Контраспин: Мицкоски го искористи инцидентот на протестите за собирање политички поени

Мицкоски, кој тврди дека имал закани по својата безбедност и претходно, спинува кога со сигурност вели дека намерата на вооруженото лице на вчерашните протести била да го убие токму него. Сето ова може да се протолкува како искористување на инцидентот за собирање политички поени, дефокус на јавноста и можност на Мицкоски, преку спинувања, да ја донесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на случувањата. Тоа впрочем се покажа и во понатамошните излагања, односно од известувања за незадоволството од францускиот предлог, дебатата во јавноста комплетно се сврте и се фокусираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за обид за негов атентат, а дополнително се засили кога градоначалничката Арсовска го разреши од функцијата братот на вооруженото лице на вчерашните протести

Мицкоски, кој тврди дека имал закани по својата безбедност и претходно, спинува кога со сигурност вели дека намерата на вооруженото лице на вчерашните протести била да го убие токму него. Сето ова може да се протолкува како искористување на инцидентот за собирање политички поени, дефокус на јавноста и можност на Мицкоски, преку спинувања, да ја донесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на случувањата. Тоа, впрочем, се покажа и во понатамошните излагања, односно од известувања за незадоволството од францускиот предлог, дебатата во јавноста комплетно се сврте и се фокусираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за обид за негов атентат, а дополнително се засили кога градоначалничката Арсовска го разреши од функцијата братот на вооруженото лице на вчерашните протести

 

Пишува: Мери Јордановска

 

По вчерашниот инцидент на протестите против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, кога на плоштадот Скендербег лицето Е.Ј. (40) извади пиштол и испука неколку куршуми, а дојде и до поголем судир меѓу групата и демонстрантите, на социјалната мрежа Фејсбук се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со тврдење дека станува збор за човек кој вечерта требало да го убие токму него. Со оглед на тоа што за ова тврдење не постојат никакви докази кои би укажувале на такво нешто, а со оглед и на она што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го изнесе по протестите на прес-конференција вчера, во 22 часот, дека станува збор за дело на политичките партии на власт, неговата изјава може да се карактеризира како спин, од причини кои ги изнесуваме во рамките на текстот.

Спин:

[Извор: Фејсбук профил на Христијан Мицкоски, – датум: 06.07.2022]

Контраспин: На вчерашните, петти по ред протести против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, а додека демонстрантите се движеа покрај трговскиот центар „Мавровка“ и плоштадот Скендербег, настана инцидент кога лица од албанска етничка припадност се судрија со дел од демонстрантите. Едно од лицата носеше пиштол и на снимките, кои се проширија на социјалните мрежи, се гледа дека лицето испукува неколку куршуми. Подоцна, лицето беше приведено, а неговиот брат, Зуди Енези, в.д. директор на ЈП Комунална хигиена од редовите на Алијансата за Албанците (коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ), беше разрешен од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Уште пред да биде приведено лицето, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека ова лице требало да го убие токму него и ја повика полицијата да го уапси.

На прес-конференцијата, која по завршувањето на протестите ја одржа Мицкоски, тој фактички се демантираше самиот себе, а до некој степен и призна дека ја спинувал оваа информација.

Како прво, Мицкоски, доколку бил сигурен дека извесно лице пукало во него и имало намера да го убие, случајот би требало да го пријави во Министерството за внатрешни работи. Тој, на прес-конференцијата самиот призна дека одлучил да не го пријавува случајот во полиција (11 минута од видеото). Доколку едно лице се соочува со сериозни закани по својата безбедност, а и ако имало обид за негово убиство, тогаш несомнено истото би требало веднаш да се пријави во МВР, дотолку повеќе што на лице место на протестите имаше огромен број полициски припадници.

Сè што сум добивал како закани изминатиов период, до пред една година, сум ги пријавувал каде требало. Никој не постапуваше и кренав раце. Не пријавувам, бидејќи немам ништо повратно од тоа што пријавував, рече Мицкоски.

Како второ, Мицкоски самата прес-конференција, а откако го објави статусот на Фејсбук, ја започна со зборовите дека „некој можел да биде убиен, мајка со дете, пензионер, било кој граѓанин, па дури и тој самиот“ (2.30 минута од видеото). Ова значи дека не бил сигурен дека „мета“ на вооруженото лице е токму тој, иако тоа го изнесува како ноторен факт преку својот статус на Фејсбук, со што себе се става во центарот на вниманието.

Вечерва се случи тежок инцидент, кој по сите параметри е класична полициска монтажа, чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство. И ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо друго освен борба за власт, функции, на партиите кои се дел од Владата. Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост, освен борба за власт, рече тој.

Како трето, во својот говор, на прес-конференцијата Мицкоски ја обвинува власта дека стои зад „класична полициска монтажа“, карактеризирајќи го вооруженото лице како човек со тесни врски со власта и дека соработува со неа. Но, на новинарското прашање зошто (со оглед на тоа што братот на вооруженото лице е од АА), лице поврзано со коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ би сакал да му изврши атентат, тој кратко одговара, односно не одговара.

Ова се пораки на обединување, заедништво и на смиреност. И претпоставувам слушнавте дека изминатиов период подолго време добивам информации за тоа што треба да се случи или ќе се случи. И немам проблем со тоа. Еден е Кристијан, и да е тука и да не е тука, ќе дојде некој друг. Но, народот нема да се повлече, одиме до крај, вели тој во 9.30 минута од видеото.

Уште еднаш следува новинарско прашање како е сигурен дека лицето сакало да го убие и истото го прикажува како ноторен факт, Мицкоски повторно го избегнува одговорот, велејќи дека не сака да ја политизира работата, иако во текот на целата прес-конференција ја обвинува власта дека е виновна за инцидентот.

Да не ја политизираме работата, најмалку што сега треба е да политизираме. Денеска јас не зборувам со политички, туку со човечки речник. Денеска упатив порака за обединување, да бидеме над политиката и над оние политичари кои повикуваа за меѓуетнички тензии во Македонија. Дали лицето е член на партија или не, тоа не ме интересира, вели Мицкоски во 10.37 минута од видеото.

Од овие причини, може да се констатира дека Мицкоски, кој тврди дека имал закани по својата безбедност и претходно, спинува кога на социјалните мрежи вели дека намерата на вооруженото лице била да го убие токму него. Сето ова може да се протолкува како искористување на инцидентот за собирање политички поени, дефокус на јавноста и можност на Мицкоски, преку спинувања, да ја донесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на случувањата. Тоа, впрочем, се покажа и во понатамошните излагања, односно од известувања за незадоволството од францускиот предлог, дебатата во јавноста комплетно се сврте и се фокусираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за обид за негов атентат, а дополнително се засили кога градоначалничката Арсовска го разреши од функцијата братот на вооруженото лице на вчерашните протести.

Во време кога земјава се соочува со сериозни предизвици во однос на членството во Европската Унија, кога по улиците се случуваат протести, а и вакви инциденти кои имаат меѓуетнички предзнак, говорот на политичарите не смее да содржи никакви спинувања кои уште повеќе би ја вжештиле атмосферата во јавноста. Секој непосакуван инцидент треба да биде осуден, сторителите на кривични дела треба да бидат изнесени пред лицето на правдата, а сите сознанија за нечија евентуална ликвидација, треба да бидат пријавени во МВР, наместо да се објавуваат единствено на социјалните мрежи, без никакви дополнителни факти. Тоа оддава еден вид неодговорност кај политичките субјекти, но раѓа и сомнежи за вистинските мотиви за присуството на протестите.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција