонија не смее повеќе да биде заложник на партиските интереси, суетите на одредени министри и стравот на Заев од соочување со одговорност.

ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски Закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам Законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет, кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализамот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ веб страна/ Мицкоски прес – датум: 04.02.2020]

Контраспин:

Според изјавите на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, важните закони во државата не смеат да бидат партиски производи, туку производи  на експерти за кои партиите ќе имаат консензус(!?) и токму затоа нема да ја потпишат последната верзија на новиот Закон за ЈО, туку верзија што ќе ја изготвеле 6 професори од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, кажани по име и презиме. Ова е извртување на вистината, т.е. спин.

Ако ВМРО-ДПМНЕ како партија имаше ваков став одамна, одамна требаше и да го соопшти. Наместо тоа, оваа партија, номинирајќи по неколу лица во преговарачаките групи, со месеци потроши време за да преговара за вакви или онакви решенија за Законот за јавното обвинителство, при што буквално во секоја верзија или на секоја средба, најмногу забалешки имаа за една иста точка – судбината на старите предмети од СЈО, покренати на ниво на предистрага, истрага или обвинение по 30.06.2017 година и судбината на обвинителите од СЈО.

Многу помалку беа заинтересирани за начинот на избор на прв човек на ЈО, а за начинот на  устројството на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција беа заинтересирани од два аспекта – да не биде по можност Вилма Рускоска и по можност да не добие повеќе финансиски средства од другите обвинителства (читај да не биде поефикасно), со оправдување дека тоа ќе биде неуставно поради нееднаков третман.

Затоа, ако имале ваков став, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ требаше да го соопштат многу поодамна. Уште кога почнаа првите разидувања меѓу експертската јавност и власта околу пишувањето и примената на Стратегијата за реформи во правосудството на крајот од 2017 г. и почетокот на 2018 година. Оттогаш тие прифатија цела серија партиски договарања и преговори за низа важни закони од оваа област: Закон за судови, Закон за Судски совет, Закон за Академија за судии и обвинители, Закон за следење на комунакциите, формирањето на ОТА, трансформацијата на УБК во АНБ, Закон за заштита и превенција на корупцијата, итн, итн. Во сите овие законски решенија беа вградени партиските пазарења, при што во секое од овие решенија се уриваше по некој став на експертите и се правеа отстапки на сметка на квалитетот на законското решение… Се разбира, со дозвола и од СДСМ. И сега, одеднаш, ние ќе прифатиме каков било закон, ама ако го напишат само овие 6 посочени професори. Зашто Македонија не смеела да биде заложник на суетите на министрите и на партиските интереси…

Поради погоре наведените аргументи, т.е. дека ВМРО-ДПМНЕ постојано се пазарел за битните законски решенија без оглед на ставовите на експертската јавност, вклучувајќи ги и трите верзии на Законот за јавно обивнителство, може да се каже дека поставениот услов со шесте точно посочени професори, е извртувањето на вистината, т.е. спин. Повеќе се чини дека Мицкоски ги користи шесте наведени професори, со нивно знаење или без, како жив штит, т.е. да ја избегне одговорноста пред јавноста за (не)носење на Законот за ЈО.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.